Често можеме да слушнеме дека некое дете се нарекува срамежливо или повлечено, додека оние наспроти него се гласни, весели и сакаат да си играат со другите деца. И токму со ваквото етикетирање почнуваат проблемите.

Иако повлеченоста и срамежливоста меѓу општата популација често се сметаат за синоними, развојната психологија строго ги разликува овие два поима.
Дополнително, срамежливоста дури е и генски условена, а околу првата година од животот се јавува како природен рефлекс во близина на непознати луѓе, а својот врв може да го достигне на тинејџерска возраст. Од друга страна, за повлеченост може да се зборува дури откако детето ќе почне да развива слика за себе, кога ги создава своите мисли и чувства. И затоа не станува збор за исти поими.

Срамежливоста е сосема природна во раното детство

Но, срамежливоста може значително да влијае врз животот на детето, па затоа однесувањето на родителите и на другите лица што се вклучени во воспитувањето е од пресудна важност.

Какви видови срамежливост постојат, зошто таа се смета за општествено непосакувана и што можат да направат родителите во врска со тоа, зборува психологот Тина Брзиќ.

„Срамежливоста во денешното општество се смета за маана бидејќи ја спречува личноста да воспостави рамноправен контакт со својата околина. Таквите поединци често се несреќни, потребно им е да вложат многу повеќе труд и свесни активности за социјални интеракции, па често остануваат несфатени.

Позначајни проблеми настануваат кога децата ќе развијат срамежливост во однос на  себеси

Меѓутоа, во некои ситуации срамежливоста е сосема природна, особено во раното детство. Тогаш зборуваме за срамежливост во однос на другите. Децата едноставно сè уште не можат да ги регулираат степенот на возбуденост и дразбите што доаѓаат од околината“, објаснува психологот.

И токму затоа детето ќе се скрие зад вашите нозе или во вашиот скут кога непознато лице ќе го праша како се вика. И тоа е сосема природна реакција. Меѓутоа, позначајни проблеми настануваат кога децата ќе развијат срамежливост во однос на себеси.
„Таквиот вид срамежливост имплицира дека детето има лоша слика за себе, ниска самодоверба, па дури и самосвест. Децата што покажуваат таков вид срамежливост често се повлекуваат, слабо воспоставуваат контакти со другите, фантазираат, но понекогаш имаат и изливи на агресија. Преплашени се, се плашат од промени и грешки, а сето тоа е резултат на односот со родителите и околината“, истакнува Брзиќ.

Имено, децата не се раѓаат со лошо мислење за себе. Што мисли за себе детето во средното и доцното детство, зависи од пораките што ги добило од својата околина, најмногу од родителите, па самото продолжува да ги испраќа истите пораки. Како што напоменува психологот, често е тешко да се најде причината за лошото себедоживување на детето бидејќи пораките од околината може да се ненамерни и многу суптилни. Со други зборови, родителите често не се свесни дека ги испраќаат.

Избегнувајте да го етикетирате детето и слушајте го

Токму затоа што не се свесни за пораките што ги испраќаат, родителите или другите членови на семејството често со своите постапки прават трајна штета. Особено е штетно кога му зборуваат дека не треба да биде срамежливо бидејќи со тоа му порачуваат дека срамежливоста е нешто лошо и затоа детето не е доволно добро.
Наместо тоа, слушајте го и поттикнувајте го на нови искуства.

„На детето му е потребна поддршка, поттикнување на нови активности и ситуации, обезбедување јасен простор за правење грешки и следење на неговите потреби. Интересно е дека во британското говорно подрачје децата се нарекуваат лица со кратки нозе (short leg person) што нè упатува на тоа дека треба да ги гледаме како вистински мали личности со свој интегритет, потреби и јасно место во својата околина. Сослушувањето и согледувањето на неговата состојба, на детето му покажува дека е важно, поддржано и дека многу вреди“, објаснува Брзиќ.

И како што сè тргнува од домашното воспитување, треба да се има на ум дека на децата треба да им се даде можност самите да се развиваат, без наметнување туѓо мислење, а тоа може да се види и на помали работи, како на детските цртежи.

„Детето чувствува, следи, набљудува и сè што ќе научи го применува на себе. Затоа, кога ќе ви донесе цртеж и ќе каже: ‘Нацртав мечка’, насмејте се и заблагодарете се за подарокот. Не проценувајте наглас каков цртеж сте добиле. Ако детето ве праша дали ви се допаѓа цртежот, пофалете го неговиот труд. Многу лесно влегуваме во замка мислејќи дека знаеме подобро од децата, дека повеќе знаеме што им треба, а тие секојдневно ни покажуваат што им е важно за да се развијат во стабилни, самоуверени, вредни луѓе. Доволно е само да се следат и да се уважуваат“, заклучува Тина Брзиќ.

Ако сепак кај детето забележите први знаци на срамежливост, обидете се да реагирате што побрзо. Ако и самите сте биле срамежливи, раскажете му ја на детето вашата приказна и како „сте дошле на другата страна“.
Добро е и да создавате интеракција со други деца, но не присилно.
Во ред е на игралиштето да пристапите до други родители и нивните деца и да го прашате детето, на пример, како се вика неговото мече, па потоа на своето дете да му поставите прашање како: „Ти се допаѓа ли и тебе? Што најмногу ти се допаѓа кај него?“, но ако детето одбива секаква интеракција, не присилувајте го. Почекајте подобар момент.

Бидете внимателни во тоа да не го етикетирате бидејќи, верувајте – постојаното зборување некому дека е срамежлив може да има последици и по неколку десетлетија. Слушајте го и уважувајте го.



912

X