Ново истражување покажа дека употребата на пренатални витамини во бременоста може да влијае врз составот на микробиомот на мајчиното млеко.
Неодамнешно истражување на научници од Универзитетот „Пурдју“ во САД покажа дека пренаталните витамини за бремени жени можат да го променат составот – особено разновидноста на бактериите – на мајчиното млеко.
Резултатите од истражувањето беа презентирани на конгресот на Американското друштво за исхрана – „Нутришн лајв онлајн 2021“, што се одржа на интернет од 7 до 10 јуни. Истражувањето е спроведено од научниците Рана Чехаб и Мишел Форман од Универзитетот „Пурдју“ во САД.
Научниците проучувале како исхраната и додатоците во исхраната користени од бремени жени влијаат врз составот на микробиомот на мајчиното млеко. Во претходните истражувања не бил утврден точниот извор на бактерии пронајдени во мајчиното млеко, иако некои резултати посочуваат дека тие можат да бидат поврзани со цревата, кожата на дојката, па дури и устата на новороденчето.
Истражувачите анализирале 771 бремена жена. Тие почнале со собирање податоци за нивната исхрана и навики на земање додатоци во исхраната за време на бременоста. Сите бремени жени пополниле прашалник за тоа каква храна јадат и колку често ја јадат, па според видот на исхраната биле класифицирани во три категории на исхрана: веганска, западна и избалансирана.
Во периодот од два до шест месеци по породувањето, научниците собрале примероци од мајчиното млеко од истите жени и ја анализирале неговата микробиолошка разновидност со секвенционирање на генот 16S rNA.
Се покажало дека исхраната нема толку силно влијание врз составот на мајчиното млеко како додатоците во исхраната што ги користат бремените жени. Дури 88 отсто од жените во истражувањето изјавиле дека земале пренатални витамини. Млекото на жените што редовно консумирале рибино масло или фолна киселина во текот на бременоста покажало пониско ниво на микробиолошка разновидност. Само 4 отсто од бремените жени користеле витамин Ц и нивното млеко имало поголема микробиолошка разновидност.

Нивното млеко имало поголема количина на бактерии од родот „Veillonella“, додека концентрацијата на бактерии од родот „Finegoldia“ и „Stenotrophomonas“ била малку помала. Се проценува дека новороденче кое консумира околу 800 мл мајчино млеко внесува 105 -107 комензални бактерии дневно, поради што постои сличност во составот на микробиотата на мајчиното млеко со микробиотата на цревата на новороденчето.
Бактериите што се наоѓаат во мајчиното млеко помагаат да се наполнат цревата на бебето, што пак помага да се создаде посилен, пореактивен имунолошки систем и метаболизам. Ова е особено важно за бебињата родени со царски рез, бидејќи е докажано дека млекото на мајките што родиле со царски рез е различно и не е толку богато со микроорганизми како млекото на мајките што имале вагинално породување.
Од оваа причина, на жените им се препорачува, доколку можат, да дојат исклучиво до шестмесечна возраст, а можеби и подолго.
Доењето е важен фактор за воспоставување и развој на микробиотата.
Мајчиното млеко се смета за еден од важните фактори за утврдување на метаболички и имунолошки одговори поврзани со здравјето на детето. Придобивките од доењето за мајката и бебето се:
– Може да го намали ризикот од синдром на ненадејна смрт кај новороденчиња, што е најчеста причина за смрт кај доенчиња помеѓу две недели и 1 година.
– Може да го намали ризикот од некротизирачки ентероколитис кај новороденчето. Го намалува ризикот од висок крвен притисок, дијабетес, рак на јајчници и рак на дојка кај мајката.
– Го намалува ризикот од астма, дебелина, дијабетес, респираторни заболувања, инфекции на ушите, гастроинтестинални проблеми кај доенчиња.