Воспитување

Како да препознаеме и да заштитиме дете со атипичен развој од насилство

Децата со атипичен развој (деца со аутизам, АДХД, дислексија, интелектуални тешкотии или други развојни разлики) често се поранлива група кога станува збор за врсничко насилство. Нивната различност може да ги направи мета на недоразбирање, исклучување или навредување. Насилството не е само физичко. Тоа може да биде:

  • вербално (навреди, исмејување)
  •  социјално (исклучување од игра, игнорирање)
  • физичко (удирање, оттурнување)
  • дигитално (навредливи пораки, групи за исмејување).

Како да препознаете дека детето доживува насилство?

Кај деца со атипичен развој, сигналите понекогаш се посуптилни:

  • ненадејна промена во однесувањето (повлекување, страв),
  •  одбивање да оди на училиште или во градинка,
  • зголемена анксиозност или раздразливост,
  • регресија (на пример, повторно мокрење, губење на веќе стекнати вештини),
  • чести соматски поплаки (болки во стомак или во глава без медицинска причина),
  •  промени во спиењето или апетитот,
  • необјаснети повреди или оштетени работи.

Кај некои деца, особено оние со тешкотии во комуникацијата, насилството може да се изрази преку:

  • зголемени испади (meltdowns)
  •  автостимулативни однесувања
  • агресија кон себе или други.

Зошто овие деца поретко кажуваат што им се случува?

Ова се деца што потешко ги изразуваат своите чувства, не разбираат дека тоа што го доживуваат е погрешно. Имаат страв од последици или се толку навикнати на одбивање, па го прифаќаат тоа како нормално.

Како да го научиме детето да се заштити?

Важно е да се работи на практични и едноставни стратегии:

1. Препознавање на неприфатливото однесување

Учете го детето кое однесување е во ред, а кое не. Со практични примери од филмови сликовници, приказни. Дури ако треба, залепете и дома слики – што е во ред, а што не е. Секогаш повторувајте.

Кажете им дека е во ред да се каже НЕ.

2. Комуникациски вештини

Вежбајте кратки реченици: Престани, Не ми се допаѓа тоа, Ќе кажам на наставник/родител.(За деца со тешкотии во говорот, користете картички, симболи или гестови).

3. Безбедносна мрежа

Детето треба да знае на кои возрасни може да им верува (наставник, педагог, родител) и каде може да се повлече кога се чувствува небезбедно.

Многу е важно да се дадат јасни слики, колку што е можно поедноставно и подетално, што е сигурно однесување на возрасно лице, дека сме во општество каде што читаме и за опасностите што демнеат дури и од стручен кадар, за жал, и од роднини.

Децата со атипичен развој може лесно да наседнат доколку само им кажуваме дека треба на тие возрасни да им веруваат, но истовремено треба да ги учиме и што сѐ една возрасна личност прави за да се чувствуваме сигурни до неа.

Ќотекот не е љубов, допирите на недозволени места не се дозволени (означете на слика кои места се интима, кои смее да се допираат на луѓе) и сл.

4. Играње улоги

Практикувајте ситуации дома: Што да направи ако некој го турне, како да побара помош.

Како да постапат родителите?

1. Слушајте без осуда. Дури и ако приказната е нецелосна, сериозно сфатете ја.

2. Не обвинувајте го детето: Избегнувајте реченици како „Зошто не си се одбранил“ или „Игнорирај ги“ и сл. Наместо тоа, кажете дека сте тука за нив и дека ќе најдете решение заедно.

Секоја емоција детето ја впива. Не зборувајте за грижите пред него.

3. Комуникација со училиштето. Разговарајте со наставникот, педагогот, психологот и барајте конкретни мерки (надзор, вклучување).

4. Документирање. Запишувајте сѐ што се случило, каде и кога, кои деца биле вклучени. Ова помага при системско решавање.

5. Зајакнување на самодовербата. Вклучете го детето во активности во кои се чувствува успешно – спорт, уметност, креативни работилници.

Кога е потребна стручна помош?

Побарајте поддршка од:

* специјален едукатор и рехабилитатор

* психолог

* педагог

особено ако детето покажува интензивен страв, повлекување, агресија или самоповредување.

Секое дете заслужува безбедна средина за раст и развој. Децата со атипичен развој не треба да се „зајакнуваат“ за да издржат насилство, туку општеството треба да се едуцира за да ги прифати. Нашата улога како возрасни е да препознаеме, да реагираме и да создадеме средина каде што различноста е вредност, а не причина за исклучување.

Поврзани написи

Прашај психолог

Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца. На прашањата одговараат психолози и психотерапевти соработници на Деца.мк.

To top