Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје, смета дека не е безбедно да се посетуваат парковите, дека постои опасност од зараза од коронавирусот, но и дека е потребно децата да играат и да се дружат

Детските игралишта деновиве сè повеќе се полнат. На многу места нема ни празни клупи, а камоли слободни реквизити. Децата се на распуст, летото е во полн ек, па само чекаат сонцето да почне да заоѓа и да се намалат горештините за да излезат надвор. Цел ден затворени дома, едвај чекаат да излезат да си играат со другарчињата, а и дневно акумулираната енергија мора да се потроши. Најлесно и најбрзо го прават тоа на маалските лулашки, вовчињата, лавиринтите, куќичките… Се чека ред за лизгање, се скока од еден реквизит на друг. Забавата е пуштена на најсилно. А тие, деца како деца, сакаат да играат, заборавајќи на опасноста од коронавирусот за која со месеци наназад зборуваат сите и чии последици ни се секојдневие.

Свесни дека на децата им се потребни игра и дружење, и многу родители решението за тоа го бараат во детските игралишта – кој со заштитна маска, кој без неа.  Други, пак, исплашени, свесни за опасноста и доследни на здравствените препораки, ги избегнуваат тие места, се дистанцираат, одат кај што нема други луѓе, но на такви места ја нема забавата што ја бараат децата.

Поради сето тоа, и едните и другите многу често го поставуваат прашањето: Колку е безбедно да се игра во детските паркови?

Децата не можат да се стават во протокол

Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје, смета дека не е безбедно да се посетуваат парковите, постои опасност, но секако и дека е потребно децата да играат и да се дружат.

– Најголемиот ризик се децата, затоа и сè уште не се пуштени градинките. Децата не можете да ги ставите во протокол, не можат да држат растојание, деца се тоа. Не може да носат маска. Како ќе си играат во земја и ќе носат маска, не оди тоа така. Тоа е проблематично. Инаку, децата можеби и нема толку да се разболат како возрасните, но може да ја пренесат болеста. Прашувате дали треба да се дезинфицираат јавните паркови? Што значи тоа, секој ден, на секој час ќе се дезинфицираат, нелогично е. Но, секаде каде што се групираат луѓе постои опасност од зараза. И децата се луѓе. Па, дали ќе биде тоа свадба, мекици, рамазан или парк, без разлика, секаде каде што се групираат постои ризик. Но, не може децата да не се дружат и да не си играат. Но како, како да го направиме тоа? Како да се обезбедат ваквите места? Не е решение доколку секој ден се праќа екипа да се дезинфицира игралиштето на отворено. Не бидува. Значи, ризикот си постои. Мора сами да држат растојание. И ако отидат на плажа, може да се бањаат, но на плажа да си држат растојание, да не се групираат и да ги дезинфицираат рацете, друго решение немаме. Само од нас зависи. Сами да внимаваме на себе – вели директорот Стојанов.

Однесувањето на децата зависи од родителите

Ирена Бухова, директорка на Државниот здравствен и санитарен инспекторат, вели дека живееме во време кое, поради пандемијата, ни диктира нов начин на живот, односно начин на однесување, за сите.

– Посебно чувствителна група се децата. Особено децата на претшколска возраст кои биле или се во домашна самоизолација, поради самоизолација на родителите, од која било причина, без разлика дали родител е позитивен на Ковид-19 или родител бил во контакт со позитивно лице. Психолозите ги детектираат и можните последици, кои секако ќе се објавуваат во периодот што ни претстои. Однесувањето на децата во јавните паркови најмногу зависи од родителите. Сè уште е во сила препораката за негрупирање, односно собирање на отворен простор на мал број луѓе. Доколку се почитуваат препораките, децата ќе бидат заштитени, како и возрасните – вели Бухова.

Дезинфекцијата е должност на субјекот кој го стопанисува паркот

Како што вели таа, одржувањето на детските играчки и реквизити во отворените паркови е должност на субјектот кој го стопанисува тоа место. Потребно е да се води грижа за механичко чистење и дезинфекција на поставените групни играчки и реквизити.

– Потребно е субјектот кој ги стопанисува да се приспособи на протоколите кои веќе се достапни на страницата на Институтот за јавно здравје, на Министерството за здравство. Доколку се тоа мали паркчиња пред згради, оваа обврска останува на куќните совети. Препораките до родителите се веќе добро познати. Кога родителот ги почитува мерките – носење маски, одржување дистанца, често и правилно миење на рацете со вода и сапун, избегнување поголеми дружења – ќе биде одличен пример за децата. Кога се надвор со децата, да се трудат да обезбедат минимум услови за безбедно движење на децата. Да се зборува со децата, секако, приспособено на нивна возраст, за состојбата во која се наоѓаме во моментов и на наједноставен начин да им се приближат мерките за заштита, кои и нам треба да ни станат рутина – додава Бухова.

Се фаќаат реквизитите, па лицето, очите, устата

И светските педијатри се согласни дека родителите го дефинираат однесувањето на децата на игралиштата и треба да внимаваат на децата. Потенцираат дека децата во игра ги фаќаат металните реквизити, а потоа знаат да се фаќаат по лицето, устата, очите, што воопшто не е безбедно. Го нагласуваат и моментот дека децата не умеат да држат растојание и затоа им треба постојан надзор од родителите.

Игралиштата се за дружба, социјализација, интеракција, што е спротивно на сето она што го налагаат препораките поради пандемијата. И сите се согласни дека на вакви отворени паркови е тешко и речиси невозможно да се направи соодветна дезинфекција.

Американскиот центар за контрола и превенција од болести предупредува дека и тимските спортови, како кошарка, фудбал, одбојка, исто така го зголемуваат ризикот од ширење на вирусот. Најбезбедни за децата се прошетки во мали групи, планинарење, игра во двор.



912

X