Се раѓа тоа малечко чудо кое треба да го научиш за животот и сѐ што го опкружува. Никој однапред не те подготвува како да го сториш тоа. Нема инструкции, нема водич низ првата, втората или десеттата година од животот на детето.

Знаеш како твоите родители постапувале со тебе. Знаеш дека сакаш да бидеш макар еднакво добар/а, ако не и подобар/а на тој пат. Од некои не е тешко да се биде подобар.

Секојдневно луташ низ мракот и го молиш Бога да не направиш несвесно некоја грешка која трајно ќе го оштети детето, а ти за тоа ќе дознаеш подоцна, кога ќе порасне и ќе почне да ти замерува што не си бил ваков или таков. А ти би сакал да бидеш најдобар/а на свет, само да знаеш како. Не е толку едноставно. Во секојдневната борба со егзистенцијалните проблеми често го занемаруваме она што е најважно во сите денови и сите етапи од родителството, а тоа е искажување вистинска љубов и поддршка. Знам, го читате овој текст и превртувате со очите толку силно што можете да си го видите сопствениот мозок, но застанете. Да, исто така, знам дека на детето му требаат нови патики и храна на маса и рекреација која никој нема да ја плати ако вие не направите пари. Знам колку ве изморува тоа и колкав е притисокот. Разбирам.

Но, да ви кажам. Детето нема да биде оштетено без нови играчки, нова светкава облека или најнов мобилен телефон. Она што ќе го оштети трајно се критиките, истите оние што и вие сте ги слушале, а сега несвесно ги повторувате. Го знаете она: Ништо ти не знаеш. Ништо не е во ред, ајде тргни се, јас ќе направам наместо тебе. За ништо не те бидува. Може и подобро.

Е, драг мој пријателе од онаа страна на екранот, таквите реченици континуирано повторувани и Тесла би го навеле да се посомнева дали вреди неговиот труд, а камоли едно дете. Опкружено со постојани критики, детето расте мислејќи дека е ништожно сето она што го прави. Не верува во себе. Не верува во своите постапки. Не верува дека е способно, дека умее, дури ни кога го пофалуваат. Слушај, го фалат некогаш некои непознати луѓе. Ако е во ред, веројатно тоа и родителите први би го препознале.

Немој детето да се бори за трошка љубов и прифаќање на единственото место на светот каде што таквите емоции треба да ги има во изобилие, да претекуваат.

Никогаш немој да бидеш родител кој е најголем критичар на детето кое копнее за поддршка. Светот е сурово место, кое и најдобрите ги тера да се преиспитуваат. Немојте на тоа малечко чудо кое растело под вашето срце да му бидете ногата која го сопнува. Бидете отскочна штица наместо тоа. Бидете лицето кое го охрабрува, вистински му верува, го поддржува и сака. Така ќе му дадете барем некоја шанса. Во спротивно – ќе биде во неволја. Верувајте ми, знам за што зборувам.

Извор



912

X