Често сме сведоци на ситуации во кои срамежливоста кај децата се става во негативен контекст и по секоја цена се настојува да се елиминира и обликува во некое однесување што е повеќе социјално прифатено. Изгледа дека родителите, а уште повеќе познајниците, пријателите, луѓето од паркот – не размислуваат премногу за мотивите и причините за срамежливоста, туку едноставно ја етикетираат како непосакувано однесување и посегаат кон стратегии за „излекување“.

Децата, во ситуација кога не се чувствуваат пријатно да направат нешто или да кажат, а на тоа се инсистира, доживуваат емоционална и когнитивна блокада и уште повеќе се повлекуваат во себе. Со тоа секогаш оди и чувството на невреднување и неприфаќање на детските потреби. Овде тоа е потреба да не се изложи. Во нашата култура вообичаено е децата што се продорни и наметливи да се проценуваат како способни, паметни, вешти и слично, што не е секогаш случај со децата кои се внимателни и ненаметливи.

Кога родителите се ладни и склони кон критика, детето се чувствува помалку вредно

Колку родители разговараат со детето за причините што довеле до повлекување и неизложеност? Како детето би реагирало кога некого навистина би го интересирало зошто се однесува на одреден начин? А дури тогаш би рекле: „Па добро, во ред е нешто да не сакаш, ни јас не сум секогаш расположен за сè. Не мораш да правиш работи што не ти одговараат“. Тоа за детето би значело дека го уважуваме и го прифаќаме такво какво што е и дека не сакаме да го менуваме. Сите сакаме да бидеме прифатени. А кога сме прифатени и кога сме задоволни со тоа што сме, дури тогаш имаме капацитет да растеме, да се развиваме и да промениме некои работи кај себе.

Има повеќе причини зошто децата се срамежливи. Некои деца навистина се чувствуваат несоодветно и невреднувано и не сакаат тоа чувство да се зајакнува. Во текот на растењето, секое семејство поддржува одредени начини на комуникација, покажување емоции, однесувања. Доколку начинот на кој детето се однесува и се изразува не е поддржан и вреднуван како правилен од страна на семејството, детето може да се доживее себеси како личност која е несоодветна и помалку вредна. Тоа се случува на најрана возраст, кога детето уште не може да ги разбере таквите работи. Кога родителите се ладни, неприсутни, склони кон критика, осудувачки настроени, детето исто така се повлекува и создава слика за себе како за личност која е помалку вредна.

На рана возраст, секое дете има потреба да биде заштитено од страна на родителот и потребен му е родител на кој му верува и кој го проценува како исправен. Затоа се доживува себеси како несоодветен, а не родителот. Ваквиот механизам може да биде пат кој во возрасниот живот ќе резултира со срам, кој е сериозна психолошка пречка и бара долготрајна психо-терапевтска работа.

Да провериме од каде доаѓа срамежливоста и што претставува за детето

Меѓутоа, често ги забораваме оние мудри и внимателни деца кои од мала возраст имаат многу граници. Тоа се деца што одмеруваат, проценуваат, анализираат и влегуваат во ситуација кога се чувствуваат доволно пријатно. Тоа се деца што ги уважуваат своите потреби, ги ставаат на прво место и поставуваат граници, а тоа е нешто што е голем предизвик и за нас, возрасните. Таквата срамежливост не само што треба да се поддржи, туку треба и да ѝ се даде признание и да се поткрепи во некои ситуации, бидејќи е важна лекција и пат кон здраво функционирање во односите со луѓето.

Затоа е важно да ги слушнеме децата, да разговараме со нив. Пред да ѝ пристапиме на срамежливоста со желба за корекции, да провериме од каде доаѓа и што претставува за детето – поддршка или спречување.

Автор: Јелена Стефановиќ Јовановиќ, психолог и психотерапевт



912

X