„Раката е убав, а во својата структура комплициран орган кој ѝ овозможува на интелигенцијата не само да се манифестира, туку и да стапи во посебни односи со околината: можеме да кажеме дека човекот со својата рака го презема опкружувањето и го трансформира, предводен од интелигенцијата, исполнувајќи ја така својата мисија во големата слика на вселената“, Марија Монтесори

Работа со раце

Живееме во доба во која детската фантазија е жива, но детските раце спијат. Кога треба да се расплете нешто или да се притисне копче, неспособноста и неподготвеноста се испреплетуваат и заплеткуваат. Се разбира, веќе не мораме да сечеме дрва за горење или да палиме свеќа за да го осветлиме просторот, треба само да го притиснеме копчето, а копчиња има сѐ повеќе и прстите ни станаа вешти исклучиво само во изборот на вистинското копче.

Нè опкружува комфор, мислите ни се секојдневно стимулирани, се восхитуваме на уметнички дела, но поривот да дејствуваме, волјата да направиме нешто и поттикот нешто да преземеме заспале удобно наместени и фасцинирани од технологијата и изобилството на достапни готови производи. Потребата да направиме нешто со нашите раце, да ги користиме, како да остана во минатото.

Сепак, всушност, затоа што мислите ни се секојдневно стимулирани, јасни и слободни, а фантазијата богата, добро е децата прво да научат да мислат со рацете. Можеме да ги запознаеме со плетење во прво одделение, да ги научиме да вовлекуваат конец во игла, да ги научиме да ткаат, со фокус на следење на ритамот. Така везот ќе формира ткаенина која можеме да ја сметаме за физички приказ на мисловниот процес, мисловното ткаење.

„Восхитот на децата може да се види во нивните очи секојпат кога експериментираат, кога ќе почнат и ќе завршат некоја работа. Многу подоцна, кога ќе развијат автономно мислење, корените на таквото размислување може да се пронајдат во работата со раце, со кои го развиваат и расудувањето“, Адриана Тодескини.

Овие зборови многу потсетуваат на онаа Марија Монтесори, за која развојот на вештините со рацете е еднаков на развојот на интелигенцијата. Технологијата сигурно дека донела подобрување во животот на секој од нас, но исто така го намалила нашиот капацитет за интеракција со другите луѓе, за користење на сопствените раце за да се создаде она за кое сме размислувале, фантазирале или осмислиле.

Би требало да се обнови здравата желба за задоволството од она што сами сме го научиле или изработиле.

Забрзаното општество – „сега и веднаш“, во кое веќе долго време живееме, не им остава простор на децата да почувствуваат досада – време кое ја стимулира нивната фантазија и бара решенија. Поделеното размислување или способноста да се произведе низа од алтернативни решенија за одреден проблем, особено во ситуации кои не бараат едноставно решение, сѐ побрзо се губи. На децата им се нудат однапред готови решенија, кои се смислени од возрасните, логични, но со многу малку простор за фантазија и „расправа“ како нешто да се натера да функционира, да работи.

Децата често се приспособуваат, соработуваат, го следат она што го велат возрасните, особено ако се работи за учител, а со тоа ја губат можноста за развој не само на дивергентното размислување, туку и на критичкото размислување. „Она што е воспоставено не може да се промени, единствено вистинско решение е ова, колку и да се обидувате да пронајдете други решенија“.

Трајната штета на ваквиот пристап ќе ја видиме за неколку години, кога децата ќе пораснат во возрасни лица кои нема да можат да ги согледаат алтернативните решенија за проблемите што ќе се појават пред нив, бидејќи нема да знаат да размислуваат со своја глава и тоа самите ќе го оправдаат со озлогласената фраза: „Тоа секогаш се правело вака!“

Нивните умови нема да ја имаат потребната пластичност за да ги преиспитаат состојбите, за да поставуваат нови хипотези, да одат и да бараат нови одговори, спротивно од оние што ги добиле сервирани. Возрасни лица кои не размислуваат не се синоним за еволуција. Не само што е важно, туку е и нужно да се поттикнуваат децата да развиваат критичко размислување, способност да не бидат задоволни со туѓите идеи, туку да набљудуваат, размислуваат, проценуваат и дури потоа да ја одберат насоката по која ќе се движат.

Слобода на мислите и говорот е право што не смееме да го изгубиме

Имајќи го предвид горе напишаното, потребно е да се размислува за материјалите што им се нудат на децата. Практичната работа, корисна во секојдневниот живот, која развива добра моторика, ќе му помогне на детето да ја развие координацијата околу раката, па ќе ги економизира движењата. Неструктурираниот материјал (ситните делови) и просторот во кој детето може да создава му даваат на детето можност за создавање и изразување на себеси, пронаоѓање на сопствената рамнотежа. Сензорниот материјал кој го проучувала и развивала Марија Монтесори му помага на детето да го доживее материјализирањето на концептите, кои инаку би останале апстрактни, како и самокорекцијата.

Тоа е апсолутно неверојатен материјал кој ја зајакнува самодовербата, го поттикнува учењето, љубопитноста, нè соочува со грешките и нè учи како да ги поправиме.

Да не ја заборавиме и придобивката од секојдневниот контакт со природата!

Планини, ридови, рамнини или море, најважно е да се излезе од дома, да се биде на отворено, да се игра слободно, да се експериментира, да се допира, да се доживува. Природата е голем учител, а на децата не смее да им биде ускратен таков спектакуларен учител.

За годишните времиња не се учи од карти и фотографии, особено затоа што секое годишно време изгледа различно во различни делови од светот, па дури и во една земја. Децата мора да го доживеат годишното време на сопствената кожа, излегувајќи секој ден, по дожд и сонце, бидејќи нема несоодветно време за излегување, само несоодветна облека и несоодветни обувки.

Ако, со сето ова, успееме да им овозможиме на децата секојдневен контакт со животните, тоа е еднакво на џек-пот на лото. Животните ги учат децата како да комуницираат без зборови, како да се грижат за друго живо битие.

Рацете се моќна алатка за учење за себе и за светот! На децата им треба постојана можност да ги користат, од најрана возраст и во текот на целиот живот. Искуството носи знаење! Дајте му на детето мотивација за работа и тоа ќе ве импресионира со лојалност, љубопитност и концентрација. Тоа ќе биде одлична претстава!

Ќе видите колку се мали, а неуморни, дека се одличен пример како да ѝ се пристапи на работата: со страст, лојалност, радост, концентрација… за да ја завршат среќни, задоволни и опуштени.

Автор: Мануела Гризо



912

X