Иако кога бевме дваесетгодишници се колневме дека нема да се однесуваме како нашите родители, штом добивме деца почнавме да ги повторуваме нивните обрасци, што е сосема разбирливо. Иако многу воспитни методи на нашите мајки и татковци денес ни изгледаат толку природни и логични, ние всушност само ги оптоваруваме децата и ги спречуваме самостојно да се развиваат и зајакнуваат. Доколку кај себе забележите некој од овие обрасци на однесување и реакции, сосечете ги во корен.

Одговарате на прашања место нив

Сè почнува тогаш кога на прашање на возрасно лице упатено до вашето дете, ќе одговорите вие. На овој начин не му дозволувате да научи да се изразува, да изнесува свои мислења, без задршка да комуницира со околината и да воспоставува нови контакти.
Дома треба да го учите како да одговара на одредени прашања, а не кога ќе се најдете во друштво. Тука завршува вашата улога. Кога ќе се најдете надвор од дома, оставете го детето да зборува.

Се трудите да им бидете пријател

Разбирливо е зошто го сакате ова, но мајките и татковците не треба да бидат пријатели со децата. За тоа служат нивните врсници. Комуникацијата со пријателите подразбира разговор на сите теми, а тоа од одреден момент – не ќе биде можно да го прави со вас. Децата нема да сакаат да ви откријат баш сè, особено во пубертетот. Затоа, најдобро е од првиот момент да бидете она што сте – родител кој дава безусловна љубов и поддршка.

Им го наметнувате сопствениот вкус

Знаеме дека од најдобра намера се обидувате да го натерате да слуша одреден вид музика, да чита книги кои вие сметате дека се добри, да носи облека која вие ја сметате за убава и удобна, но тоа може да предизвика само бунт. Наместо тоа, потрудете се да разменувате мислења за омилени филмови, јунаци, хобија, да разгледувате различни опции, да изложувате ставови, но на крајот сепак да му дозволите на детето да развие сопствен вкус и да развие индивидуалност.

Се мешате во нивната приватност

О, да. И тие еднаш ќе посакаат да имаат своја приватност и мали тајни кои ќе сакаат да ги споделат со другарите, а дополнително ќе сакаат и да донесат некои одлуки во кои вие не треба да се мешате. Родителите грешат кога го форсираат детето на разговор на одредени теми за кои тоа не е подготвено да зборува. Знаеме дека сакате да ги дознаете сите детали за нивната прва симпатија, која е и каква е, дали ги познавате родителите, но тоа ќе мора да го задржите за себе. Не испитувајте го детето и не терајте го да зборува за работи кои очигледно не сака да ги споделува со вас.

Им помагате и кога не им треба помош

Веќе околу третата година детето е способно донекаде самото да се облече, да ги спакува играчките и самото да јаде, но некои родители го игнорираат тоа па сè до поаѓањето на училиште, тоа го прават наместо него – го облекуваат, му ги врзуваат врвците, му прават фризура, го хранат… А потоа, кога ќе стане тинејџер, силно се изненадени со неговата несамостојност и безобразие бидејќи не сака да помогне да се раскрене масата и да се измијат чиниите, ниту сака да ја среди својата соба.
За да го спречите тоа, пуштете ги додека се мали да експериментираат, да учат, да паѓаат и да стануваат, бидејќи само така можат да научат како самите да се грижат за себе.

 



912

X