„Да“

Џесика Томпсон – мајка на три деца

Седите на клупа во парк или игралиште и ги гледате децата додека си играат, но забележувате дека дечињата се натрупуваат на врвот од лизгалката. Едно дете упорно се качува во погрешна насока и се спушта по лизгалката повторно и повторно, додека другите чекаат нетрпеливо на врвот. Дали треба да појдете таму и да му се обратите на детето кое ја спречува играта на другите деца? Јас сигурно би го направила тоа, дури и ако моето дете не е ни во близина на лизгалката. Исто така, би му се обратила на она дете што фрла камења, а и на она што ја врти пребрзо вртелешката кога и да се качи некој друг на неа, дури и на онаа група постари деца што не се доволно внимателни околу помалите деца.

Додека вашите деца се кај вас дома, нивната дисциплина е 100 проценти ваша одговорност. Кога ќе ги извадите во јавен простор, децата мора да научат да го споделуваат светот, а од возрасните зависи дали тие ќе ги научат лекциите. Тука се вклучени и тренерите, учителите, спасувачите и да, понекогаш и нечија туѓа мајка или татко во паркот или игралиштето. Ако се работело за нивното дете по кое фрлаат камења или некој го врти пребрзо на вртелешка, сигурна сум дека тие родители би интервенирале. Како да го очекуваме тоа од некого ако се вознемируваме кога некој ќе му пристапи на нашето дете додека тоа фрла камења? Интервенцијата не е осуда за нечие родителство или навреда за нивното дете. Сите деца се однесуваат лошо во одреден момент, кога го мислат тоа или не. И да се соочиме со вистината, половина од времето тие чекаат да направат нешто такво кога ние не гледаме. Сметам дека е добра работа ако некое возрасно лице што не му е родител на детето, а гледа што се случува, му се обрати и му каже како треба да се однесува.

Заклучокот е – се надевам дека некој би му пришол и би му помогнал на моето дете ако не се чувствува безбедно или дека не е добредојдено, па немам проблем со тоа друг родител да се вмеша кога моите деца се однесуваат лошо. А, ако друго дете се однесува лошо? Сигурно нема да ми биде непријатно да му речам да престане.

„Не“

Дерек Малком – татко на едно дете

Ах, парк. Тоа е вистинска џунгла, борба за тоа кој е на ред на лулашките и слично. Се фрла песок, некои се туркаат, солзи течат. Сите сме виделе како нашите деца се предмет на несакани дејства. Сметам дека децата треба да научат да ги решаваат проблемите сами, но сепак наша задача е да го потсетиме нашето дете да го почека својот ред и да ги почитува другите. На пример, мојата петгодишна ќерка сè уште учи за тоа како треба да се однесува во паркот кога се качува на лизгалката и ги турка децата за да се искачи уште еднаш. Ако мојата ќерка се однесува лошо во паркот, лично јас сакам да ја применам дисциплинската мерка ако ситуацијата го бара тоа, а не некој странец. Не сакам да бидам сфатен погрешно, ја разбирам филозофијата дека е потребно повеќето луѓе да се вклучат. Но, сепак, го имам правото да одлучам кои ќе бидат тие луѓе. Мојата сопруга и јас сме среќни што сме дел од одлична заедница на родители, наставници, пријатели и семејство кои ги познаваат и се грижат за многуте деца во нашето соседство. Дискутираме за родителството заедно и споделуваме многу исти вредности, а во некои пригоди некои од нив споделуваат правда во паркот на нашето девојче. И јас немам проблем со тоа.

Но, да му се држат лекции на некое непознато дете? Тоа не е за мене. Не е моја задача да се мешам во дисциплинските мерки на туѓите родители. Знам колку е чувствително моето дете кога го коригирам неговото однесување и не сакам да ризикувам такво нешто со дете што не го познавам.

Да замолите друго дете на љубезен начин да ја сподели лизгалката и да не фрла песок е една работа и секогаш можам да ја одведам ќерка ми да си игра на друго место, но тука ја повлекувам линијата. Ако некое дете и покрај тоа е непослушно, тогаш треба да се лоцира родителот и тој да ја преземе ситуацијата понатаму – пред паркот или игралиштето да прераснат во борбено поле.

Што би направиле вие?

Автор: Џесика Томпсон и Дерек Малком



912

X