Децата од домаќинствата што имаат куче покажуваат знаци на подобар социјален и емоционален статус, за разлика од децата што потекнуваат од домаќинства кои немаат куче, пишува во студија објавена во списанието „Pediatric Research“. Експерти од Детскиот институт „Телетон“ и Универзитетот во Западна Австралија ги проучувале прашалниците пополнети од повеќе од 1.646 домаќинства со деца на возраст од две до пет години. Откако ги разгледале возраста, полот, навиките за спиење и нивото на образование на родителите, тие го испитувале влијанието на кучињата миленичиња врз малите деца.
Авторите ги анализирале податоците собрани помеѓу 2015 и 2018 година како дел од студијата „Плејс“. Родителите на деца на возраст меѓу две и пет години пополниле прашалник со кој се оценува физичката активност и социо-емоционалниот развој на нивното дете. Од 1.646 анкетирани домаќинства, 686 имале куче. Децата во домаќинството што поседуваат куче имале 23 отсто помали шанси да имаат тешкотии во изразувањето и препознавањето на чувствата, како и социјалните интеракции, отколку децата што израснале во семејство без куче.
Откриено е и дека децата што растат со куче имаат 30 отсто помали шанси за асоцијално однесување. Авторите на студијата откриле дека овие деца имаат 40 отсто помали шанси да имаат проблеми во интеракцијата со други деца и 34 отсто поголема веројатност да се внимателни кога си играат со други деца. Тие, исто така, откриле дека децата од домаќинствата што поседуваат куче имаат помала веројатност да имаат емоционални проблеми. Вонредната професорка Хејли Кристијан, автор на студијата, смета дека е интересно да се види разликата помеѓу децата чии семејства имаат куче во домаќинството во споредба со семејствата што немаат.
„Иако очекувавме дека поседувањето куче ќе донесе некои придобивки поврзани со однесувањето на малите деца, бевме изненадени што самото присуство на семејно куче во домаќинството е поврзано со многу позитивни однесувања и чувства“, вели таа. Дури и меѓу домаќинствата каде што кучето било член на семејството постоела разлика меѓу децата, во зависност од тоа колку децата биле вклучени во грижата за нивниот миленик. Оние деца што му се придружувале на своето семејство во прошетките со кучето барем еднаш неделно имале 36 проценти помали шанси да имаат слаб социјален и емоционален развој во споредба со децата што шетале со своето семејно куче помалку од еднаш неделно.

Понатаму, децата што си играле со своето семејно куче три или повеќе пати неделно имале 74 проценти поголема веројатност да се однесуваат повнимателно и погрижливо на редовна основа отколку децата што си играле со своето куче помалку од три пати неделно.
Децата од домовите што поседуваат кучиња имале 23 отсто помали шанси да имаат тешкотии со чувствата и социјалните интеракции отколку децата што немаат куче. Кристијан истакнува дека нивните наоди посочуваат дека удомувањето куче во семејството може да биде од корист за развојот и благосостојбата на децата.
Големата поврзаност помеѓу децата и нивните миленици може да се рефлектира во количината на времето поминато во играње и шетање заедно, што пак може да го поттикне социјалниот и емоционалниот развој на детето.
Авторите предупредуваат дека поради набљудувачката природа на студијата, не можеле да го утврдат точниот механизам со кој поседувањето куче може да има корист за социјалниот и емоционалниот развој на малите деца. Тие додаваат дека понатамошните истражувања треба да го проценат потенцијалното влијание на „поседувањето“ различни видови миленичиња, како и влијанието врз развојот на децата кои се поврзани со своите миленичиња.
Автор: Ана Хлача