Замислете ја следната ситуација: цел ден сте со децата. Завршувате милион обврски, готвите, играте со нив… Стресот ви е на највисоко ниво, додека вашите деца се расправаат. Изморени се и кенкави. Притисокот ви се качил на 200, но се обидувате да останете смирени и да реагирате како што треба.

Велат дека кенкањето е еден од најнепријатните звуци што човечкото уво може да ги чуе. Не е ни чудно што реагираме така кога сме исцрпени и слушаме такви звуци. Го слушаме нивното лелекање, плачење, а и самите би заплакале од мака. Ако ви е утеха, знајте дека кенкањето се намалува како што растат децата. Меѓутоа, проблемот нема да се реши доколку вие реагирате погрешно и им дозволувате на децата да прават што ќе посакаат. Секое дете во одреден дел од денот е поспано, изморено, гладно, жедно или нешто не му е по ќеф. Постои начин сета таа непријатност да се изрази на поинаков начин.

Пред сè, вооружете се со трпение. Детето не кенка за да ве нервира, ниту затоа што е безобразно. Тоа сака да изрази нешто што не му одговара, а не знае на кој начин. Затоа, почнете од идејата да разберете зошто се однесува така. Што е тоа што му пречи? Размислете дали тоа го прави во некое одредено време. Ако е така, спречете го кенкањето со одмор, спиење или храна. Дали неодамна сте добиле бебе или сте се преселиле? Дали сте претрпеле некакви промени кои ги чувствува и вашето дете? Пронајдете ја причината и ќе ви биде многу полесно да го решите овој проблем.

Бидете пример. Ако на вас се гледа дека детето ве изнервирало и почнувате да викате, му давате до знаење дека и вие во стресни ситуации се однесувате општествено неприфатливо. Дишете, бројте до десет, излезете од просторијата за да се смирите. Прифатете го фактот дека кенкањето е дел од растењето. Доколку мислите дека само вашите деца така се однесуваат, знајте дека не сте единствени. Сите деца кенкаат. Кога тоа ќе го прифатите со разбирање и со многу помалку драма, нема да ви пречи до таа мера како порано. Детето ќе увиди дека не реагирате и со тек на време ќе почне да ја намалува оваа лоша навика.

Дајте им до знаење дека кенкањето е неприфатлив начин на однесување. Заземете цврст став и останете доследни. Кажете им дека нема да ги слушате сè додека не ви се обратат на нормален и зрел начин. Побарајте помош на интернет и пуштете им снимка од некое дете како кенка. Прашајте ги што мислат за него и дали тоа однесување е добро. Свртете го вниманието на несаканото однесување. Прашајте ги што би било кога вие така би се однесувале секојпат кога треба да се мијат садовите. Објаснете им дека постојат обврски што мора да ги завршиме. Немојте сè да правите наместо нив, бидејќи нема да стекнат одговорност и ќе продолжат така да се однесуваат дури и кога ќе пораснат. Почнете со воспитување од мали нозе, а не кога ќе станат тинејџери. Нема да поминете лесно.

Наведете некој свој пример од детството. Раскажете некоја приказна што сте ја чуле или измислиле (а да е приспособена на нивната возраст). Измислете главен лик кој кенкал, а потоа од некоја причина престанал и сите го сметале за возрасен и зрел. Нека ви работи имагинацијата. Важно е само да смислите приказна во која детето ќе се идентификува со позитивен јунак.

Автор: О.Б/ дипломиран психолог и семеен терапевт



912

X