Ние, родителите, често сме свесни на што треба да ги научиме нашите деца, но знаеме и дека учењето одредени работи можеби не е најлесно. И ако нешто не е лесно, ние сакаме да им помогнеме на нашите деца. Но, луѓето велат дека патот до пеколот е поплочен со добри намери…
Прва сцена (возраст околу 5 години)
Детето е гладно, многу гладно. Велите: „Сега ќе биде ручекот, биди трпелив“. Но, детето е многу гладно, плаче и се грчи од болки во стомакот. Ќе му кажете да земе една праска и ќе издржи до ручек. Но не, тоа не сака праска, го сака баш тој болоњезе сос што го готвите. Велите дека уште врие, а тестенините се варат. Плачење, врескање. Изнервирани го ставате тенџерето во мијалник полн со ладна вода, за што побрзо да се излади, ги тргате шпагетите од оган, сѐ ви паѓа од раце. Детето конечно јаде, среќно и задоволно. Се чувствувате како да сте се бореле со лав, но важно детето да не е гладно.
Втора сцена (возраст околу 8 години)
Детето сака автомобил играчка со далечински управувач. Играчката е скапа, но вие му велите дека може да ја добие за роденден. Радост и тага. До неговиот роденден има уште само три месеци, па постојано ве известува. Ќе чека дотогаш, не е ништо итно, си велите. Но, не, тој тоа го сака сега! Бидејќи Леон, неговиот пријател, имал, па би играле заедно. Лесно ги губите нервите и веќе го криете екранот на мобилниот телефон на кој „гуглате“ колку чини таков автомобил и каде може да се набави. Но, тоа е навистина скапо, ќе го направите тоа за неговиот роденден, ќе се обидете уште еднаш, но всушност длабоко во себе веќе знаете. Но, тоа е за трииииии месеци! Дотогаш, на Леон веќе нема да му биде интересно, ќе најде други пријатели. Добро, добро! Само нека престане! Нарачувате автомобил. Само нека биде задоволен.
Трета сцена (возраст околу 11 години)
Детето треба да се однесе на преглед. Во препораката на докторот пишува задолжително. Важно е да се реализира прегледот. Сепак, прегледот не е многу пријатен бидејќи вклучува одредена количина на непријатност – не болка, туку непријатност. Тој не сака. Но мораш, му велите. Не и не, инсистира детето. „За здравјето е важно, кога сме болни мора да се потрудиме да оздравиме, за да не се разболиме уште повеќе“, му велите. Не! Не сака да го боли, не сака никој да го допира, не сака да биде во болница, наместо на училиште!
Вам срцето ви се кине и таа вечер истражувате на „Гугл“ дали има некоја друга поблага опција… Има. Во приватна поликлиника, која не е во вашиот град, и чини три четвртини од вашата плата. Закажувате термин.
Четврта сцена (возраст приближно 20 години)
Вашиот син го добива својот прв автомобил. Тој е оној што во колоните кои се враќаат од море ита по лентата за застанување додека другите „будали“ чекаат во ред. Тој е оној што го гледа знакот оти треба да се префрли на десната лента поради градба, но оди колку што може по левата лента, бидејќи му се брза. Тој е оној што ја предизвикува несреќата затоа што едвај чекал некој да го пушти за да се приклучи на главниот пат, бидејќи нема смисла да чека. И тогаш му плаќате казна која одбива самиот да ја плати, затоа што мисли дека не е виновен. Но, за душевен мир, да не се нервира многу, знаете дека постојано брза.
Ние сме виновни, разбирате? Разбирате – прашање е само дали ќе си признаете или не. Затоа што сè може да се оправда секогаш на некој начин: „Навистина брзаше. Тој е навистина гладен. Навистина не сака да го боцкаат“. И сето тоа е легитимно. Но, ние живееме во светот во кој живееме, меѓу другите луѓе, со различни обврски и неочекувани ситуации. Понекогаш треба само да стегнете заби и да истрпите – глад, чекање играчка, непријатност, чекање во ред. Бидејќи животот не е „рилови“ на интернет што можете само да ги „скролате“. Животот е и стегање заби и трпење.
И сега сигурно ќе има такви кои ќе речат – но не сакам моето дете да страда во овој луд свет полн со неправда и лудост и опасност и драма. Разбирливо е дека го сакате вашето дете. Но, тука не се зборува за страдање или злоупотреба. Се разбира, детето не мора да трпи навреди на училиште, ниту пак мора да го трпи локалниот насилник кој го удира секој ден и му ги зема парите. Зборуваме за трпение што е навистина – трпение. Зборуваме за тоа дека не мора сè да се случи сега и не мора сè да биде лесно. Зборуваме за тоа дека можете да чекате на лекар без да гледате 18 цртани на екранот – затоа што, сите чекаат.
Зборуваме за тоа дека не мора да „скокате“ по главите на другите патници ако се возите малку подолго во автобус. За тоа дека ако треба да одите на земање крв, одите на земање крв – затоа што мора, заради здравје. За преживување на некоја помала лудост на професорката ако тоа директно не ве навредува – стискате заби и не се јавувате веднаш на наставничкиот совет.
Еднаш прочитав книга која започнува со зборовите „Животот е тежок“. Тоа навистина ме изненади во тоа време. Зарем животот не е песна? Тоа, трчање по ливада, пеперутки, меурчиња од сапуница, трева во устата. И тогаш сфатив – животот може да биде трчање на ливада, но никој не ви вели дека нема да ве искаса пчела додека трчате. Или дека нема да се удрите на скриен камен и да скршите нога. А потоа стискате со забите додека не се намали отокот или додека раната не зарасне, за да продолжите да трчате.
Започнете со мали нешта
Веќе од онаа спомената прва сцена почнете малку по малку да ги одложувате работите. Детето ќе добие бисквита за две минути. Ќе го вклучите телефонот за 5 минути. Ручекот ќе биде готов за 10 минути. Тоа е многу малку стискање на забите, но е почеток. И учење за подоцна.
Избегнувајте моментално задоволство
Тешко е да се слушне дека детето е гладно. Да, но дали тоа навистина е толку гладно што ќе се онесвести? Не е. Дали навистина, навистина сака играчка? Сака, да. Но, знаете дека неговиот пријател нема да се откаже од него ако нема иста играчка. Ќе ја добие играчката. Трпение – спасение. Луѓето не се луди кога го кажуваат тоа.
Признајте дека може да биде тешко
Знаете дека е тешко, понекогаш и вам ви е тешко. Затоа признајте. Не лажете дека е лесно. Признајте му на детето дека е тешко, признајте дека би ви било тешко да направите преглед, но дека тоа е нешто што мора да се направи и дека ќе бидете многу горди на него кога ќе го направи. Пофалете го кога ќе видите дека усвоило барем дел од таа нова вештина на „стискање заби“.

Вежбајте преку игри
Друштвените игри се одличен начин да научите да чекате. Одличен начин да го научите детето дека работите не одат секогаш како што сакаме. Одличен начин да го научите дека можете да бидете еден чекор до дома, а потоа одеднаш да треба да се вратите назад.
Претворете сè во позитивно искуство
Чекањето и трпението не се казна за вашето дете. Дури ни негативно искуство. Како прво, треба да го избришете ова од вашите верувања. Пречкртајте. Детето прашува, а вие сте тука за да одредите што е најдобро. Да чека ручек, да го чека роденденот, да стиска заби на преглед. Детето не може да ја види целата слика – вие сте тука за да му ја откриете. Вие сте таму за да го научите дека е важно да биде трпеливо. И да му укажете дека по стискањето заби доаѓа задоволство, уште послатко. Затоа што тој ручек е уште повкусен ако почекате неколку минути подолго. Сладоледот за награда по прегледот е најдобар на светот. Чекањето во сообраќај е генијално – затоа што не доживувате сообраќајна несреќа и не добивате парична казна.
Бидејќи животот не е „јутјуб рил“, преку кој само „скролате“. И не сакате вашето дете да биде она што сите го мразат затоа што се турка пред бабите преку лентата за застанување – затоа што е гладно, затоа што не сака, затоа што…
912