Бушманите или народот Сан, како што самите се нарекуваат, се древна заедница на ловци и собирачи од Јужна Африка. Нивниот дом е во непрегледните пространства на пустината Калахари. Современите генетичари сметаат дека тие се едни од најстарите преживеани генски лози на човештвото.

Нивниот номадски начин на живот, кој целосно е подреден на борба за опстанок во негостољубивите пустински предели, се согледува и во нивниот однос кон сопственото потомство.

Бушманите ги обожаваат своите деца и внуци, па детското здравје и желби се на прво место. Децата се ценат затоа што животот го прават исполнет и среќен. Малите Бушмани учествуваат во сето она што го прави заедницата и од нив ништо не се крие. Возрасните ги воспитуваат на начин кој поттикнува индивидуализам, особено ценета особина во бушманската заедница. Сирачињата ги посвојуваат нивните сонародници, а секое раѓање го прославуваат како најсреќна случка.

Бушманската заедница е егалитаристичка, без поглавари и институции и единствениот однос на авторитет е од родителот кон детето. Меѓутоа, должностите на родителот се сметаат за поважни отколку неговите права.

Многу патописци забележале дека Бушманите никогаш не ги казнуваат своите деца, ниту го повишуваат тонот на гласот, а децата и покрај тоа многу добро се однесуваат.

Породување без испуштање глас

Иако толку многу ги сакаат децата што им угодуваат повеќе отколку ние, Бушманите истовремено се принудени и да мислат на својот опстанок. Поради номадскиот начин на живот, тие сметаат дека е неопходна разлика помеѓу две деца од околу 4 години, бидејќи мајката не може со себе на постојаните патувања да носи повеќе од едно дете, ниту пак скудната исхрана би ѝ дозволувала да дои две деца. Ако настапи нова бременост во меѓувреме, принудена е да го отфрли детето, иако со тешко срце. Кога ќе настапат породилните болки, трудницата оди во грмушка, се породува, па брзо го закопува детето, пред да го чуе неговиот плач за да не ризикува да го засака. Кога во логорот ќе се врати сосема сама, никој повеќе не го споменува тоа што се случило. Знаејќи дека во спротивно веројатно двете нејзини деца би умреле од глад, таа жртвува едно, поучена од вековното искуство на нејзините предци, кои морале да се приспособат на суровиот живот во негостољубивите предели на Африка.

Покрај доцниот почеток на плодноста, големата разлика помеѓу бременостите, како и краткиот животен век, Бушманките обично на свет носат вкупно 3 или 4 деца. Тие по правило се породуваат во самотија, некаде надвор од логорот. Жената никого не известува каде ќе оди, ниту замолува за помош од сонародниците бидејќи тоа е непишан закон од кој се исклучени само прворотките, на кои обично им помагаат мајките. Се разбира, ако породувањето е многу тешко, трудницата може да им се обрати за помош и на други жени. Иако трудницата може да биде скриена во грмушка само десетина метри од логорот, останатите нема да ја слушнат како се породува бидејќи жената во текот на овој чин не смее да пушти глас. Попрво ќе се гризе за рака или ќе остави солзи да ѝ течат отколку да вреска поради породилните болки.

Трудниците што покажуваат страв или страдање, според верувањето, се загрозуваат и себеси и детето. Исто така, жената што вреска додека е трудна или се породува може да предизвика компликации на породувањето. Она што е добра страна на породувањето во самотија е што на тој начин се намалува ризикот од инфекции.

Мистична поврзаност со природата

Кога породената жена ќе се врати во логорот со новороденчето, таа се мие и легнува до детето за да се одмори, но само доколку тоа може да си го дозволи. Фактот дека жената е трудна или се породила пред половина час не влијае врз нејзината рутина и обврските, па често со детето на гради продолжува со своите задачи. Доколку заедницата е во процес на селидба или на пат, таа ќе застане да се породи, а потоа ќе ги стигне другите.

По раѓањето на првото дете, во некои краеви мажот мора да убие антилопа, чие месо ќе го користат родителите, а кожата ќе ѝ биде доделена на мајката за од неа да направи носилка за детето.

Моментот на раѓање е многу важен и за детето и за мајката, бидејќи тогаш детето стекнува еден вид моќ над која нема контрола, но може подоцна да ја користи. Таа натприродна моќ ќе го следи целиот живот и таа всушност претставува еден вид судбинска и мистична поврзаност на детето со појавите што го опкружуваат – со атмосферските појави, со раѓањето, со антилопите, со смртта. Таа моќ за управување со појава, која зависи од околностите под кои детето дошло на свет, се нарекува „n!ow“. Постојат два вида на оваа сила – едната е дождлива и студена, другата топла и сува. Личноста што има влажен „n!ow“ може да направи времето да биде студено и дождливо ако ја вметне својата коса или ако мокри во оган. Личноста со сув „n!ow“, со исти постапки може да ја сопре бурата или студеното време. Дури и по смртта, првата личност останува во врска со бурата, налето преку земјата и ги носи покривите од колибите, додека втората предизвикува тешки суши. Исто така, на атмосферските појави влијаат и самите чинови на лов и раѓање.

Кога крвта од уловената антилопа ќе падне на земјата или кога крвта од матката ќе падне на земјата  при раѓањето на детето, доаѓа до вкрстување на силите „n!ow“ и се случува промена на времето.

Традицијата како училиште

Децата Бушмани растат под надзор од сите постари членови на семејството и многу рано се вклучуваат во животот на заедницата, помагајќи онолку колку што можат во согласност со возраста. Постарите деца ги чуваат младите браќа и сестри и ги следат возрасните во ловењето, прво само набљудувајќи, а подоцна подготвувајќи отровни стрели и копја. Помалите деца ги усвојуваат нормите и вредностите од својата заедница слушајќи традиционални приказни и играјќи игри кои претставуваат имитација на животот на возрасните. Сепак, поради суровоста на природната средина, децата се под надзор на возрасните додека не пораснат и не станат доволно силни и способни за да можат да се снајдат самите и да носат резерви со вода. Самото дете е во опасност од напади на диви животи и мора да знае да се одбрани.

Поради тоа, секогаш некој од возрасните останува во логорот со децата додека другите ловат.

Бушманите многу инвестираат во вредностите на заедницата, на пример, заедништвото и дарежливоста. Ловците и собирачите често имаат правила дека оној што носи храна во логорот мора да ја подели со секој што ќе побара. Тоа обезбедува ситуација во која нема да има недостиг на храна, бидејќи ако сите се себични, поголемиот дел од времето ќе бидат гладни. Родителите се трудат на децата уште додека се мали да им всадат склоност кон споделување и дарување, преку обичај познат како „размена на дарови“. Децата се учат строго да ги почитуваат правилата и нормите и да избегнуваат секаков облик на кавги и судири. Со цел спречување на насилството, бушманската заедница се одликува со цела низа општествени механизми, почнувајќи од интервенирање на членовите од семејството меѓу двете завојувани страни, до обраќање на истакнати членови од заедницата. Во такви мали заедници кои се на постојан раб на опстанок поради суровоста на природата, мирот и слогата се единствена брана против пропаста.

Многу од опишаните обичаи на овој необичен народ денес преминуваат во историјата. По силниот притисок на државите во кои Бушманите се настанати, голем број од нив е избркани од нивните ловишта, а и преостанатите Бушмани во дивината денес се принудени да ги напуштат својата територија и стариот начин на живот во хармонија со природата, кој трае веќе 1.000 години.

Автор: Јована Папан



912

X