Повеќето модерни родители гледаат на децата како на обврска, дополнителна работа, наместо како на извор на помош. Колку пати сте се откажале од тоа да побарате помош од вашето дете затоа што сте помислиле дека ви е многу поедноставно тоа нешто да го направите сами? Исто така, многу често родителите мислат дека кога бараат од детето помош, треба да му вршат притисок за да ги послуша, преку закани со казни, подмитување или на некој сличен начин. Затоа што возрасните на обврските и на работата гледаат како на нешто што човек по природа не сака да го прави и тој став многу лесно им го пренесуваме на своите деца, а нашите деца утре ќе им го пренесат на своите.

Но, иако тоа можеби не сте го знаеле, науката докажала дека многу малите деца инстинктивно сакаат да помогнат и ако тоа не им го дозволите, ќе продолжат да помагаат и како што ќе растат, доброволно и без присилба. Ова се неколку јасни докази за тоа:

Докази дека децата имаат инстинкт кој ги тера да помогнат

Во студија спроведена уште пред 37 години Хариет Реинголд набљудувала деца на возраст од 18, 24 и 30 месеци во интеракција со своите родители (некогаш со таткото, некогаш со мајката) додека извршувале домашни обврски – бришеле прашина, ределе облека, ги кревале садовите од масата по оброкот… Пред почетокот на студијата секој родител бил замолен овие обврски да ги прави со побавно темпо отколку вообичаено, да му дозволи на детето да помогне, ако детето тоа го посака, но не и да бара помош од детето. Резултат? Сите овие деца, вкупно 80, доброволно им се приклучиле на родителите со желба да помогнат. И не само што сакале да помогнат, туку тоа во повеќето случаи го направиле со брзи и енергични движења, испуштајќи звуци на возбуда и правејќи задоволни изрази на лицето, особено кога успешно ја завршиле започната работа.

Многу други студии исто така ја потврдиле оваа очигледно универзална желба на малите деца да помогнат. Во друга студија во лабораторија на еден крај од просторијата поставиле родител кој нешто би работел, а на другиот крај дете кое би играло со играчки. Во одреден момент родителот нешто испуштил од раце за детето да слушне и да го сврти погледот кон звукот. Потоа родителот ќе се обидел да го дофати тој предмет, но безуспешно. Во речиси 100 отсто од случаите детето го оставало играњето и би му приоѓало на родителот за да му помогне да го дофати предметот што му паднал, без некој тоа да го бара од него. Дури и децата на возраст од само 14 месеци сакале да помогнат (Варнекен и Томасело, 2009). Гледаат што се обидува родителот, сфаќаат дека му е потребна помош и веднаш, интуитивно, тргнуваат да помогнат.

Важно е да се нагласи дека децата не очекуваат никаква награда за тоа што помагаат. Напротив, се покажало дека кога наградите ќе се вклучат, тоа ја намалува мотивацијата на детето да помогне. По добивањето награда, кога би се појавила следна пригода за детето да помогне, околу 53 отсто од децата ја искористувале. Кај децата што не се наградувани за помошта тој процент е дури 89 отсто.
Ова покажува дека децата имаат внатрешна мотивација да помогнат, а не дека им треба некој надворешен поттик. Поточно, тие помагаат затоа што сакаат, а не затоа што од тоа ќе имаат некоја корист.

Слична ситуација докажало и истражувањето во кое децата биле наградувани за убавите цртежи. Оние деца што биле наградувани, подоцна вложувале значително помал труд во следните работи во споредба со децата што не добивале награди за оваа активност. Наградите, очигледно, го менуваат ставот на луѓето за активностите во кои порано уживале, а на кои сега гледаат со други очи – како нешто што го прават за од тоа да имаат друг вид корист.

Современите родители така прават две основни грешки кога се работи за желбата малите деца да помогнат. Првата е во тоа што ги спречуваме бидејќи секогаш некаде брзаме, па побрзо ни е и полесно некоја обврска да ја завршиме ние, а другата грешка е кога навистина сакаме некоја помош од детето, па брзаме за тоа да му понудиме награда. Во првиот случај на детето му праќаме порака дека не е способно да го направи тоа што го сака и смета дека може, а во другиот случај дека помагањето е нешто за кое секогаш треба да се очекува некоја добивка.

Што да се направи?

Истражувачите што ги спровеле овие студии, на крајот, сугерираат дека ако сакаме детето да ни биде партнер и да ни помага во домашните обврски, би требало да го направиме следното:

– Работата што се извршува дома треба да ја гледаме како семејна обврска, а не само како обврска на возрасните. Тоа значи дека не само што е потребно некои работи да престанете да ги завршувате сами, туку треба да се воздржите и од контрола и поправање на она што детето го направило.

– Прифатете ги обидите на вашето дете да помогне како искрени и ако имате доволно време да му дозволите на детето да помогне, со само малку соодветно водење, тоа со текот на времето ќе стане добро во тоа.

– Избегнувајте да барате помош или да ја наградувате или да надгледувате и да го поправате направеното. Сето тоа го намалува значењето на она што го направило детето, во неговите очи, а со самото тоа и неговата мотивација. Искрената насмевка со едно „благодарам“ е сосема доволна награда. Тоа е всушност она што и детето го сака. Се обидува да се вклучи и да помогне бидејќи има инстинктивна потреба да ви биде поблиску.

– Сфатете дека вашето дете расте и се развива во многу добра насока кога во нешто ви помага. Детето стекнува одредени вештини и чувство на личен успех, самодоверба и припаѓање на семејството со тоа што помага. Истовремено, кога му се дозволува да помогне, се негува вродената особина на детето која често низ растењето, преку погрешно однесување на возрасните, се губи, а тоа е алтруизмот.

Автор: А. Цвјиетиќ



912

X