Воспитување

Домашните обврски може да чекаат, но вашето дете не може!

Пред повеќе од осум недели го донесов моето второ бебе дома од болница. Претходно ја исчистив куќата и наместив сè што ни требаше за кога ќе се вративме дома. Ги стерилизирав шишињата, ја исчистив пумпата за гради, ги организирав играчките и облеката, и уредно ги наредив пелените и марамчињата. Бев толку возбудена што го доведов нашето бебе дома и го запознав со ќерка ми.

Мојата возбуда престана кога влегов низ вратата од нашиот стан. Додека бев во болница и ги впивав тие први прекрасни денови со моето мало момче, моето постаро дете го уништило совршено уредниот и организиран дом, во кој очекував да влезам. Пелени за новороденчиња беа прикачени на секоја нејзина кадифена играчка и на куклите. Подот од кујната, ходникот и од спалните соби беше покриен со играчки, што ме тераше да чекорам претпазливо како да имам пет години и да играм игра „не гази на лавата“.

Брзо сфатив дека животот со мало дете и новороденче ќе биде далеку од она што го замислував. На почетокот опсесивно чистев апсолутно сè. Поминав безброј часови преуредувајќи ги алиштата, миејќи садови и кревав играчки од подот одново и одново. Го губев трпението затоа што му кажував на моето дете стотици пати на ден да ја остави облеката во комодата и да ги остави играчките на место кога ќе заврши со играњето. Почнав да мислам дека сето тоа е премногу за мене. Не можев да ги извршувам сите овие домашни работи и да уживам во тоа што сум со моите деца. Нешто мораше да се занемари.

Пред околу две недели достигнав врв на исцрпеноста. Пиев речиси шест големи кафиња секој ден, само за да преживеам. На работ на ментален слом, предизвикан од недостиг на сон и прекумерна стимулација од кофеин, едноставно попуштив. Ѝ се јавив на баба ми и ѝ објаснив дека едноставно не можам повеќе да го правам ова, ми беше потребен совет. Ме праша што не е во ред и во солзи ѝ реков дека не успевам во родителството затоа што не можам да ја одржувам куќата уредна и чиста. Баба ми одговараше многу смирено со низа прашања.

„Дали децата се облечени“, одговорив „Да“.

„Дали децата јадеа?“, „Да“.

„Дали децата имаат покрив над главата?“, „Да“.

„Дали децата знаат дека се сакани?“, „Да“.

Тогаш таа ми рече: „Џесика, твоите деца се згрижени. Тие имаат храна, облека, место за живеење и љубов. Домашните обврски може да чекаат, твоите деца не можат“. Нејзините зборови ѕвонеа во моите уши уште неколку дена.

Престанав да чистам по секој неред. Престанав да се грижам за тоа како изгледа мојата куќа во текот на денот. Сега сум многу посреќна и помирна, а тоа го чувствуваат и моите деца. Посакувам некој да ми го кажеше ова порано бидејќи сега се чувствувам како да ги потрошив првите две години од животот на ќерка ми обидувајќи се да ја одржувам својата куќа совршена.

Децата се неуредни. Малите деца се како торнадо кое уништува сè околу нив. Но, во центарот на таа катастрофална бура, тие се нашата инспирација и имагинација. Тие нè потсетуваат на сопственото детство и магијата што сè уште постои некаде длабоко во нас.

До сите идни мајки, нови мајки, мајки ветерани и мајки кои се борат: Домашните обврски може да почекаат. Верувајте ми, но вашите бебиња не можат. Прифатете ја магијата, направете неред и поврзете се со нив без оглед на домашните обврски, исцрпеноста и стресот.

Автор: Ема Јуриќ

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top