Воспитување

Дали материјалните работи влијаат врз самодовербата на децата

Брендирањето облека за најмладите започнало во далечната 1967 година кога Елизабет Тејлор посакала таа и нејзината ќерка да имаат идентични фустани. Модната куќа „Диор“ многу брзо ѝ ја исполнила желбата на познатата актерка. Денес, брендирана детска облека може да се најде во многу, повеќе или помалку познати или скапи бутици низ светот. Фактот што оваа облека се носи многу кратко бидејќи децата брзо ја надраснуваат не ја намалува нејзината цена.

Со години се жалиме на нарушените вредности на младите, а целосно го игнорираме фактот дека ние, возрасните, сме одговорни за таквиот пад на вредностите. Имено, на нашите деца им го пренесуваме она во што веруваме, а нашето влијание е доминантно врз нив сѐ додека не тргнат на училиште, кога мислењето на нивните врсници постепено станува поважно. Но, дотогаш, основните верувања се веќе втиснати и само дополнителното влијание на околината може (или можеби не) да се додаде на нив.

Дете од предучилишна возраст не ја знае вредноста на парите или брендот

Иако квалитетни производи може да се најдат меѓу подостапни и помалку популарни брендови, родителите честопати поистоветуваат скап бренд со квалитет. Понекогаш сакаат да ја истакнат високата финансиска состојба на своето семејство или да им го дадат на своите деца она што на ним им недостигало во детството. Голем е и бројот на оние што се правдаат дека „само“ ги исполнуваат желбите на детето. Сепак, не сите детски желби се „заповед“ за родителите, ниту треба да биде така.

За правилен развој на детето, потребно е да се постават одредени граници и критериуми на однесување, а тие ги одредуваат родителите. Дополнително, оние детски желби што навистина треба да се слушаат најчесто остануваат неисполнети (на пример, да поминуваат повеќе време со мама и тато, да си играат заедно, детето да има право на свое мислење итн.).

Ако родителите не инсистираат на ова, детето од предучилишна возраст нема да ја знае вредноста на парите или на кој било бренд. Затоа на оваа возраст поважно од видот на облеката што ја носи детето е да го научиме како да се однесува со облеката и да биде што е можно посамостојно (да може да ја стави во плакарот, да ги остави валканите работи на соодветно место итн.). Исто така, поважно е играчката да биде едукативна, забавна, креативна и квалитетна, отколку да биде означена од познат производител. Имено, познатите брендови можат да гарантираат квалитет, но и не мора.

Последиците од облекувањето на децата во скапи брендови:

Децата што ги облекуваме во брендирана облека помалку се забавуваат. Кога детето е оптоварено со тоа што има скапа облека или играчки, под влијание на родителите, кон овие работи се однесува со поголема почит отколку кон своите потреби. Свесно е дека родителите скапо го платиле тоа – и внимава да не се извалка или да не ја скрши играчката. Имено, многу деца кои ја доживуваат силата на гневот на нивната мајка кога извалкале скапа кошула или скршиле играчка ја учат оваа горчлива лекција, па во следните ситуации што носат слични ризици не се впуштаат во играње со своите врсници.

Погрешно проценување на луѓето – Ако детето почне да ги оценува своите врсници според материјалниот аспект (на пример, брендот на облека, телефони, технички уреди…), сосема е сигурно дека нема да има можност да развие соодветни социјални и меѓучовечки односи. Имено, без разлика колку е висока финансиската состојба на родителите, тоа сепак не гарантира дека нивните деца се вистинското друштво за вашето дете. Опасност е и кога перцепцијата за себе се дефинира само со материјални добра, бидејќи тогаш она што детето го носи, она што е видливо за секого, станува одлучувачка причина за неговото добро или лошо расположение и внатрешно доживување на самиот себе.

Површна самодоверба – Родителите мислат дека брендираните работи ќе им донесат самодоверба на нивните деца, меѓутоа, истражувањата покажуваат дека децата што добиваат позитивни коментари од нивната околина, особено врсниците, имаат многу повисоко ниво на самопочит. Исто така, забележано е дека оние деца што имаат повисоко ниво на самопочит и кои добиваат потврда од околината поради нивната личност и сопствените квалитети, имаат далеку помал интерес за материјалните вредности. За разлика од нив, за оние деца што немаат ваков тип потврда, материјализмот е директно поврзан со самодовербата.

Како да развиете самодоверба кај децата без да им купувате скапи работи?

Пријателство – Без оглед на тоа каква облека има детето или какви играчки му купувате, тоа ќе биде поприфатено и посакано во неговото друштво ако знае да игра и ако знае да биде „вистински“ пријател. Затоа научете го да ја даде својата поддршка доколку мисли дека некој е тажен, да ги решава конфликтите со разговор, да ги негува своите пријателства… Така ќе стане популарно и, што е уште поважно, ќе стекне знаење што ќе го применува во текот на неговиот живот.

Индивидуалност – Поддржете ја индивидуалноста на вашето дете наместо да негувате став на просечност (дека треба да биде како другите деца од градинка или училиште). Дозволете му да има мислење и став. Не мора секогаш да го почитувате, туку секогаш да го слушате.

Прифаќање – Покажете му на детето дека го сакате и прифаќајте го заедно со сите негови квалитети. Мора да биде сигурно дека е прифатено во своето семејство, дури и кога ќе направи грешка. Вака му кажувате дека не очекувате да биде беспрекорно во секоја своја постапка и дека е сакано без разлика на тоа што направило. Исто така, пофалете го вложениот труд, карактерот, некоја негова постапка, а не само оценките. На овој начин тоа разбира дека давате приоритет на неговата личност, а не на неговите моментални достигнувања.

Борба – Вие сте најголемиот пример на вашето дете и затоа не сте нималку беспомошни. Користете го влијанието што го имате врз вашето дете, пред мислењето од врсниците да стане негов приоритет. Не мора да се идентификувате со трендот дека е важно да имате брендирани или скапи работи. Наместо тоа, борете се! Понекогаш поединецот може да направи вистинско чудо.

Извор

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top