Иако се обидувате лутината на детето секогаш да ја насочите на неговите постапки, а не на самото дете, често поентата на таа идеја ја пропуштате. Со речениците „Секогаш си нетрпелив“, „Толку си неуреден“, „Повторно искрши чаша. Толку си несмасен“, „Зошто си секогаш толку себичен?“, сигурно нема во тоа да успеете.

Дури и ако се обидувате со тие реченици да постигнете децата да ве послушаат и намерата ви е всушност, да бидат подобри и да научат, фразите кои ги изговарате, ги дефинираат нив и тие со време навистина стануваат такви – несмасни, нетрпеливи, себични. „Децата самите себе се дефинираат онакви какви што мислат дека нивните родители ги гледаат“, смета д-р Шахрам Хешмат, во својата колумна „Психологија денес“.

Децата постојано бараат одговори за тоа кои се тие

Родителите во интеракцијата со децата ги даваат тие одговори. Нивните несакани однесувања можеби и се повторуваат, но ние можеме да им ги приближиме вистинските вредности и да дејствуваме како позитивен коректор. Наместо такви дефинирачки реченици, подобро е преку речениците да ги истакнувате доблестите кои би сакале вашето дете да ги усвои и така тоа самото ќе се поврзува со нив и навистина и ќе стане такво. Важно е детето да почувствува дека е дел од вашиот тим иако малку застранило и дека вие сакате да го поучите. Со ваквите реченици исто така, му укажувате како правилно да се однесува, но тоа го правите на позитивен начин за детето да не се почувствува нападнато и прозвано.

Наместо – Ти си така? Ти инаку не си…лош, невоспитан, плашлив, лажлив…

Подобро речете – Ти си инаку толку внимателен, грижлив, подготвен да помогне, искрен, храбар, дружељубив…

Примери:

-Ти си навистина многу вознемирен кога така разговараш со мене. Тоа не личи на тебе. Ајде да разговараме за малку да се смириш.

Знам дека инаку не сакаш да ја исклучуваш сестра ти од игра. Кажи ми што се случило.



912

X