Секој родител се нашол во непријатна ситуација да забележи како туѓо дете има некој облик на недолично однесување, без разлика дали се работи за туркање на некое дете на лизгалка во парк, изговарање грди зборови или гризење, штипење или удирање на неговото или некое друго дете. Па, тоа не се ретки, исклучителни ситуации бидејќи децата ќе направат некој „погрешен“ потег, а за тоа воопшто и да не се свесни. Но, што треба да направи возрасно лице, да остави работите да се одвиваат по својот тек и децата сами да ја решат ситуацијата или баш зошто е возрасно и зрело лица, да преземе одговорност и на децата да им укаже на непримерното однесување?
Како би се чувствувале ако некој го дисциплинира вашето дете?
Ајде прво да разјасниме што значи зборот „дисциплинирање“. Веројатно на секој родител, па и вам, би ви пречело ако некој му вика на вашето дете кога ќе направи некоја, по ваше мислење, неприфатлива работа. Исто така, не би сакале некој да го казнува вашето дете, на пример, да го стави „на пауза“ или да го исклучи од игра, а за телесно казнување и да не зборуваме бидејќи е недозволиво и кај дисциплинирањето на сопствените деца. Кога мојата ќерка имаше околу 3 години, семеен пријател ѝ се развика. Таа дотрча плачејќи до мене. Тогаш мојот сопруг рече дека тоа е соодветно бидејќи направила погрешна работа. Не се согласив. Дисциплинирањето е насочување на детето кон подобро однесување. Ако сакате да одговорите на ова прашање, морате да земете предвид дека секој родител има своја дефиниција на „насочување“, но и дека секое семејство има некои свои правила на однесување. Исто така, важно е да се истакне колку вие, како моментално единствена присутна возрасна личност, сте блиски со семејството и дали вашиот однос е исполнет со доверба или не. Ако сте блиски и веќе сте разговарале со родителите на детето кое игра со вашето дете, за кризни ситуации, и ако сте навистина сигурни дека тие се согласни со вашиот начин на насочување, обидете се. Но, ако се работи за дете со чии родители не сте на тоа ниво на блискост, подобро е насамо со нив да разговарате и да укажете на проблемот кој сте го забележале, па ним да им го препуштите воспитувањето.
Ако туѓото дете игра со вашето дете во вашиот дом, не претпоставувајте дека ги знае правилата на однесување во вашето семејство
Сите добро знаеме што се случува кога нешто претпоставуваме. Тоа значи дека не знаеме со сигурност. Па така, кога туѓото дете игра кај вас дома, бидете свесни за разликите во воспитувањето, пристапот кон децата и правилата во секое семејство. Важно е другите деца, кои доаѓаат во семејната куќа, да ги почитуваат правилата на семејството што го посетуваат. Ако не ги знаат, нема да може да ги почитуваат. На почетокот од играњето треба да им ги кажете правилата и на своите и на туѓите деца и тоа да биде ваш заеднички договор. На пример – „не дозволуваме пцости во оваа куќа“ или „не скокаме на креветот со валкани чевли“. А ако постои нешто што навистина не го дозволувате, известете ги децата за границите пред почетокот на играњето.

Ако сепак морате да се вклучите, направете го тоа нежно
Ако сметате дека е потребна интервенција, постојат неколку начини на кои можете да го решите проблемот. Во зависност од возраста на детето, најдобро е да му го одвлечете вниманието или на забавен и духовит начин да му објасните што не е во ред со моменталното однесување. Не треба да дозволите работите да излезат од контрола бидејќи е можно да бидете и цврсти и љубезни во исто време.
Кога се работи за туѓи деца, разговарајте со нивните родители пред заедничката игра
Ако имате некои свои семејни правила, пред да дојдат децата на игра, објаснете им на родителите и разменете мислења. Добро е да се провери дали се согласуваат родителите со тоа дека сте помалку либерални кога е во прашање времето поминато пред екраните, јадењето слатки или пиењето газирани пијалаци. Исто така, ако сте вие тој родител кој ги води децата во парк, известете ги родителите за тоа колку слобода им давате на децата во движењето, кои работи се дозволени кај вас, а кои не се. Полесно ќе ви биде кога претходно ќе се договорите за границите на однесување и начинот на кој ви е дозволено да комуницирате со децата.
Автор: Сања Маташиќ