Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Ве молиме прашањата пишувајте ги на кирилица. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Јас сум мајка на 3,5-годишна ќерка. Накратко ќе ја опишам и ќе го поставам прашањето. Таа не зборува многу, само кратко кажува зборчиња и кога не е по нејзино, ја удира главата од што било и фрла сè пред себе. Беше мирно бебе, но пред помалку од една година беше во болница, имаше проблем со столицата и претрпе голем стрес. Прашањето ми е дали е нормално силно да плаче и да ја удри главата од што било, не гледа дали е тоа железо, дрво, камен и дури и при болка продолжува да го прави тоа.

ОДГОВОР: Нормално е да сте загрижени и вознемирени бидејќи не можете да го разберете однесувањето на вашето дете.
Во таа возраст децата се соочуваат со големи развојни промени. Во овој бурен период на развојот и развојот на емоциите децата честопати се збунети и не знаат како да се справат со нив. Особено децата кои вербално сè уште не се изразуваат добро, кога нешто сакаат, а им се забранува, или ако не се согласуваат со некои работи, својата фрустрација и лутина ги искажуваат со врескање, фрлање, плачење, а некои деца дури и се фрлаат на под, ја удираат главата или, пак, сами се удираат.
Детето кога не може целосно да се изрази преку употреба на зборовите станува фрустрирано. Во тој момент на бурна емотивна експлозија тоа не умее на друг начин да комуницира, па се свртува кон физичка реакција, која е како канал за изразување на негативната емоција за да се исфрли и смири.

Децата сакаат многу работи, но не се свесни и не разбираат дека тие работи не се за нив или дека не се можни во тој момент. Но во тие моменти кога детето бурно реагира, нема потреба да се објаснува, тогаш детето не е во состојба да ги обработи податоците, можете само да го пренасочите и кога се повредува да го сопрете удирањето, земете го в раце и однесете го на помирно и безбедно место. Подоцна кога ќе се смири и ќе заврши емотивната експлозија, можете да разговарате за причината што довела до таквата реакција.

За да му помогнете на вашето дете, добро е во тие моменти да му кажете: „Ти многу се налути бидејќи мама не ти даде“ или „Се натажи што не ја зеде…“ На овој начин покажувате емпатија, дека ја разбирате и сочувствувате со неа, но сепак не попуштате. Зборувајте смирено, јасно и цврсто, но не со гнев, обвинување и остри критики, закани или навреди. На пр., „Знам дека се налути, но играчките не се за фрлање“, „Кога си многу лута, тогаш удирај ја перницата, а не да ја удираш главата“ или „Кога си лута, еве кини ги листовите од весникот“.

Верувам дека многупати сте лути на овие испади и тешко е да останете смирени и да се носите со вашата трпеливост, но во овие бурни епизоди вашата трпеливост е најпотребна. Тогаш таа учи од вас, вашиот пример е вашата најмоќна алатка.

Ако често го прави ова за да ја постигне својата цел и да го привлече вашето внимание, тогаш научила дека со плачење, врескање и удирање ќе го добие она што го сака, и ако тој метод функционира, ќе се повторува.
Децата го користат овој вид однесување како мотиватор за родителско внимание. Детето, свесно за реакцијата на своите родители, го користи ова однесување за да привлече внимание. Јас правам нешто што доведува до реакција кај родителите, затоа и го повторувам.

Потрудете се да поминувате повеќе време заедно, да цртате и да именувате, да боите, да местите сложувалки, да редите и правите ѓердани со макарони, пред спиење да читате приказни и прашувајте… на тој начин повеќе ќе се поврзувате со вашето дете, а и повеќе ќе почнува да го развива говорот.
Приказни за лутина, страв, љубомора, тага и сл… можат да бидат добар модел кој ќе му помогне на детето да научи како да постапува во различни ситуации.

Границите и доследноста се дел од грижата, заедно со љубовта и прифаќањето тоа е основното нешто што им треба. Затоа создајте основни правила и држете се до нив. Поставете и одржувајте јасни очекувања за тоа што е и што не е прифатливо. Но и повеќе охрабрувајте ја и пофалувајте ја кога прави нешто добро.

Регулирањето на емоциите и контролирањето на однесувањето се вештини кои полека се развиваат со текот на времето. Како и секоја друга вештина, децата треба да ја научат и практикуваат, со наша помош.
Доколку продолжи ваквото однесување, а и говорот останува на истото ниво, би било добро да се обратите кај вашиот педијатар и кај логопед.

Одговара: Билјана Манасова-Јовановиќ, дефектолог и психотерапевт; Психотерапија и советување 
е-пошта: sovetuvanje@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработка помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти, членови и соработници на здружението, како и самостојни експерти, соработници на Деца.мк.



912

X