Децата-единци можно е да имаат поголем ризик од дебелеење отколку децата што имаат браќа и сестри, според резултатите на нова студија. Студијата ги истражувала навиките за јадење и телесната маса кај децата-единци и се открило дека имаат помалку здрави навики при изборот на храната и пијалаците отколку семејствата во кои има повеќе деца, објави Си-ен-ен.

– Иако бројката на тестирани деца била мала и студијата не може да ги утврди причините и ефектот, сепак се покренува свеста за прашањето со цел подобро разбирање на појавата на дебелината – вели педијатарот д-р Натали Мут, која е одговорна во одделот за дебелина на Американската академија за педијатрија.

– Некои студии покажале дека децата-единци имаат поголем ризик да имаат зголемена телесна тежина – вели Мут, која е вклучена во студијата. Зошто е така? Додека оваа студија не го обезбедува одговорот на прашањето, сепак, е од помош да се создаде основа за истражување кое би требало да даде појасни одговори, додава Мут.

Што значи да се биде „единствен“

Децата-единци долго време ги фасцинираат истражувачите. Раните студии се фокусирале на многуте негативни верувања наметнати од општеството за децата-единци, на пример, дека тие се тврдоглави, себични, егоцентрични, компетитивни, разгалени и без способност да споделуваат. Или дека најчесто се претвораат во хипохондрици.

– Многу луѓе претпоставуваат дека децата-единци имаат многу маани, па многу истражувања се поврзани со нивните постигнувања и нивниот карактер – изјави Тони Фалбо, психолог од Универзитетот во Остин, Тексас, која ги истражува децата-единци од 80-тите години. Во 1986 година Фалбо креирала метаанализа од 200 студии за деца-единци и открила дека биле одлични во однос на постигнувањата, интелигенцијата и карактерот, за разлика од децата со браќа и сестри – особено оние со постари браќа или сестри.

– Во просек, децата-единци добиваат поголемо образование и имаат подобри резултати на различни тестови. Што се однесува до постигнувањата во смисла на карактерните особини, тие се сосема во ред. Имаат разумно позитивни карактери и не се склони кон ментални заболувања повеќе од кој било друг – истакнала Фалбо.

Единствената разлика во нејзината анализа е дека децата-единци имаат посилна врска со нивните родители отколку децата што имаат браќа и сестри, откритие кое подоцна е поддржано од студија спроведена во 2018 година на 10 илјади германски училишни деца.

Поврзаност со дебелеењето

Во изминатите неколку децении студии во Европа и во Кина почнале да наоѓаат поврзаност помеѓу зголемувањето на телесната тежина и децата-единци, а некои дури обрнале внимание и на редоследот на раѓањето.

Периодот од 1980 година до 2016 во Кина дал голем број информации. На пример, една студија спроведена на околу 20 илјади деца-единци открила дека синовите-единци во урбаниот дел на Кина имаат 36 отсто поголеми шанси да имаат зголемена телесна тежина и 43 отсто поголеми шанси да бидат дебели отколку синовите што имаат други браќа или сестри.

Други студии откриле дека децата-единци или последно родените деца имаат поврзаност со дебелината, а тоа е можеби поради начините на кои родителите се однесуваат во текот на оброците: помалку пофалби, повеќе поврзаност со храната како награда и поголема негативна контрола над изборот за храна.

Во моментална студија истражувачите откриле дека мајките на деца-единци се исто така повеќе склони кон дебелеење. Дали резултатите на студијата се должат на фактот дека родителот ги пренесува навиките за јадење или на генската тенденција за дебелеење на детето?

– Знаеме дека дебелината е многу силно поврзана со семејството, па можно е така да се објасни разликата во оваа студија – вели Мут. Сепак, водечкиот автор на студијата, Челзи Кракт, истражувач во био-медицинскиот истражувачки центар „Пенингтон“ при Државниот универзитет во Луизијана, верува дека резултатите може да се објаснат преку разликите во планирањето и организацијата која се бара од мајките со повеќе деца.

– Со повеќе деца распоредот на оброците е погуст. Затоа има и повеќе оброци што се готват дома. А помалку брза храна – изјавила Кракт.

Мут сугерира и на други можности: – Можеби едноставно има повеќе храна. Или децата-единци се помалку активни бидејќи немаат некој што живее со нив со кој би си играле. Или можеби е во игра и биолошки фактор. Тешко е да се каже сигурно, но ова е прашање кое истражувачите се обидуваат да го одговорат.

Фалбо во моментов работи на истражување поврзано со единци-адолесценти и открива дека тие поминуваат повеќе време пред екраните, со што се намалува нивната активност.

– Тие не им пречат и не скокаат околу своите браќа и сестри за внимание, како другите деца. Моето истражување, исто така, покажува дека овие деца почесто јадат брза храна. Познато е дека колку повеќе јадете домашни јадења, толку помалку консумирате брза храна, а со тоа помала е веројатноста да имате висок индекс на телесна маса – изјави Фалбо.

Добрите вести се, според Фалбо, дека ваквите однесувања може да се коригираат. – Треба да се намали времето поминато пред екран и да се контролира внесувањето на брзата храна. Изводливо е – вели Фалбо.

Мут се согласува: „Додека не ги разбираме сите причини зошто се случува ова, знаеме дека има зголемен ризик за зголемена тежина во детството и дебелеење кај децата-единци. Родителите на децата-единци што се свесни за зголемениот ризик можат да извршат превенција во тој поглед ако му обрнат дополнително внимание на детето во однос на креирање здрава и активна домашна средина.

Извор



912

X