Лажењето се јавува околу третата година од животот. Децата имаат потреба да ја менуваат реалноста (најчесто да идеализираат), но тоа често поминува незабележано или некогаш е поддржувано и пофалено (на пример, возрасните може да ја доживеат со симпатии лагата на детето дека „се одбранило од куче со големина на крава“).
Некогаш детските лаги имаат функција на добивање незаслужени награди (на пример, кога детето ќе им каже на родителите дека добило петка, а всушност добило тројка, за да оди на кино), бега од казна (на пример, вели дека не ја скршило вазната бидејќи знае дека ќе биде казнето) или потреба некому да се допадне (на пример, „јас го нацртав тоа“). Кога детето е мало, тоа на различни начини ги квалификува лагите во однос на тоа кого лаже. На пример, детето смета дека кога ги лаже родителите, тогаш тоа е сериозна лага, а кога ги лаже врсниците, тоа не е толку страшно. Важно е на детето да му се објасни дека и тоа е лажење, без разлика кого се обидува да го измами.
Како реагирате на лага?
Особено е важна родителската реакција на лагите на детето. Реакцијата на родителот на ситуација во која не го добил очекуваниот резултат или одговор претставува минлива основа за продлабочување на лажењето кај детето или спротивно од тоа, за создавање однос базиран на доверба. Доколку реакцијата на родителите на неочекуваниот исход од страна на детето е бурна и непримерна, тоа ќе се брани преку лажење. Важно е да се создаде однос заснован на доверба! Детето нема да има потреба да лаже доколку однапред знае дека заедно ќе дојдете до решение и дека вашата реакција ќе биде сталожена. На пример, доколку добило лоша оценка, важно е на детето да му кажете дека тоа е резултат на неговиот труд, односно слабо работење, како и дека треба да вложи повеќе напор за да постигне подобар резултат. Така на детето му праќате порака дека е важно да се труди, да биде вредно и да учи, а притоа да не ја ставате оценката во фокус бидејќи знаењето и трудот имаат поголема вредност. На тој начин развивате мотивација кај детето и поголеми се шансите да се засрами и следниот пат да вложи поголем напор.
Ако спротивно на оваа реакција, вие викате, му го одземате она што му значи, му забранувате дружење и слично, поголема е шансата детето да покаже отпор и ќе има потреба да лаже. Негативизмот буди негативизам, нападот предизвикува потреба за одбрана и тогаш доаѓате во ситуација да се вртите во круг и имате впечаток дека сте во ситуација без излез, како и дека сте лош родител.
Како реагирате?
На сите им се случило нешто да искршат, искинат. Сетете се на своите реакции. Како сте реагирале и што сте направиле? Дали веднаш сте пријавиле што се случило, сте го залепиле предметот, сте обвиниле некој друг дека го направил тоа, сте го тргнале предметот за никој да не види и сте се правеле дека не знаете што се случува? На кој од вас му се случило тоа сосема случајно? Некогаш грешките се случуваат без свесна намера. На детето случајно може да му се случи некоја работа да ја оштети, а тогаш е важно да размислуваме за тоа дали детето се повредило, се исплашило… Во таква ситуација прво го прашуваме детето дали се исекло, како тоа се случило, а потоа му кажуваме дека веруваме оти следниот пат ќе биде повнимателно. Многу поголема штета можеме да направиме со непримерна реакција отколку со уништување на некој материјален предмет.
Паметно одредете ја казната
Чести се и лагите кај децата со цел вклопување во врсничка група. Како што барањата генерално се зголемиле во сите сфери на животот, тоа не ги поштедило ниту врсничките односи. Во денешно време децата смислуваат различни предизвици за врсниците кои претставуваат одраз на лојалноста, вршејќи притисок на акциите што не се примерни (на пример, предизвикување на наставникот, подметнување замки, крадење и слично). Кога една од основните потреби на луѓето е да бидат прифатени од страна на социјалната средина, децата што немаат доволно самодоверба и се несигурни во себе многу лесно се согласуваат на вакво нешто само за да добијат свое место во друштвото.
Ваквите ситуации се многу тешки, како за детето така и за родителите. Овде, исто така, е важно родителот да ја разбере разликата помеѓу „сакам да ме прифатат“ и „арогантен сум, па што“. Тогаш е потребно детето да ги сноси последиците за направеното. Важно е казната секогаш да се однесува и да биде поврзана со конкретната ситуација. На пример, доколку детето го навредило наставникот, можна казна нека биде јавно извинување пред него и другите ученици, а не казна да биде пет дена без компјутер. Секогаш треба да се земат предвид општите карактеристики на детето. Доколку некое однесување во една ситуација значајно отстапува од секојдневното однесување, потребно е да се испитаат мотивите за таквите промени. Секогаш е потребно да се има на ум дека доколку детето продолжи да се служи со лаги со цел „решавање на ситуација“, тие стануваат начин на однесување и остануваат врежани и во идниот возрасен живот. Таквото однесување е знак за недоволна зрелост и немоќ на личноста да се избори со ситуацијата на ниво на една одговорна и возрасна личност.
Автор: Маја Антониќ, дефектолог