Воспитување

Децата прозборуваат сè подоцна, читајте им книги наместо да им давате таблет

На последната родителска средба во скопска градинка, учителките им посочиле на родителите дека голем дел од групата тригодишници, посебно машките деца, не зборуваат или имаат мал фонд на зборови за таа возраст. Им предложиле наместо децата да седат пред компјутер или таблет, да им читаат книги.

– Учителките ни објаснија дека децата имаат проблем со говорот и дека состојбата може лесно да се подобри ако едноставно им читаме и им прераскажуваме приказни. Дека со читањето им се развива говорот, фантазијата, а со раскажување и тие почнуваат побрзо да спојуваат зборови и да кажуваат реченици. Ни посочија дека веднаш се препознаваат децата на кои им се читаат книги – вели родител чие детенце учи во градинката.

Дека голем дел од децата имаат проблем со говорот и дека сè подоцна почнуваат да зборуваат за разлика од порано, неодамна потврди и рускиот невролог Олег Комаровски, кој за ова директно ги обвини часовите поминати пред компјутер, телевизор или таблет.

– Тие имаат дијагноза која се вика екраноманија. Сите деца што беа на преглед кај мене и имаат проблеми со говорот уште од една година имаат таблети, паметни телефони, лаптопи, бидејќи, за жал, денес тоа е дел од воспитувачкиот процес – вели тој.

Логопедот Теодора Богојевска, која е и м-р по специјална едукација и рехабилитација, објаснува дека од самото раѓање детето треба да изложено на мајчиниот јазик, а понатаму и на директна комуникација со своите родители и средината што го опкружува.

– Детето го учи јазикот преку слушањето и гледањето на оној што зборува. На детето треба постојано да му се зборува и да се гледа в очи додека му се зборува, да му се читаат приказни, а притоа да се опишуваат и сликите во сликовниците на јасен и разбирлив говор. Децата ги сакаат приказните. Бидејќи тие покажуваат интерес за нив, треба да се искористат за развивање на нивниот говор, богатење на речникот и формирање правилна реченична структура. Со самото кажување на приказните децата се навикнуваат внимателно да слушаат, а со тоа им се дава и пример на говорно излагање за едно доживување или предмет. Покрај тоа, приказните позитивно влијаат врз детската фантазија, мислење, внимание и чувства. Тука треба да се земат предвид два момента: што ќе им се зборува на децата и како ќе им се зборува, односно изборот на приказните и начинот на нивното кажување.

На децата треба да им се кажуваат бајки кои имаат воспитни вредности, притоа треба да им се зборува и за настаните од вистинскиот живот, за доживувањата на децата, за работите што нè опкружуваат, за луѓето, за домашните и дивите животни. Исто така, на децата може да им се опишуваат сликите од детските книги, сликовници на кои е илустриран некој настан или работа. На децата од предучилишна возраст може да им се читаат кратки приказни, басни или песнички. Тие веќе можат да го следат и разберат читањето на возрасните. Уште една добра страна на читањето приказни, особено за децата од оваа возраст, е што кај нив го буди интересот за книгата, ги воведува во неа, тие се навикнуваат да го слушаат читањето и во таа пригода се стекнуваат и со знаење и го збогатуваат речникот со нови зборови. Сето ова подоцна ќе користи како подготовка во наставата за читање и описменување во училиште. Поради тоа, на децата треба секојдневно да им се зборува, чита и раскажува – вели Богојевска.

И таа потврдува дека сè повеќе се зголемува бројот на нарушувањата во говорот кај децата поради недостигот на комуникација помеѓу родителите и децата. Според Богојевска, и едните и другите често молчат, гледајќи во екраните или мониторите. Во такви околности доаѓа до забавен развој на говорот.

– Многу често родителите за да го смират детето, му пуштаат цртани филмови и така малите деца од две години седат приковани за телевизорот или компјутерот, два, три, па дури и шест часа на ден!? Тоа е еднонасочна, непосакувана комуникација, па кај детето не се развива потреба за говор. Наместо тоа време да го поминат со своите родители во активности во природа, прошетки, трчање, качување, скокање, лулање, тие се изложени на јаки, пискливи тонови, јаки бои, странски јазици. Усвојуваат погрешен говор и истовремено развиваат свој говор. Некои деца многу долго пасивно гледаат цртани филмови. Тоа не е здраво, ниту корисно. Дваесет минути дневно е доволно. Треба да се одберат цртани филмови и емисии наменети за возраста на детето и заедно родителите да ги гледаат со децата – вели логопедот Богојевска.

Таа предупредува да се пристапува внимателно кон компјутерите бидејќи децата имаат право на дружење со луѓето што ги сакаат, со природата, со домашните миленици. Тие имаат право на време посветено од родителите со цел да ги задоволат нивните потреби за комуникација, дружење, игра, говор и богатење на речникот.

– Компјутерот е само кутија што нема чувства, топлина, ниту убави зборови – вели таа.

Кои се придобивките од читањето книги, ни објасни и Сузана Петревска, мајка на тригодишно и на шестгодишно девојче. Таа вели дека читањето книги е навика што ја стекнала од дете благодарение на љубовта и вниманието со кое нејзината мајка читала, па таа сега истото го прави за своите деца.

– Откако тргнав в училиште, лектирите и книгите од домашната детска библиотека ме примамуваа. Таа навика и љубов растеа низ годините и само се надградуваа низ годините. Откако станав родител, секогаш ја имав на ум мислата дека таа љубов треба да им ја пренесам на децата. Речиси не постои приказна што не е дел од нашата детска ризница. Најчесто им читам навечер, пред спиење, но кога имам време, и преку ден. Со тек на време тие и сами почнаа да бараат приказна и многу често, дури и „се пазарат“ тоа да не биде една, ами две, три, колку може повеќе.

Се разбира, некогаш уморот толку ме надвладува, што заспивам и врз приказните, па тие ме потсетуваат каде сум застанала. Брзо ги забележав придобивките од читањето приказни и песнички кај децата. Сфатив колку учат нови зборови, научија да прашуваат кога некој збор не им е познат, па им објаснувам. По некое време, иако уште се во возраста кога не читаат, а ги препознаваат буквите, толку ги запаметиле што знаат со мали грешки и самите да ги кажат приказните – вели таа.

Петревска објаснува дека е најлесно на детето да му пуштиме цртан филм пред спиење, но забележала дека отпосле тешко може да ги оттргне од пред компјутер или од пред телевизорот.

– Читањето е убава навика зашто е можеби скапоцена доба кога можеме да им бидеме посветени на децата, без телефони, без компјутери. Полн погодок е кога некоја од приказните ќе ја најдеме на репертоарот на Театарот за деца и младинци или како балетска претстава, тогаш сè им станува многу појасно и поинтересно. Иако се девојчиња, не читаме приказни само со принцези. Од пред една година на поголемата ќерка ѝ читам и приказни на англиски јазик. Тоа се филмуваните приказни на „Дизни“ и паралелно ѝ читам и ѝ преведувам. Така работиме и на двата јазика. Сметам дека е особено важно на децата да им читаме за да го научат македонскиот јазик подобро, зашто од цртаните на англиски ќе заборават да зборуваат на мајчиниот јазик. Иако квалитетот на преводите на нашите изданија е многу сомнителен, се трудам грешките да ги коригирам дури читам – вели Петревска

Преземено од факултети.мк

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top