Животите на децата се променија поради пандемијата на коронавирусот. Многумина не одат на училиште, не ги гледаат бабите и дедовците, ниту пријателите, а се бараше од нив да останат дома со семејствата за да се заштитат. Децата учат од дома, се поврзуваат преку технологијата и даваат аплауз за клучните работници во овој период. Но, како и возрасните лица, и тие доживуваат неизвесност и збунетост и имаат прашања во врска со новонастанатата ситуација.

Низ медиумите имаше низа вознемирувачки вести за ситуацијата, но и голем број дезинформации. Појава наречена „инфодемија“. Многу ресурси беа развиени за децата за да обезбедат информации кои ќе им помогнат во справувањето со нивните грижи. Постојат весници за деца, ТВ-програми, кратки приказни, видеоклипови и слично.

Сите овие ресурси им објаснуваат на децата за вирусот и начините како да се заштитат, да одржуваат социјална дистанца и да си ги мијат рацете. Ресурсите вклучуваат и совети во однос на тоа како децата да бидат зафатени за време на карантинот. Но, повеќето од нив се развиени од страна на возрасни и можеби не се однесуваат конкретно на прашањата што ги имаат децата.

Прашања и одговори

Во студијата спроведена од Берни Картер, Луси Блејк и Џенифер Киртон ги прашавме децата во Велика Британија на возраст од 7 до 12 години како им пристапуваат на информациите за Ковид-19 и кое е нивното разбирање за вирусот и потребата за карантин.

Ни рекоа дека нивните родители биле главниот извор на информации и дека сакаат да дознаат многу повеќе од само „ќе биде во ред“ или „ измиј ги рацете“. Сакаат да добијат одговори на прашањата „колку луѓе умираат дневно?“ и „како ќе знаеме дека надвор е навистина безбедно кога карантинот ќе заврши?“ Исто така, ги прашавме родителите како тие им пристапиле на информациите за вирусот и како ги споделувале со своите деца. Откривме дека многу родители се обидувале да ги заштитат своите деца од „најлошото“ од ситуацијата и го ограничиле пристапот на децата до постојаниот прилив на информации за состојбата. Повеќето деца, сепак, се свесни дека светот е во криза, а луѓе умираат од вирусот – како што објасни едно од децата:

– Не знам што се случува бидејќи луѓето ми кажуваат дека не можам да убијам никого, но луѓе умираат секој ден.

Задржување информации

Нашето претходно истражување покажа дека родителите имаат проблем да пресудат која информација е „правилна“ за споделување со децата. Тоа доведува до задржување на информациите од страна на родителите во обид да ги заштитат децата. Во нашата студија откривме дека многу родители донесуваат слични одлуки во однос на споделувањето информации за Ковид-19 со своите деца – како што објасни една мајка на седумгодишно дете:

– Ја споделуваме секоја информација што нема да предизвика премногу анксиозност и малку ја смируваме. Претежно дискутираме за тоа како можеме да се заштитиме.

Родителите вообичаено им велат на децата дека сè ќе биде во ред. Но, од претходното истражување знаеме дека празните ветувања без соодветни факти и информации може да резултираат со појава во која децата самите ќе си ги „пополнат празнините“, користејќи ја својата фантазија и информациите што ги добиле од различни канали.

Реченицата „не грижи се“ може да не биде од помош кога некој се обидува да сфати што се случува и бара начини да се справи со ситуацијата. А сето тоа може да ја зголеми анксиозноста кај децата и чувството на неизвесност.

Што да се направи?

Децата се есенцијален дел од националните напори да се менаџира со пандемијата. Имаат право да добијат информации кои се од важност за нивната благосостојба. Ова право не е насочено само кон кажување да си ги мијат рацете, да седат дома и да не се грижат. Тие треба да поставуваат прашања и да истражуваат што се случува, заедно со возрасните на кои им веруваат.

Различните ресурси се корисни за започнување на разговорите, но не се крајната точка. Откритијата ни покажуваат дека децата имаат прашања за Ковид-19 што не се адресирани. Овие прашања се разликуваат од дете до дете. Како возрасни, треба да прифатиме и да признаеме дека ги немаме сите одговори и да бидеме доволно самоуверени за да отвориме дискусии со децата. Разговорите треба да се одвиваат на повеќе нивоа – а треба да се вклучат и наставниците и училиштата за да помогнат децата да разберат. Најважни, сепак, се разговорите помеѓу родителите и децата.

Добра почетна точка би било да го прашате своето дете: „Што сакаш да знаеш?“ и „Кои прашања ги имаш?“ На тој начин не само што децата ќе бидат охрабрени да ги идентификуваат своите грижи и потреби, туку и родителите нема да треба да се потпираат само на празни уверувања.

Автор: Луси Бреј, Холи Сарон, Џо Продероу

Извор



912

X