доц. д-р Калина Сотироска-Иваноска, психолог

доц. д-р Калина Сотироска-Иваноска, психолог

Декан на факултетот за општествени науки при Меѓународниот универзитет Визион во Гостивар
е-пошта: kalinasotiroska@gmail.com

Повеќе од авторот

На сите ни е познато дека емотивните трауми што се доживеани во детството може да имаат последици во возрасната доба. Многу е голема веројатноста дека знаци од преживеаните емотивни трауми во детството ќе се забележат и кога децата ќе станат возрасни личности. Децата му даваат сопствено значење на она што им се случува, како и на настаните на кои се сведоци, и на тој начин го обликуваат светот во кој живеат. Последиците можеби не можат конкретно да се детектираат, но се чувствуваат.
Нашите родители се примарните фигури за поврзување, а притоа играат важна улога за тоа како ќе се доживува светот, бидејќи тие се основата за нашата перцепција на животот и на светот.

Искуствата доживеани во детството се темелите на стилот на поврзување во текот на целиот живот, за тоа како градиме врска со друго лице, но и како емотивно реагираме кога ќе се разделиме од некого.

Сигурна поврзаност

Најчесто луѓето кои како деца пораснале во релативно среќни, здрави и стабилни семејства, каде што родителите се обиделе да ги задоволат нивните емотивни потреби и се грижеле за нив, воспоставуваат стабилни односи со партнерите. Не ги притискаат постојано до себе, ниту пак се рамнодушни кон нив. Тоа не значи дека немаат проблеми во односите со партнерите, но нестабилното поврзување не е причина. Луѓето што воспоставуваат сигурна поврзаност генерално се конзистентни и сигурни во своето однесување кон партнерот.

Избегнување несигурна поврзаност

Ваквата поврзаност најчесто се јавува кај деца чии родители ги отфрлале или не одговарале на нивните емотивни потреби. Децата учат начини на однесување како да избегнат одбивање. Тие начини се развиваат и како возрасни се чувствуваат непријатно при емотивна отвореност и можат да ја негираат својата потреба за интимни врски. Ја нагласуваат независноста и ѝ даваат голема вредност на самостојноста, со што се бранат од воспоставување долгорочни емотивни релации.

Страв од отфрлање

Родителите многу често ги третираат децата како извор на сопствена поддршка и удобност, но исто така кога постојат ситуации на злоупотреба, родителите стануваат извор на повреди. Кога ќе пораснат, овие деца се свесни за вредноста на односите, но чувствуваат страв дека ќе бидат отфрлени и не им веруваат на другите. Поради тоа, избегнуваат емотивно отворени врски со други луѓе од страв дека ќе бидат отфрлени.

Амбивалентна поврзаност

Родителите покажуваат грижливо и внимателно однесување, но во одредени периоди можат да бидат ладни и да ги отфрлат потребите на децата. Така децата се наоѓаат во ситуации кога не знаат што да очекуваат. Овие деца најчесто како возрасни се премногу чувствителни во односите што ги воспоставуваат со другите, постојано ги детектираат промените во односот, а тие промени ја зголемуваат анксиозноста. Притоа вложуваат голем напор во зголемување на поврзаноста со другите лица, а од нив очекуваат постојано докажување и давање признание за нивната предаденост.

Од наведеното може да се заклучи дека од раните емотивни искуства во детството се формираат начини на воспоставување односи како возрасни, со што треба да се зголеми свесноста на родителите за базата што ја поставуваат. Како родители, освен базичните потреби, имате можност да им помогнете на децата да развиваат сигурни и здрави односи кога ќе бидат возрасни.

Сетете се само како реагирате кога сте вознемирени. Најчесто вашето однесување е пасивно-агресивно или се повлекувате или, пак, одржувате секогаш лажна среќна верзија од себеси. Овие, како и многу други начини на однесување, може да бидат поврзани со емотивните трауми во вашето детство.
Доколку родителите не воделе грижа или ги отфрлале децата, тогаш многу е веројатно да се развие одбегнувачки стил на поврзување.



912

X