Да се биде родител во овие тешки времиња е голем предизвик и секојдневна животна борба. Таа борба е уште поголема ако родителството е самохрано.

Најголеми жртви во еднородителските семејства се децата, но во сенка го ставаме оној родител кој се бори за егзистенцијата на тоа семејство. Да се биде самохран родител е првенствено борба со себеси, одржување ментален баланс, работа на психофизичкото здравје за да може да му се даде на детето удобен и пристоен живот.

Кога едниот родител ќе се соочи со смрт на животниот партнер или развод на бракот, сите обврски во домот остануваат на него. Примарна е грижата за децата, но да не ги заборавиме и семејните трошоци кои се зголемуваат и стануваат потешки по доживеаната траума.

Родителот често е принуден да работи две работи за да може да обезбеди материјални средства за себе и за децата. Покрај лошите финансиски услови, родителот се соочува и со проблем околу чувањето на децата. Самохраните родители не можат да си дозволат дадилка која би се грижела за детето. Бабите и дедовците не сакаат да преземат обврска, ниту пак одговорност. Не секогаш родителот може навреме да стигне во престој или градинка и да си го земе или остави своето дете бидејќи работата може да му биде и повеќе од 10 работни часа, во различни смени.

Одржувањето на менталното здравје е најтешката задача со која се соочува самохраниот родител. За едно дете да биде здраво, мора да има и здрав родител. Родителот сега постојано се грижи да ја приспособи средината која дотогаш била топла, пријатна и безбедна за живеење за детето. Покрај загриженоста околу семејниот дом, се јавуваат и страв и несоница кај родителот и детето, бидејќи сега животот е без еден близок, па се јавува несигурност, стравување за сопствениот живот, доаѓаат мисли дека ќе се разболат, се јавува плачење во сон, депресија и анксиозност. Децата почнуваат да цртаат морничави цртежи, се опседнуваат со одредени предмети, се јавуваат бес и агресија, одличниот успех преминува во лошо поведение.

Влегуваат во конфликт со нивните другарчиња и врсници, лесно се навредуваат. Многу често може да се јават и негативни чувства за оној родител кој е со нив, мислејќи дека тој е виновен што другиот родител го нема.

Социјализацијата е уште еден проблем кај самохраните родители. Немајќи време, а некогаш и поради немањето желба за дружење, самохраните родители се оддалечуваат од сите. Недостигот на социјализација придонесува за лошо здравје на самохраните родители. Изгубени во светот на родителството, забораваат на себе.

Препораки и совети:

  • Минувајте колку што можете повеќе време со вашите деца, времето поминато со најмилите ги зацелува раните;
  • Вклучете што е можно повеќе заеднички активности (пазарење на намирници, возење велосипеди, заеднички шопинг, домашно кино, цртање, играње друштвени игри);
  • Пикник во природа;
  • Истражувајте ја природата, одете на нови и непознати места кои не сте ги посетиле дотогаш;
  • Имајте трпение и толеранција. На децата им треба поголем временски период за да ги разберат животните промени што им се случуваат.
  • Минувајте време сами со себе, тоа е добро за менталното здравје.
  • Променете ги семејните рутини (било тоа да е разместување на мебелот, предметите, утринските навики).

Да се биде самохран родител значи голема храброст и издржливост! Среќата постои и за еднородителските семејства!

Автор: Елена Михајловска, дипломиран семеен советник



912

X