„Не сакав моето дете да ме види како плачам.“ Ова е една од најчестите реченици што ги слушам од родителите. Во неа има толку многу љубов и желба детето да се заштити, но вистината е дека детето не ја запознава реалноста преку зборовите, туку преку чувствата.
Може никогаш да не му кажеме дека сме анксиозни. Може да се смееме, да го носиме на училиште, да му подготвуваме ручек, да му читаме приказни пред спиење, но ако сме преплавени со тага, ако сме постојано напнати или емоционално отсутни, детето го чувствува тоа, а не знае да го именува.
Уште пред да проговори, детето научило да го чита лицето на мајката, начинот на кој таткото ја отвора вратата, тишината што владее дома и атмосферата која никој не ја објаснува. Детето го слуша она што не го кажуваме, а се случува со и во нас.
Нервниот систем на детето се развива во постојана интеракција со нервниот систем на родителот.
Доналд Виникот вели дека на детето не му е потребен совршен родител, туку „доволно добар родител“ – возрасен кој е емоционално достапен, способен да го препознае детскиот страв, тага или лутина и да му помогне да ги поднесе. Детето не расте само благодарение на храната и грижата, тоа расте во чувството дека некој може да го издржи неговиот внатрешен свет.
Кога родителот е емоционално отсутен, преплавен со сопствена болка или постојано во состојба на стрес, детето не секогаш знае што се случува. Но, секогаш чувствува дека нешто недостига.
Мелани Клајн зборува за процесот на проективна идентификација – начинот на кој чувствата што возрасниот не може да ги поднесе несвесно се пренесуваат во односот со детето.
Тоа родителот не го прави намерно или затоа што не го сака своето дете. Туку, напротив, тоа е човечки обид психата да се ослободи од болката што сама не може да ја обработи.
Детето, пак, кое целосно зависи од родителот и го сака безусловно, често несвесно ја презема таа емоционална тежина. Почнува да чувствува анксиозност, вина или тага кои не може да ги објасни, и чувствува како тие чувства отсекогаш да биле негови.
Во психотерапијата често откриваме дека она што возрасниот човек цел живот го доживувал како „свој карактер“, всушност, било начин да се приспособи на емоционалната клима во која растел.
Тука доаѓаме до уште една важна идеја на психоаналитичарот Вилфред Бион.
Тој сметал дека детето не се раѓа со способност да ги разбере и регулира своите емоции. За тоа му е потребен родител кој ќе може да ја „прими“ неговата вознемиреност, да ја разбере и да му ја врати во форма што детето може да ја поднесе.

Кога тоа не се случува, чувствата не исчезнуваат. Тие остануваат во телото. Подоцна можат да се појават како анксиозност, панични напади, телесни симптоми или чувство дека нешто не е во ред, иако човекот не знае што точно.
Кога родителот не е добро, детето тоа го чувствува многу пред да може да го разбере.
Ниту Виникот, ниту Клајн, ниту Бион не пишувал за „совршени родители“. Сите тие, секој на свој начин, нè потсетуваат на истото, а тоа е …не е важно никогаш да не погрешиме, туку да бидеме доволно присутни за да ги препознаеме сопствените чувства и чувствата на детето.
Детето не бара совршенство од родителот, туку бара некој што ќе може да го издржи неговиот страв, да ја разбере неговата тага и да му покаже дека ниедно чувство не е премногу големо и страшно за да биде споделено.
На тој начин започнува вистинското наследство што родителот му го остава на своето дете, да стане човек што ќе може да ги чувствува, разбира и живее сопствените емоции.
Автор: Билјана (Манасова) Јовановиќ, https://www.facebook.com/PsihoterapevtManasova