Долги години мајките што работат се под стрес поради стереотипите дека децата не добиваат доволно љубов, грижа и внимание. Тешко е да се балансира родителството и кариерата, но дали треба да се грижите ако работите и не поминувате време со вашите деца колку што сакате?

Добри вести: науката вели дека децата на мајките што работат се исто среќни како и оние чии мајки останале дома, а често се и поуспешни во животот.

На мајките што работат често им се случува нивните деца да сакаат да се гушкаат наутро, меѓутоа, тие мора да заминат на работа. Вината и сомнежите во сопствените родителски вештини се работи со кои овие мајки се борат долго време.


Но, истражувањето спроведено од професорката Кејтлин Мекгин од бизнис-школата на „Харвард“ покажува дека работата на мајката не влијае врз среќата на децата. И синовите и ќерките на мајките што работат се среќни како деца и подоцна како возрасни и често имаат корист од тоа што нивната мајка работи.

Големиот научен истражувачки проект почнал во 2015 година и комбинира податоци од неколку меѓународни истражувања. Сè  на сè, истражувањето вклучувало повеќе од 100.000 мажи и жени во 29 земји. Резултатите од истражувањето ги ослободуваат мајките од вина и сомнежи во себе, покажувајќи дека нивните деца не се лишени од среќа и успех – туку спротивното, тие се подобри во многу аспекти.

Ќерките на вработените мајки се поуспешни во кариерата и обично заработуваат повеќе пари

Истражувањето покажа дека ќерките на вработените мајки имаат повисока годишна заработка, имаат поголема веројатност да бидат вработени и често се вработени како супервизори. Ќерките на вработените мајки заработуваат 1.880 долари годишно повеќе отколку ќерките на мајките што останале дома. Освен тоа, истражувањето открива дека искуството на вработените мајки ги учи ќерките на едноставна вистина: можат успешно да ја комбинираат кариерата со одгледувањето на децата.

Синовите на вработените мајки поминуваат повеќе време грижејќи се за своите семејства

Бидејќи традиционално мажите се вработени, не гледаме силно влијание на вработените мајки врз нивните синови кога станува збор за кариерата. Но, искуството на вработените мајки ги прави мажите повеќе да ги поддржуваат сопругите. Истражувањето покажува дека тие поминуваат дополнителни 50 минути неделно помагајќи им на своите сопруги и грижејќи се за децата.

И синовите и ќерките на вработените мајки избегнуваат родови стереотипи

Друга важна работа што ја откри истражувањето е дека децата што пораснале во семејства каде што родителите заработувале ги избегнувале родовите стереотипи. Синовите на вработените мајки избираат жени што работат и се однесуваат со жените еднакво на работното место.



912

X