Добро го паметам денот кога на Сара првпат ѝ реков: „Мама не може“. Ја помнам тежината на изговорените зборови и на тоа како со денови се подготвував да ми излезе од уста: „Не можам“.

Јас не можам. Мама не може.

Попладне како и секое друго – го завршував ручекот во кујната додека тие играат во собата. Сара весело доскокна до мене и ми рече: „Мамо, носи ме“. Дотогаш секогаш ја земав в раце и продолжував да готвам со неа, заземајќи некоја искривена положба за да ја тргнам од потенцијалната опасност од шпоретот. Поза од која ме болеше грбот. Со Софија, која веќе нервозно цивкаше и заморот кој владееше со секој дел од моето тело, знаев дека тоа е тој момент. Моментот за „не“. Претходно тој ден одлучив  да ѝ кажам „не можам“ кога нешто ќе ми биде тешко.

На моите деца им е познат терминот дека нешто „не може“, знаат дека нешто „не би требало“, или дека „не е убаво“. Но, дотогаш никогаш не слушнале дека мама нешто не може. Воздивнав длабоко и реков: „Глувче мое, не можам. Мама не може“. Неколку секунди тишина и чувство на тешкотија. Сара ме погледна мирно и се врати назад да си игра. Иако не беше тажна, ниту разочарана (а тоа е нешто што таа никогаш не би го скрила), јас се чувствував грозно, уверена дека сум најлошата мајка на светот.

Во мојот ментален склоп (кој се промени со раѓањето на моите ќерки) не постои нешто што мајките не го можат. Отсекогаш сум сметала дека мајките се семоќни. Свесна за реалноста, јасно ми е дека има мајки што не заслужуваат да бидат така наречени. Но, во мојата глава, мајките можат да направат сè, особено кога сакаат.

Во мојот свет мајките работат и кога не сакаат, бидејќи некој некогаш мора и некогаш треба. Во мојот свет мајките се вистински суперхерои. Можеби бидејќи имам мајка која може сè и бидејќи таа има мајка која може сè и знам дека и мојата баба имала мајка која можела сè… И отсекогаш сум сакала да бидам таква мајка (дури и пред воопшто да посакам навистина да бидам мајка). Таа што нема да чека сопругот да дојде од работа за да оди на прошетка. Онаа што сама ќе може да ја качи количката со едно или две деца. Мајка која ќе го носи своето дете без разлика дали е бремена или не. Мајка која од продавница секогаш носи кеси бидејќи секогаш нешто треба. Мајка на која нема да ѝ биде проблем да оди сама со нив две на лекар, на детски роденден, на другиот крај од градот. Со превоз, со количка, со помош на носилка, рака, нога. Мајка која ќе умее да остане сама со нив две кога сопругот е на пат. Која нема да ја кочи тоа што не е возач, што нема лифт до станот, што во зградата нема место за количка. Мајка која ништо нема да ја спречува сама со своите деца да оди каде што треба и каде што сака.

Уште од раѓањето на едната, па на другата ќерка и со ваква поставеност на нештата, не требаше да помине многу време – децата знаеја, а околината полека прифаќаше дека мајката може сè и дека може сама. И тоа полека, но сигурно стануваше наша константа.

Другите околу мене, вклучени во животот на моите деца, полека се повлекуваа, а јас секоја нова ситуација ја прифаќав со манир: „Не мораш ти, јас ќе завршам. Можам сама. Навистина нема потреба да помогнеш“. Го изговарав тоа лесно. Другите немаа потреба, а всушност јас не сум дозволувала да помогнат, да се вклучат. Зошто да ми помогнат кога можам? Кога морам да можам, бидејќи – јас сум мајка.

А колку трае тоа дека мама може сè (речиси) сама, сфатив по многу месеци кога од мајка суперхерој горда на себе станав изморена и нервозна мајка која ја боли грбот и рацете ѝ се тегнат до земја. Мајка која може сè, а која со тоа делумно ги врзала децата за себе и со тоа ги спречувала.

Моето изморено и запуштено лице во огледалото не ми беше доволен знак нешто да променам. Алармот почна да ѕвони кога почнав да увидувам дека работам против своите деца. Бев нивен суперхерој и тоа големо бреме им го закачив околу вратот. Бидејќи кога мајката суперхерој може сè, во детските очи никој друг не може ништо доволно добро.

Во животите на моите и повеќето други деца постојат и други луѓе освен мајки. И, иако сите тие не се мама и можеби не умеат да направат исто како мама, умеат да го направат тоа доволно добро. А верувајте, понекогаш можат и подобро, особено кога мама е изморена и не може повеќе.

И затоа е важно понекогаш мама да им каже на своите деца дека не може. Затоа е важно мама да дозволи некој да ѝ помогне, дури и кога таа може самата. Јас сè уште се учам себеси да кажам „не можам“ тогаш кога го чувствувам тоа. Не затоа што во тој момент не би можела уште малку да се потрудам околу своите деца. Туку затоа што кога јас можам – никој друг не може.

Автор: Јасмина Дражиќ

Извор



912

X