Воспитување

Дете пораснато со љубов и пријателство станува личност способна да сака со пријателски чувства кон луѓето, вели проф. Вангелица Гаврилова

Дете кое расте со стравувања научува да се плаши и од него станува заплашена личност; дете кое расте со бес станува агресивна личност; дете пораснато со љубомора станува завидливо и љубоморно

Животот во семејството е прво училиште за емотивно образование за децата. Таму тие осознаваат што чувствуваат за себе, како реагираат другите на нивните чувства. Учат како да ги сфатат сопствените чувства, но и како да ги изразат, како емотивно да се однесуваат. За да го совладаат сето тоа, не се битни само родителските зборови и начините на кои тие постапуваат со децата. Битен е и начинот на кој родителите се справуваат со сопствените чувства, како и начинот на кој меѓусебно емотивно комуницираат како партнери. Некои родители заповедаат, го губат трпението поради неуспешноста на детето, презриво го зголемуваат гласот. Тие главно, покажуваат исти тенденции што ги има и во нивниот брак: нетрпеливост и презреност.

Многубројните искуства покажуваат дека на родителите им се потребни совети, информации и разговори за тоа што се случува со нивните деца, како родителите да постапат во спорни ситуации, што да им се забрани на децата, а што да им се дозволи. Во тој случај тие ќе имаат одредени информации уште пред да искрсне проблемот, а пред сè, ќе бидат толерантни за одредени облици на детското однесување.

Вангелица Гаврилова

Многу работи можат да им се објаснат на децата зашто тоа придонесува за пореално согледување, адекватно приспособување и решавање на недоразбирањата, а што е уште поважно – јасните состојби помалку вознемируваат и плашат. Децата треба да се поштедат од непотребни стравови и вознемирувања.

Дете што расте со стравувања научува да се плаши и од него станува заплашена личност; дете кое расте со бес станува агресивна личност; дете пораснато со љубомора станува завидливо и љубоморно. Но, дете пораснато со љубов и пријателство – станува личност способна да сака, полна со доверба и пријателски чувства спрема луѓето.

Ако родителите одвојат време за да го „нахранат“ своето срце, и децата ќе научат да го прават тоа

Не смее да се занемари и фактот дека за да се биде добар родител, треба да се води сметка и за себе. Повеќето родители, доколку одвојат малку време за себе, се чувствуваат виновни што го направиле тоа. Тие прават голема грешка откажувајќи се од своите потреби за да ги задоволат своите деца. Со самото запоставување заради доброто на своите синови и ќерки не им се прави никаква услуга.

Доколку родителите живеат само за своите деца или преку нивниот живот го живеат својот, а притоа ги игнорираат сопствените потреби, и нив ги учат да ја жртвуваат својата личност само за да можат да направат некого среќен. Ваквиот начин на воспитување и комуникација е неправилен и безуспешен. Еден ден кога децата ќе бидат возрасни, родителите не треба да очекуваат од нив дека ќе им искажат благодарност што ја жртвувале личната среќа и не им го кажале зборот – не. Ако родителите одвојат време за да го „нахранат“ своето срце, и децата ќе научат да го прават тоа, а тоа ќе биде добар пример што тие ќе го следат.

Почитувани родители, и покрај сите ваши обврски, не заборавајте дека на вашето дете му е потребна вашата помош – топол разговор, како и јасна порака дека го сакате, дека тоа му припаѓа на семејството и дека тоа семејство е место каде што е најсигурно и најприфатено.

– Покажете разбирање и помогнете му да ги сфати сопствените постапки и нивните последици. Можеби неуспехот е израз на протест кон вас или некој друг. Потрудете се да дознаете повеќе за тоа и да го пребродите проблемот.

– Не советувајте, туку разговарајте, слушајте… и не споредувајте го со примерите од околината. Не оптоварувајте го со сопствените амбиции и со плановите што вие сте ги сковале за него. Помогнете му самото да сфати „каде е“ и „каде сака да стигне“ и пуштете го самото да најде најдобро решение за себе, па така ќе ја преземе и одговорноста за акцијата и начинот како ќе ја оствари.

– Не навредувајте го и не понижувајте го своето дете, туку покажете му дека сте му поддршка. Можете де негодувате против специфичното однесување, но не и против личноста на детето. На тој начин тоа во своето однесување ќе има механизам за совладување на надојдените проблеми. Ако го постигнете тоа, сте направиле многу за вашето дете!

Автор: Д-р Вангелица Гаврилова, лиценциран психолог и професор на Меѓународен славјански универзитет „Г.Р.Державин“ Свети Николе – Битола

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top