Беше еднаш еден наставник по предметна настава. Ја сакаше својата област и уживаше во работата во училиштето. Одлично му одеше пренесувањето знаења и вештини, беше креативен и ефикасен во тоа. Сепак, и покрај тоа му се случуваше да затаи при воспоставувањето дисциплина во одделението.

Покрај многубројните болки на наставната практика кои се појавуваат и исчезнуваат, управувањето со одделението и воспоставувањето дисциплина се присутни со децении. Тие може да ви задаваат грижа и стрес дури и ако имате повеќегодишно искуство. Зошто? Затоа што начините на воспитување, како и децата, сами по себе се менуваат. И вие се менувате.

Еве еден совет кој се однесува на вашата ситуација во училницата.

Добро ви се познати активностите за вклучување на ученикот во креирањето правила на однесување. Примената на тој модел особено се препорачува за учители и наставници што водат одделенија од самиот почеток на првиот образовен циклус. Нашиот наставник од почетоков на приказната знаел дека децата сакаат да се придржуваат на она што самите (со ненаметливо водење на возрасниот) го предложиле. Како одделенски раководител, исто така бил свесен дека е важно да се почека во одделението да се создаде чувство на заедништво за правилата да се состават на групно ниво. А каде сум јас тука како наставник? Како понатаму?

Правила за возрасни

Правилата за однесување важат за учениците, но за вас се уште подетални. Не е толку сурово како што можеби изгледа на прв поглед. Напротив. Вие за децата сте модел на однесување и од вас се очекува доследност. Овој потсетник добро ќе ви дојде за да утврдите дали и вие се придржувате на некои правила:
– бидете доследни без исклучок: спроведете ги последиците кога е прекршено правилото што самите сте го креирале заедно со децата;
– не дозволувајте си да се вовлечете во борбата на моќ: ситуацијата во училницата не е ни победа, ни пораз, тоа не е натпреварување меѓу вас и децата;
– не засрамувајте го ученикот: не ви е целта да предизвикате срам кај детето, туку да го почитува договореното;
– останете сталожени и контролирајте го бесот: зборувајте мирно, но не прифаќајте ги изговорите од ученикот;

Ако сте силно убедени дека сето ова го применувате без исклучок и не сакате и понатаму да се преиспитувате, нема потреба да продолжите со читањето на овој текст.

Неколку предлози

Нашиот одделенски раководител си призна себеси дека не секогаш води сметка за сите овие правила бидејќи е преоптоварен со администрација, планирање и известување. Ако и вие се препознавате во тоа, еве неколку предлози што ќе ви го олеснат животот во училницата. Сетете се на она што веќе го знаете, познавањето на одделението и позитивниот контакт со децата секогаш се сигурен темел за воспоставување дисциплина.

Притоа, не го исклучуваат градењето на вашиот авторитет.

1. Губење привилегии: потсетете се на старата лекција по психологија: казнувањето не е исто што и губењето награда (поткрепување). Само ова второто е прифатливо за детскиот развој. Укинете му го на ученикот слободното време или претходно дадената награда (на пример, улога на помошник, беџ за убаво однесување и сл.)

2. Исклучување од групата: оддалечувањето на ученикот од групата поради нарушување на работата не е погубно за градењето самодоверба и слободно користете го ако претходно ги образложите причините за тоа. Видот на исклучувањето може да се движи од физичко оддалечување (во друго одделение) до краткотрајно игнорирање во рамките на групата.

3. Размислување за проблемот: на детето што не ги почитувало договорите дајте му задача да напише есеј за тоа што направило или писмо на извинување (ако е примерно на ситуацијата) или усно да опише што се случило пред вас или пред училишниот психолог/педагог.

4. Казнени задржувања: тоа може да бидат состаноци по наставата или во текот на големиот одмор, се разбира, со цел да разговарате за проблематичната ситуација.

5. Посета на директорот: оваа мерка користете ја ретко, само при сериозни прекршувања како насилство во училиштето. Доколку ученикот одбива да оди, телефонски повикајте го директорот и известете го дека му праќате ученик. Трудете се да не ги испраќате децата по казна кај училишниот педагог/психолог бидејќи тоа не смее да биде инстанција што ќе ги заплашува.

6. Израз на разочарување: ако сте создале атмосфера на почитување, учениците повеќе ќе бидат загрижени за вашите емоционални реакции. Разочаран, тажен или сериозен израз на лицето во некои ситуации може да ги наведе учениците да размислат за своите постапки.

7. Повикување на родителите: како и повикување на раководството на училиштето, и ова не треба пречесто да се употребува. Само ако проблемите станат долготрајни, повикајте го семејството на разговор.
Дури и тогаш бидете професионални: не обвинувајте ги родителите за несоодветно воспитување, туку побарајте поддршка од нив за да ја остварите заедничката цел – да му помогнете на детето.

Поттик наместо заклучок

Не откажувајте се. Децата ќе ги придобиете најпрво со топлина, а потоа со доследност и праведност. Не е тајна дека учениците од сите возрасти тоа го ценат кај учителите и наставниците. Првиот контакт со одделението е клучен. Ако во текот на првиот месец вложите доволно напори, ќе имате надомест, повеќекратна корист. Учениците несебично ќе го возвратат тоа. Бидете грижливи кон децата, но доволно цврсти, слушајте ги и следете ги и не сомневајте се во себе!

Автор: Тамара Костиќ, психолог

 



912

X