Индија е огромна земја со големи контрасти во која растат речиси 400 милиони деца, што е најголема детска популација на светот. Традиционалното индиско родителство е под влијание на културата и религијата и е засновано на пренесување на традиционалните вредности. Проширеното семејство во кое расте детето му дава многу љубов и силна поддршка во текот на растењето.

Во Индија раѓањето на детето се слави со ритуално добредојде и благословување преку песни. На самото породување, пред пресекувањето на папочната врвца, таткото му се моли на Севишниот за интелигенција, сила и убавина на детето, ја допира неговата уста со златна лажица или со прстен намачкан со мед и путер. Потоа трипати му го шепнува зборот „вак“ (говор) во десното уво, по што се пеат мантри кои на детето би требало да му обезбедат долговечност и среќа.

Бебињата се сметаат за голема радост и благосостојба на домот и често се третирани како мали божества на кои им се угодува, се разубавуваат со шминка и накит, се масираат со масла и се хранат со најдобрата храна што ја има семејството. Ретко се препуштени сами на себе и оставени без внимание и надзор – секогаш се во прегратката на мајката, во носилка поставена околу нејзиното тело, или во рацете на некој од семејството. Девојчињата се обожаваат како персонификација на божиците, додека момчињата се воспитуваат како наследници кои ќе ја продолжат семејната лоза. Во децата родителите гледаат иднина на семејството, помош во секојдневните работи и сигурност во староста.

Деца без детство

Децата што растат во големите градови се воспитуваат на начин кој е поблизок до западниот модел на воспитување. Во руралните краеви уште постојат практики кои во западниот свет се сметаат за нездрави – украсување на детските тела со лузни, користење тревки наместо современи лекови, употреба на опијати за смирување на децата и исклучиво доење во првите неколку години од животот. Индиските психолози уочиле дека децата во Индија развиваат извонредно силна врска со мајката, која често недостигот од блискоста на партнерот ја надоместува со претерано поврзување со децата. Долготрајното доење, спиењето во постелата на мајката, бабата и дедото и постојаното подарување создаваат од индиските деца луѓе што имаат претерано нагласена потреба за заштита од страна на другите. Поради тоа, семејството е пошироко и пошироката општествена заедница е многу важна и ценета.

Индиското општество го одликуваат јасно дефинираните односи во семејството. Многу е важно почитувањето на авторитетите и општествените норми. Децата мора да ги почитуваат родителите. Патријархалниот модел на семејство доминира во сите опкружувања, таткото или најстариот машки член во семејството ги донесува сите важни одлуки, кои се однесуваат на членовите, а жените се грижат за домаќинството и за децата. Духот на заедништвото е изразено ценет, а од секој поединец се очекува да се однесува така што нема да го извалка семејното име, да покажува скромност и самоконтрола.

Хиндусите веруваат дека децата се способни за учење од најрана доба и од многу рано почнуваат да учат за контролата на физиолошките потреби и ги извршуваат во тоалет, околу првиот роденден. Околу петтата година, барањата од околината кон децата се зголемуваат и тие добиваат свои задачи. Во земјоделските краеви учествуваат во работата. Во градовите, децата од сиромашните семејства работат како помошници во богатите домаќинства. Веќе од шестата или седмата година од нив се очекува да работат полно работно време. Во некои области децата се жртва на експлоатација на трудот, па работат во фабрики, правејќи килими, пиротехнички средства, па дури работат и во рудници.

Момчињата се на цена

Индија е земја во која многу се посакува машко дете. Многубројни се причините поради кои им се дава предност на момчињата. Во земјоделските краеви машките деца се тие што остануваат на имотите и се грижат за родителите кога ќе остарат. Во регионите каде што има повеќе насилство, мажите значат и сигурност за домот и семејството. Од друга страна, женското дете е голем трошок – по мажењето оди во домот на сопругот, а со себе носи и мираз. Освен тоа, родителите се должни и да ги платат сите свадбени трошоци, а сите приходи што ќерката ги стекнува одат кај семејството на сопругот. До крајот на 20 век тој мираз значително се зголемил и станал преголем товар за многу родители. Исто така, во повеќето краеви е неопходен машки наследник за изведување на погребните ритуали за родителите.

Од таа причина правени се многу магиски работи за да се влијае врз тоа новороденчето да биде момче. Ритуалот „пумсаванам“ се изведувал во третиот месец од бременоста, така што трудницата консумирала клас јачмен и други зрна од религиозно значење. „Пуликути“ е сличен ритуал, во кој жената која е бремена првпат пие сок од кисело овошје за да се осигури дека ќе роди машко дете. Како и во секоја култура, практикувани се и одредени начини за предвидување на полот. Во еден од нив најмладиот член на семејството покажува со прст кон трудницата, а во зависност од името на телесниот орган најблизок до вперениот прст се заклучувало дали жената носи машко или женско.

Со оглед на тоа дека машките деца се ценат повеќе од женските, девојчињата во Индија растат во потешки услови отколку момчињата. Забавите по повод раѓањето се помалку свечени, а често и ги нема кога ќе се роди женско дете. Девојчињата почесто патат поради лошата исхрана, нивното здравје често е занемарено, а се прават и многу абортуси поради полот.

Чедоморството е зачестена причина за смрт на девојчињата. Сето тоа придонесува да има пропорционално поголем број момчиња во однос на девојчиња – 1.000 наспрема 972 по пописот во 1991 година. Образованието во Индија е задолжително за сите деца, но многумина сепак остануваат неписмени, особено девојчињата. Причина се големиот број обврски што условите за живот им ги наметнуваат на децата од сиромашните семејства. До скоро половина од децата помеѓу 6 и 14 години не оделе на училиште, а тоа е околу 82 милиони мали деца на кои им е скратено основното образование. Последните години Индија во тој поглед многу напредувала, па стапката за одење во основно училиште достигнала две третини од детската популација. Подоброто образование почнува да резултира и со економски напредок на оваа навистина голема земја со многу луѓе во која животните околности од децата прават мали-големи луѓе.

Автор: Јована Папан



912

X