Две и полгодишно дете од Србија завршило на одвикнување од гледање на цртаниот филм „Прасето Пепа“ откако по 7 часа на ден го гледало, па почнало чудно да се однесува и тоа е најневеројатниот случај на зависност што во својата практика го забележал клиничкиот психолог Влајко Пановиќ.

– Родителите го донесоа детето поради несекојдневно, бизарно однесување. Тоа им ги мирисало стапалата на гостите, се пикало под стол и квичело како прасе – раскажува овој психолог за „Блиц“.

Кога случајот завршил во неговата ординација, Пановиќ ги прашал родителите дали детето можеби го гледа цртаниот „Прасето Пепа“, на што тие му одговориле потврдно и додале дека детето го обожава тој цртан и дека го гледа по 7 пати на ден.
– Ако дете консумира некаква информација во толкаво количество, содржините од тој цртан стануваат доминантен дел од неговото искуство наспроти реалноста и затоа детето го репродуцира наученото однесување.

Потоа го однеле на игралиште

Решението уследи кога родителите го однеле детето надвор, на игралиште, и му понудиле други содржини, како што се скокање, играње на воздух со други деца…
– Тоа беше сето она што во реалниот живот се нарекува вистинска игра, каде што се создава чувство на радост и смеа, каде што детето е жив учесник меѓу другите деца, а не пасивен приемник на виртуелните содржини од цртаниот или од видеоигра – вели тој.

По неколку дена детето престанало да го гледа цртаниот филм затоа што родителите му се посветиле на сосема поинаков начин.
– Некои родители денес не им се доволно посветени на своите деца. По извесно време, детето станало среќно и заборавило на цртаниот филм – објасни Пановиќ.

Хистерија поради мобилниот телефон

Уште од раното детство децата знаат да ги користат мобилните телефони, иако во почетокот тоа може да послужи како некој вид анимација, а од ден на ден доаѓа до зависност од овие уреди.
Пановиќ раскажа случај на четиригодишно дете кое било опседнато со мобилниот телефон. Детето живеело во повеќечлено семејство каде што сите многу ги користеле мобилните телефони. Не одело во градинка, па телефонот му бил главна преокупација.
– Во еден момент детето сакало да телефонира, па кога мајката не му дозволила, следувала бурна реакција од негова страна. Почнало да вреска и на крај го фрлило телефонот. Потоа дојдоа кај мене да побараат помош – раскажува психологот.

 

Сето тоа е многу тажно

Сè поголемата присутност на екраните во животот на луѓето може да предизвика многубројни недостатоци. Сè поголем е бројот на луѓе што многу малку време поминуваат во друштво со други луѓе или правејќи некоја креативна работа.

– Ние не се познаваме, а веќе сме почнале да се отуѓуваме. Огромен број семејства не можат да воспостават комуникација со своите деца и тоа е навистина многу тажно. Децата се отуѓуваат од суштината и живеат во еден нереален, бајковит свет, кој на нивното љубопитство му нуди многу од тоа што е невоспитно, непоучно и агресивно – истакнува психологот.

Први видливи симптоми

Познато е дека денешните деца големиот дел од своето слободно време го поминуваат хипнотизирано играјќи видеоигри.
Потоа се јавуваат одредени симптоми на зависност, пред сè суви очи, тупкање со ногата, хипнотичка поврзаност со екранот, исклученост од реалните животни текови.

– На пример, родителите веќе 10 пати ги викаат децата да дојдат да ручаат, а тие одговараат со „сега“, е тука веќе имаме проблем, како и занемарување на обврските, на личната хигиена, одењето во веце и јадењето на оброците. Често негодуваат и се агресивни кога некој од членовите на семејството ќе им се обрати – вели Пановиќ.

Бидејќи без сите тие паметни уреди животот во 21 век е невозможен, се поставува прашањето каде е границата.
– Родителите не треба да се потпираат на договорот со децата, туку седењето пред екран да се дозволи откако ќе ги завршат обврските во школото и во домот – советува психологот.

Никако забрана

Пановиќ нагласува дека родителите никако не треба да ја користат методата на забрана за да го подигнат својот авторитет зашто тогаш децата почнуваат да лажат и да кријат работи.

– Дете до 3 години не би требало да има контакт со екрани од кој било вид, па со тоа нема ни да ги консумира тие содржини, а родителите се должни до полнолетството на децата да овозможат развој на нивните потенцијали, да се организираат себеси во времето и просторот, да развијат здрави обрасци на живеење, да разликуваат добро од лошо, да развијат емпатија за да можат да ги разберат другите луѓе, да развијат трпение и солидарност кон другите што се послаби и поинакви од нив – истакна Пановиќ.

Додава дека употребата на интернетот подразбира едукација на децата, а не само да се фокусира на забавата. На многумина забавата им стана основно занимање и тоа не е добро, треба да бидеме свесни дека интернетот е од голема корист.

Децата мора да имаат обврски

– Ние не можеме да го застанеме тркалото на технолошкиот развој, туку треба да се трудиме да ја разбереме корисната вредност на тие помагала, а не на децата пасивно да им препуштиме да станат жртви на преголемите искушенија. Би било добро родителите заедно со децата да гледаат цртани филмови или да играат игри за да им помогнат на децата да ги разберат невоспитните и неприродни содржини – советува тој.
Тој апелира родителите да не ги штедат децата од обврски и работа.
– Напротив, помогнете им да го засакаат животот преку вистинска игра и што повеќе време да поминуваат во природа – заклучи Пановиќ.



912

X