Ова е инспиративна приказна која би требало да ја слушнат сите мајки. Емотивното писмо на мајка на две девојчиња следува во целост.

– Пред повеќе од 8 недели го донесов своето второ бебе дома. Претходно ја исчистив куќата и наместив сè што е потребно за кога ќе дојдеме дома. Ги стерилизирав сите шишиња, ја исчистив пумпата за гради, ги организирав играчките и облеката, а пелените уредно ги наместив заедно со марамчињата под детскиот орман. Бев толку возбудена што ќе си дојдам дома со бебето.

Мојата возбуда спласна додека влегував низ вратата на нашиот стан. Моето постаро дете го уништило совршено уредениот и организиран дом во кој очекував да влезам. Пелените беа прицврстени на секое нејзино кадифено животинче и кукла. Кујнскиот под, ходникот и спалната соба беа прекриени со играчки, поради кои внимателно чекорев како да имам 5 години играјќи ја играта „Немој да стапнеш во лавата“. Брзо сфатив дека животот со мало дете и новороденче ќе биде далеку од она што го замислував. Во почетокот опсесивно чистев. Неброени часови поминав во редење на облеката, миење садови и кревање играчки од подот, повторно и повторно. Губев трпение бидејќи на моето дете сто пати дневно му велев да ја остави облеката во комодата и да ги врати играчките на место. Почнував да мислам дека сето тоа е премногу. Не можев никако да ги завршам сите овие домашни обврски и да уживам со моите деца. Нешто мораше да биде запоставено.

Пред речиси 2 недели го достигнав врвот на исцрпеноста. Пиев речиси 6 големи кафиња секој ден само за да преживеам. На раб на нервен слом, предизвикан од недостиг на сон и прекумерна стимулација со кофеин, попуштив. Ја повикав мојата баба и ѝ објаснив дека едноставно не можам, ми треба совет. Ме праша што не е во ред и во солзи ѝ реков дека не успевам во родителството бидејќи не можам ниту домот да го одржува чист и уреден. Мојата баба многу мирно ми одговори со низа прашања. „Дали се децата облечени?“, „Да“, „Дали јаделе?“, „Да“, „Имаат ли покрив над глава?“, „Да“, „Знаат ли дека се сакани?“, „Да“.

Потоа ми рече: „Твоите деца се згрижени. Имаат храна, облека, место за живот и љубов. Домашните работи може да чекаат, твоите деца не можат“.

Нејзините зборови му одѕвонуваа во ушите уште неколку дена. Престанав да чистам по секој неред. Престанав да се грижам за тоа како ми изгледа домот преку ден. Ја оставив рутината за подготвување на садовите, играчките и облеката за крајот од денот. Сега сум посреќна и помирна, а тоа го чувствуваат и моите бебиња. Посакував некој претходно да ми го кажеше тоа бидејќи се чувствував како да сум ги пропуштила двете години од животот на мојата ќерка обидувајќи се да ја задржам куќата совршена.

Децата се неуредни. Малите деца се како торнадо кое уништува сè околу себе. Но, во средиштето на таа катастрофална бура, тие се наша инспирација и фантазија. Нè потсетуваат на нашето детство и магијата која сè уште постои некаде длабоко во нас.

На сите идни мајки, нови мајки, мајки ветеранки и мајки кои се борат: Домашните обврски може да почекаат. Верувајте ми, вашите бебиња не можат. Прифатете ја магијата, правете нереди и поврзете со нив без разлика на домашните обврски, исцрпеноста и стресот.

Автор: Ана Хлача

Извор



912

X