„Сè што сум рекла дека нема да дозволам – дозволувам“, е изјава која често ја слушаме од мајките и татковците, кои пред да ја искусат магијата на родителството, биле уверени дека ќе бидат принципиелни во воспитувањето на децата. Мора ли така да биде и дали тоа мора да е лошо?

Ги знаете оние ситуации кога точно знаете какво ќе биде вашето дете? „Не, моето дете никогаш нема да фрла работи на под. Моето дете нема да јаде бонбони пред да наполни две години. Мобилен телефон (кога децата гледаат музички видеа) ќе дозволам дури кога ќе наполни три години“. Често во нашите глави правиме слики на дете какво што сакаме да имаме и точно знаеме како ќе го воспитуваме. И потоа во практика и во секојдневниот живот гледаме дека тоа и не е баш така.

Не постои совршен родител, ниту совршено дете. Постои само добар родител.

Еден прекрасен пример е мојата пријателка. Кога беше бремена, читаше книги за растење деца и на тој начин се подготвуваше за растењето на сопственото дете. Уште тогаш донесе одлука дека таа нема да му вика на своето дете, дека нема да го уценува. Беше уверена во фактот дека нејзиното дете нема да спие со неа во ист кревет. И по неколку месеци ми кажа: „Сè што сум зборувала дека нема да правам, сега го правам. Се чувствувам грозно“. И тоа е сосема нормално. Нормално е со најдобра намера да го правиме она што не сме го планирале, ни очекувале, ниту сме сакале да го правиме. Не постои совршен родител, ниту совршено дете. Добре дојдовте во светот на несовршенството! Постои само добар родител. Тоа е оној родител кој е доследен во задоволувањето на потребите на детето, кој го следи детето и гради хармоничен однос со него.
Како да градите добар однос со детето?

Поставете јасни граници

За границите во растењето на децата се пишува многу и ние сме свесни за тоа. Сепак, тоа е една од најголемите борби во процесот на растење, но и една од најважните ставки за успешно растење и градење однос со детето. Добро поставените граници треба да ги уважат потребите и на детето и на родителот. Пред сè, важно е да се препознае и знае разликата помеѓу потреба и желба, и на детето и на родителот. Понатаму, границите треба да се постават однапред, т.е, со детето треба навреме да се договорат правилата на однесување, дејствување итн. Границите не подразбираат строго воспитување, а на децата им требаат и бараат граници. Тие им даваат сигурност, стабилност и чувство на доверба во личноста која ги поставува границите.

Бидете доследни

Да се биде доследен е уште една голема борба во воспитувањето на децата. Дали е воопшто можно да се биде целосно и секогаш доследен? Може ли понекогаш да се попушти? Најчесто попуштаме од следните, различни причини: замор, немоќ, сожалување итн. Како да ја пронајдеме рамнотежата помеѓу тоа да се биде доследен и попустлив? Одредете што ви е важно во растењето на децата. Кога и во што можете да попуштите, а во кои ситуации морате да бидете доследни? Понекогаш се случува детето да нè смота околу малиот прст и несвесно да попуштиме. И тоа е во ред. Луѓе сме, грешиме. Сепак, поразговарајте со детето околу тоа. Искрена и отворена комуникација гради успешен однос, кој се темели на доверба и почит.

Разговарајте со детето

Вербална или невербална, комуникацијата е потреба на сите луѓе. Тоа не е само размена на информации, знаење, емоции, ставови, мисли. Комуникацијата е многу повеќе. Комуникацијата е растењето на детето. Комуникацијата е однос. Со комуникацијата го градиме и формираме нашиот однос со детето. Тој однос, како и комуникацијата, може да биде успешен или неуспешен. Знаете за оние ситуации кога детето прашува: „Зошто?“ A возрасните често одговараат: „Затоа што јас така кажувам“. Децата многу работи не разбираат, но сè чувствуваат. Oдлични се во препознавањето на невербалната комуникација. Ако содржината е претешка за детското разбирање, поедноставете ја информацијата или приспособете ја. И не ветувајте му работи на детето кои не можете да ги исполните. Ветувањата им се многу важни на децата. Многу често знаат да прашаат: „Ми ветуваш?“ Ветете му го на детето само она што може да го исполните. А доколку не сте сигурни во своите ветувања, кажете му го тоа на вашето дете, бидете искрени и кон себе и кон детето.

Бидете позитивни

Единствено позитивниот пристап ни отвора врати за нови можности. Секое однесување има позитивна намера, доколку така размислуваме. Квалитетен родител е оној што е спремен да ги прифати и види своите слабости, недостатоци, маани и во тоа да може да види позитивен исход. Добриот родител греши, но презема одговорност за своите грешки. Свесен е за своите грешки и пронаоѓа начин како да ги исправи. На растењето дете не треба да се гледа како на борба и на постојано коригирање. Тоа е процес на учење, процес на промени, процес кој трае цел живот.

Автор: Лана Кихас

Извор



912

X