Изминатата година беше многу тешка и емотивна за сите, дури и за многу родители. Кога се наоѓате во тешки околности, тешко е да го скриете тоа од децата и да ги запрете солзите. Дали воопшто треба да го направите тоа?
Миријам Фоли, мајка на две мали деца, за списанието „Хелоу!“ изјави дека плачела пред децата неколку пати од почетокот на пандемијата и почнала да се грижи дали тоа е во ред.
Сè почнало во средината на март. Во еден момент, децата почнаа да врескаат и да бараат вечера, која сè уште не била подготвена. Фоли се расплакала, опишувајќи го моментот како што следува:
– Пред длабоко да вдишам, му реков на сопругот дека ми треба пауза и дека треба да избегам во бањата. Почувствував како ме стегнаа градите, ми поцрвенија образите и солзите почнаа да ми течат по лицето. Со денови бевме заклучени во станот и на сите нервите ни беа при крај. И иако обично не плачам пред моите деца, овој пат моите емоции ме победија – раскажува таа.
Подоцна, кога децата легнале и имале време да размислат за стресниот ден, Фоли почнала да се прашува дали е во ред да плаче пред децата и дали можеби тоа ќе им наштети?
Но, кога експертите ѝ рекле дека не згрешила, од срцето ѝ паднал камен и таа одлучила да го сподели своето искуство со другите родители.
– Вистина е дека родителите треба да бидат тие што ги поддржуваат своите деца. Но, и возрасните имаат емоции и нема потреба да ги кријат – вели Бети Праудфут, воспитувачка во Сан Хозе, Калифорнија, која има повеќе од 35 години искуство во советување деца и семејства.
Минатата и оваа година беа емоционално многу тешки за многумина. Во ерата на ковид-19 родителите, особено мајките, се растргнати на сите страни: работа од дома, грижа за деца, помагање на децата со онлајн-часови, секојдневни домашни работи и готвење. Некои луѓе дополнително се соочија со загуба на некој близок или со здравствени и финансиски проблеми.
Се разбира, постојат и други причини зошто плачеме, а кои не се поврзани со тага или фрустрација.
Бред Репке, постар финансиски советник од Мичиген, вели дека претходно никогаш не се расплакал пред своите деца. Всушност, тој признава дека најчесто ги потиснувал и ги игнорирал своите чувства. Но, искуството со терапија и татковство му овозможило да допре подлабок, почувствителен дел од себе.
– Сега дискутирањето на емотивни теми е исто толку важно како играњето игри или одењето на риболов со децата или зборувањето за манири, почит и напорна работа – вели тој, и додава дека секогаш им кажува на своите деца: „Деца, ако ви е потребно, исплачете се, тоа е во ред“.
Бред особено го охрабрува својот син да ги изрази своите чувства на начин на кој тој самиот не можел затоа што се срамел.
– Сакам мојот син да сфати дека плачењето е добро и дека тој навистина може да се чувствува подобро потоа – вели Бред.

Плачењето е корисно бидејќи ослободува окситоцин и ендорфин, кои прават да се чувствуваме добро и помагаат во ублажувањето на физичката и емоционалната болка, предупредуваат експертите. Ако неколку пати сте плачеле пред децата, а потоа се чувствувате лошо, не грижете се. Експертите велат дека всушност е пожелно децата да ве гледаат како плачете, а потоа да се чувствувате подобро, бидејќи тоа помалку ќе ги стигматизира солзите. Еве уште неколку упатства:
Кажете им на децата дека не е нивна вина што плачете.
Децата, особено помладите, се многу егоцентрични. Кога ве гледаат како плачете, секогаш мислат дека ве растажиле, па мора да им објасните која е вистинската причина за солзите.
Изабел Баскон, воспитувачка во градинка во Мадрид, советува да им ги објасните на децата вистинските причини зошто плачете со што е можно поедноставни зборови, на начин што тие можат да го разберат. Кажете им нешто како: „Плачам затоа што ми недостига мојот пријател“ или „Плачам затоа што работите не излегоа како што сакав“.
Објаснете им ги вашите чувства
Објаснете им на децата дека плачете затоа што сте тажни, среќни, лути, фрустрирани или трогнати од некоја ситуација. Колку побрзо можат да ги препознаат нијансите на сопствените емоции, толку подобро.
– Родителот треба да ги запознае децата со целиот спектар на емоции – вели Праудфут. Таа додава дека фактот дека не мора да ги криете солзите од децата не значи дека е во ред да ги изложувате на крајна лутина или тага.
Пронајдете утеха на друго место
Во ред е ако децата ве прегрнат кога плачете – тоа покажува дека се емпатични.
– Како и да е, некои родители секогаш очекуваат нивните деца да ги тешат – вели Праудфут. Наместо да покаже природна склоност да утеши некој близок во време кога тоа му е потребно, детето може да почне да го носи товарот на чувствата на родителот.
– Таквата размена на улоги не е исправна – предупредува Прадуфут додавајќи: – Родителите се тие што треба да ги утешат децата, а не обратно.
Насмевнете се низ солзите
Ако вашето дете ви нуди утеха, заблагодарете му се со голема насмевка и кажете му дека сте добро и дека имате возрасни околу вас кои ве поддржуваат.
– Минатата недела, по стресниот ден, го почувствував тоа познато чувство во градите и црвенилото во образите. Солзите течеа сами од себе, но овој пат наместо да се борам со моите чувства, јас реагирав на нив со хумор. Им реков на децата: – Знам, почнувам повторно да плачам! Не грижете се, веднаш ќе ја исклучам чешмата од солзи!
Автор: Мирјам Фоли