Мешањето во воспитувањето на децата што не се наши, дури и да се наши внуци и правнуци, секогаш е лизгав терен што може да заврши со трајно нарушени семејни односи. Сепак, како баби и дедовци, одговорни сме за нив и секогаш постојат начини да им всадиме убави вредности и позитивни навики од нашето детство. Колку е алармантна состојбата во однос на детските навики денес, кажува и познатиот хрватски педијатар д-р Миливој Јованчевиќ.

Тој зборува и за детските болести кои речиси не постоеја во минатото и има одговор зошто е тоа така. Д-р Јованчевиќ ја почнал кариерата во текот на 80-тите години во мала канцеларија во Здравствениот дом во Трешњевка. Повеќе од три децении работи со деца и тие му даваат одличен пресек на разликите и причинско-последичните врски помеѓу детството некогаш и денес.

Тој смета дека главен проблем е предолгото време поминато во затворено. Сè почнува уште во градинка, каде што децата добиваат респираторни инфекции неколку пати месечно.

– Во затворен простор децата само треба да јадат, да спијат и да одат во тоалет. Сите научивме да бидеме во загреан простор во зима, а децата треба да спијат во незагреана соба. За мене, најздрави се децата од приградските области, каде што обично спијат во незагреана соба – вели тој. Докторот предупредува дека разликите во здравјето и животот на децата претходно и денес се неизмерни.

Се појавуваат болести и состојби што ретко ги имало во минатото.

– Имаме многу повеќе проблеми со дебелина, ментални нарушувања, аутизам, АДХД, повеќе алергиски болести, астма, алергии на дигестивниот систем, автоимуни болести, невродерматитис – открива тој.

Коренот на проблемот, според него, лежи во периодот уште пред мајките да забременат. Како прва и основна причина тој го наведува доењето – чиј прекин го смета за најголем експеримент во историјата на човештвото. Тој објаснува дека адаптираното млеко е арогантна и груба интервенција во нешто што е космичко сложено. Но, од друга страна, тој наведува дека и другата крајност не е добра, кога мајката што не дои се смета за лоша. Бидејќи, на детето мајката му е поважна од млекото.

Недвижење, калорична храна и хемикалии

Секако, тука е проблемот со неподвижноста, што честопати оди заедно со консумирањето калорична храна што порано не беше достапна. Покрај доењето и физичката неактивност, постојат и разни штетни хемиски соединенија на кои сме изложени поради консумеризмот уште од најрана возраст, од козметика до обувки и облека. Сите тие влијаат врз двете најважни работи во детството, мозокот и имунитетот.

Кога станува збор за вакцината, тој ја брани и верува дека е далеку помалку штетна од, на пример, зеленчукот со голема содржина на пестициди што може да се најде дури и на пазарот.

Тој, исто така, ги наведува здравите емоционални односи како клучни за здравјето, кои денес честопати недостигаат меѓу децата и родителите поради преоптоварување со работа.

Автор: Јасмина Гргуриќ

Извор



912

X