Современо семејство всушност е збир од поединци кои живеат паралелни животи во ист станбен простор. Во тоа семејство нема разговори какви што помнат нашите стари од времето кога се собирале околу огништето, кога по работниот ден се зборувало за сето она што е важно во животот, младите се поучувале, фалеле, укорувале… Институцијата брак е во сериозна криза. Во него брзо се влегува, а уште побрзо се излегува. Почетокот на сè се чини дека е во „свадбениот натпревар“ на семејството на младенците, извиците „згази го“ од страна на семејството на невестата пред олтарот и племенското ликување на зетот кога невестата го зема неговото презиме.

 Сопружниците често развиваат натпреварувачки наместо партнерски односи, а Бог нè создал различни за да создадеме семејство, оценува специјалистот по медицинска психологија д-р Влајко Пановиќ, клинички психолог во Воено-медицинската академија во Белград. Говорејќи на тема „Криза на современото семејство“, д-р Пановиќ истакнал дека денес низ различни њуејџ-филозофии се форсира индивидуализмот, медитативното спојување со „универзалната интелигенција“, која дава илузија на моќ и го прави човекот целосно немоќен за чувствување емпатија, имун на болка и солидарност.  На денешниот човек животот му е технички олеснет, но истовремено човекот е и технички заробен, осамен и несреќен.

– Има сè повеќе деца зависници од социјалните мрежи и од видеоигри со кои јас работам. Не сакам ниту да се обидам да го допрам текот на историјата, но мораме да најдеме начини да се одредиме според содржините на современата доба, а да го сочуваме она што е традиционално добро. Израснав во повеќечлено семејство во кое дедото ги организираше обврските за нас, децата, а ние безусловно ги прифаќавме. Денес имаме семејства во кои децата не можат да научат да го фрлат ѓубрето, да ручаат навреме… Исто така, постојат тешкотии во поставувањето граници… Децата се одгледуваат како божества, а тоа ја оневозможува нивната подготовка за реалниот свет. Родителите ги штитат од обврски и потоа запаѓаат во сопствени замки бидејќи децата стануваат тешки за комуникација. Недостига заедничко време и спонтани семејни излегувања. Современите семејства сè потешко наоѓаат место и време за тоа, а со тоа недостигаат и разговори, такт и трпение во меѓусебните односи – вели Пановиќ.

До седмата година кај децата би требало да се изградат три табуа: агресија, автоагресија и инцест

Децата мора да научат рационално да ги користат мобилните телефони и компјутери. Мораме да бидеме обѕирни и да ги водиме кон она што ќе им помогне да се дефинираат себеси како човечки битија. Да ги насочиме да ја освојуваат перцепцијата на убавина и добрина, да развиваат толеранција и да не ги исмејуваат различните од себе, советува искусниот лекар. Сè помалку има радост во човечките животи. Денешниот човек сè повеќе се адаптира, а сè помалку е господар на своето време за разговор и спонтано мислење. Покрај родителските, децата ги усвојуваат и пораките преку телевизија и интернет. Умот им е преполн со слики кои ја попречуваат фантазијата, а која е неопходна за креација. Виртуелниот свет се меша со реалниот, а губитокот на тестот за реалноста е првиот критериум за лудилото. Не треба да се крева паника, но мораме да се замислиме, укажува д-р Пановиќ.

До седмата година кај децата би требало да се изградат три табуа: агресија, автоагресија и инцест. Денес, истакнува д-р Пановиќ, се случува децата да ги прекршат некои од табуата и пред тие да бидат изградени. Важно е во животите на децата сите ние, возрасните, да бидеме активно присутни, да им помогнеме при изборот на содржини кои ќе им бидат за спасение, а не за поттикнување адреналин и возбуда која ја нуди надворешниот свет, заклучува д-р Влајко Пановиќ.

Извор



912

X