Дејвид Бекам, поранешен фудбалер и амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ, ги споделил едноставните, но важни животни вредности што неговите родители му ги всадиле и кои сега тој им ги пренесува на своите деца.
На Светскиот економски форум во Давос, каде што присуствувал за да ја прими наградата „Кристал аворд“ за филантропија, Бекам разговарал со водителката Тања Брајер за неговите мотивации, семејни вредности и работа со деца низ светот. Бекам истакнал дека неговите родители му всадиле едноставни, но клучни вредности.
-Воспитан сум да се однесувам со сите со почит и да бидам љубезен со луѓето. Се трудам тоа да им го пренесам и на моите деца – рекол тој.
Поранешниот фудбалер и татко на четири деца – Бруклин (25), Ромео (21), Круз (19) и Харпер (13) – истакнал колку е важно децата да се научат на пристојност и добри манири уште од мали нозе.
-Моите синови знаат дека секогаш треба да пуштат жена прва да помине, да стануваат од масата кога жената заминува, да подадат рака кога ќе ја запознаат и да ја погледнат личноста в очи. „Ве молам“ и „благодарам“ се зборови кои моите деца ги користат уште од нивните две или три години.
Неговото семејство му е инспирација
Освен што семејството му е најважно, Бекам истакнува дека неговите деца се и негова најголема инспирација во хуманитарната работа.
Како амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ од 2005 година, Бекам посетил многу земји за да им помогне на најранливите деца – вклучувајќи ги Камбоџа, Јужна Африка и Филипините. Неговите мисии вклучувале активности за подигнување на свеста за насилството врз децата, борбата против ХИВ и сида и помагање на семејствата погодени од природни катастрофи.
-Однесов неколку од моите деца на различни патувања за да видат што правам за УНИЦЕФ. Сите тие сакаат да учествуваат на свој начин, без разлика дали преку УНИЦЕФ или други хуманитарни организации. Кога ќе се вратам дома, им покажувам фотографии и им кажувам: „Мислам дека ова е навистина важно“ – за децата да бидат свесни за реалноста надвор од нивниот секојдневен живот.
Борба за рамноправност на девојчињата
Во својот говор за прифаќање, Бекам особено го истакнал проблемот со нееднаквоста за девојчињата во многу делови од светот.
-Девојките се соочуваат со сиромаштија, насилство и дискриминација. Сакам мојата ќерка Харпер да ги има истите можности како нејзините браќа. Така треба да биде за сите девојки, без разлика каде живеат. Тоа што си девојка не треба да одредува што можеш да правиш, каде можеш да одиш.
Тој се осврнал и на влијанието на социјалните мрежи врз денешното општество, признавајќи дека и самиот внимава како ги користи, особено кога се во прашање неговите деца.