Доенчињата и малите деца полесно дехидрираат во споредба со поголемите деца и возрасните поради фактот дека содржат поголема количина течност во организмот, вели прим. д-р Искра Лазаревска

Есенско-зимските месеци се период од годината кога доминираат респираторните инфекции, додека пак доцната пролет и летните месеци се период кога најчесто се среќаваме со инфекциите на органите за варење. И двата типа инфекти се причина за загриженост на родителите поради можните компликации, особено поради потенцијалниот ризик од настанување дехидратација кога станува збор за инфекции на органите за варење.

Функционирањето на човечкиот организам претставува баланс од внес и губиток на течности, поточно колку течности губиме, толку и се надоместуваат. Во течностите се наоѓаат растворени одредени минерали, како што се натриум, калиум, хлор, магнезиум, калциум, бикарбонати, фосфати, кои заедно ги нарекуваме електролити. Тие имаат улога и во правилната распределба на водата во организмот, како и правилно одвивање на сите биохемиски процеси. Процесите што влијаат врз губиток и надоместувањето на течности и електролити во здравиот детски организам се добро избалансирани, а нивното нарушување може да доведе до дехидратација.

Што е дехидратација?

Дехидратација е состојба кога има поголем губиток отколку внес на течности. Паралелно со губитокот на течности има и губиток на електролити, што резултира со нарушување на правилната распределба на течности, односно доаѓа до компримитирање на сите метаболни процеси. Може да настане поради недоволен внес на течности (повраќање), поради губиток (чести течни столици, екстремно потење) или, пак, поради нивна комбинација.

Овие процеси може да се одвиваат брзо или побавно, со посебна напомена дека доенчињата и малите деца полесно дехидрираат во споредба со поголемите деца и возрасните поради фактот дека содржат поголема количина течност во организмот.

Д-р Искра Лазаревска

Кои се состојбите што доведуваат до дехидратација?

Фебрилни состојби, односно состојби со покачена телесна температура. Фебрилноста ги следи и вирусните и бактериските инфекти. Состојбата со покачена телесна температура, независно од која причина е настаната, е проследена со зголемен губиток на течности поради интензивното потење, забрзаното дишење како механизам за намалување на температурата. Доколку во состав на инфектот е засегнат и гастроинтестиналниот тракт, односно имаме повраќање и течни столици, настанувањето на дехидратација е реален ризик.
Состојбата дополнително се влошува доколку има губиток на апетит и намален внес на течности.

Интензивно потење – се случува при поголем физички напор или, пак, изложеност на екстремни временски и температурни услови, како што е висока влажност на воздухот, како и неадекватни услови во просторија во која се престојува или во превозно средство.

Обилно мокрење – било да станува збор за неконтролиран дијабетес било мокрење од непознато потекло.

Болести кај кои има поголем губиток на електролити и течности, како цистична фиброза, целијакија.

Паразитарни инфекции – придружени со повраќање и пролив.

Како ќе препознаеме дека доенчето или детето е дехидрирано?

Доколку доенчето, односно детето има една од погоренаведените состојби, треба да внимавате на следните симптоми за навреме да ја препознаете дехидратацијата.

 

Потребно е да се следи:

-Општата состојба – дали детето е жедно, поспано, раздразливо.

-Очи – дали се воспалени, вдлабнати.

-Солзи – намалена продукција, отсутни.

-Кожа – сува бледа, со намален тургор.

-Јазикот – дали е сув, обложен.

-Урина која е темно обоена, намалено, а може и отсуство на мокрење.

-Забрзано дишење, забрзан пулс.

-Губење на телесната тежина.

Ако постојат некое од погоренаведените знаци, неопходно е да се консултира педијатар за процена на степенот на дехидратација, од што би произлегол терапевтскиот пристап. Според степенот, има лесен, умерен и тежок степен на дехидратацијата. Терапијата на дехидратацијата ќе зависи од степенот на дехидратацијата, како и етиолошкиот причинител.

Умерено тешка до тешка дехидратација

Доколку се потврди дека станува збор за умерена до тешка дехидратација, неопходен е хоспитален третман за да се реализира венско надоместување на течности и електорилити, а би се реализирале дополнителни иследувања за да се утврди причинителот. Кај оние деца кај кои е потврден бактериски причинител се ординираат антибиотици.

Доколку станува збор за вирусен инфект, не се дава никаква терапија, освен што се спроведува надоместување на изгубените течности и електролити. Вирусните инфекции имаат свој природен тек и крај.

Најголем проблем е дехидратацијата која може да има и несакан крај доколку не се лекува.

Лесна дехидратација

Посебен акцент би ставила на лесниот степен на дехидратација чиј третман се спроведува во домашни услови со преземање мерки за да се спречи настанување на дехидратација.

Рехидрирањето е основа на третман на овој степен на дехидратација, а се реализира со посебни раствори за рехидратација кои содржат вода, електролити и шеќери во балансиран сооднос кој е предуслов за правилно спроведување на рехидратацијата. Истата не смее да се спроведува со чаеви, како и раствори приготвени во домашни услови, особено ако станува збор за доенчиња и мали деца.

Рехидрирањето се спроведува со давање 1 кафена лажичка (5 мл) од растворот на секои 5 минути, а доколку тоа не провоцира повраќање, добро е да се зголемува количината на 30 мл (2 супени лажици) на секои 5 минути. Целта е детето да прими 25-50 мл раствор за рехидратација по килограм телесна тежина во рок од 2 часа. Доколку детето е на мајчино млеко, задолжително е да се продолжи со доење.

Спречување на дехидратацијата

Доколку детето не е дехидрирано, потребно е да се нуди да прима течности и храна. Доколку детето повраќа или има чести течни столици, потребно е да се даде по 10 мл/кг рехидратациски раствор за секоја епизода на повраќање или пролив. Потребно е да се продолжи со давање помали, но почести оброци. Детето со покачена температура треба да прима раствор за рехидрирање на секои 15-20 мин, во помали количини најдобро со лажичка.

Кога треба да се побара помош од педијатар

– Кога детето одбива да прима раствор за рехидрирање.
– Не престанува да повраќа.
– Проливот се одржува и покрај спроведувањето на сите мерки.
– Не се подобрува и покрај спроведување на мерките за рехидратација.

ДА ЗАПОМНИМЕ

-Доенчињата и малите деца имаат поголем ризик за дехидратација.
– Рано и адекватно поење со адекватни раствори за рехидратација може да спречи настанување на дехидратација.
– Доенче и дете со полесна дехидратација може да се лекува во домашни услови.
– Дете со умерена и тешка дехидратација треба да се прегледа од педијатар кој ќе ја одреди најдобрата терапија.

Автор: Прим. д-р Искра Лазаревска, педијатар во првата приватна општа болница „Ре-Медика“



912

X