Семејствата со маќеа или очув се најголеми семејства по класичните, но во многу култури и денес постојат стереотипи за „суровоста“ на маќеите и/или очувите во односите со децата од партнерот. За тоа во голема мера придонеле и бајките кои со векови се читаат или усно се пренесуваат од колено на колено, а децата ги впиваат. Иако маќеата, исто како и очувот, кај децата може да предизвика многу различни реакции, можно е да се оствари квалитетен и долготраен однос во кој ниту една страна нема да биде изоставена ниту ќе се чувствува како подредена на другата. Но, за создавање блискост потребно е време.
Кога родителот ќе влезе во нова врска или брак, детето често има чувство на загуба и отфрленост. Не е реткост и детето со години да се уверува себеси во тоа дека мајката и таткото повторно ќе бидат заедно. Кога ќе дојде до нов брак, детето полека почнува да сфаќа дека помирувањето не е можно, па настојува да се бори против новиот член. Освен тоа, ако во целата приказна е вклучено и ново дете кое родителот го има со новиот партнер, приказната дополнително се заплеткува. Во зависност од околностите, во психологијата се познати 3 улоги кои маќеата може да ги има.
Може да има улога на примарна мајка, ако децата немаат биолошка мајка, ако починала или ги напуштила, може да има улога на втора мајка, што е концепт кој би требало да се избегнува, а може да има и улога на пријателка, а тоа е она кон кое треба да се стреми.
Кога и како детето ќе ја прифати маќеата, зависи од неговата возраст.
Истражувањата покажале дека малечкото дете полесно се приспособува на тоа, додека на тинејџерите им треба повеќе време. Но, важно е маќеите во секој момент да бидат свесни за тоа дека односот со доверба се создава со време, како и тоа дека љубовта не може да се форсира.
Ти си ми мајка број 2
Дека е можно да се оствари улога на пријател, па маќеата да има позитивно влијание врз новонастаното семејство, говори и приказната на Ирена (39) од Сплит. Со сопругот има 8-годишен син, а истовремено е маќеа на 18-годишниот М.
„Кога го запознав, имаше само 6 години. Добро се сеќавам на тој ден. Бев многу загрижена и нервозна. Се прашував како ќе го изведам тоа, што ќе правам, што ако малиот не ме сака? Што ако мене не ми се допаѓа? Искрено бев исплашена, но средбата помина многу добро. Му купив слатки и тргнав во таа нова авантура. Тој, како и секое друго дете, беше малку збунет и не зборуваше многу, но брзо се спријателивме“, раскажува Ирена. Не крие дека токму тоа бил и најголемиот предизвик – градење пријателски однос.
„Сакав да почувствува дека сум му прво пријателка и дека може да се чувствува опуштено покрај мене. Тој е посебно момче и брзо се зближивме. На почетокот не останувавме често сами, но кога останувавме, немаше непријатна тишина.“

Денес е млад дечко кој живее во Лондон, но врската со семејството и маќеата и натаму е цврста.
„Иако го помина разводот на родителите и преселбата во друга земја, се гледа дека бил среќно дете. Кај нас ги поминува летото и празниците. И денес заедно одиме на море, во град, на прошетки, иако во тие години повеќе го сака друштвото на врсниците, што е јасно“, вели Ирена.
Кога денес ќе се сети на почетокот на својот однос со посинокот, свесна е дека најважно во целата приказна било да се биде природен. Единствено така може да се наредат работите и така да се создаде едно ново семејство. „Детето го чувствува тоа, треба да се биде искрен и природен. И потоа некако сè доаѓа од себе. Не треба ништо да се форсира, ниту да глумите мајка на тоа дете. Тој денес знае да ми каже: Ире, ти си ми мајка број 2. Но, никогаш не сум сакала да му ја заменам мајка му. Не ја познавам, но сопругот е во коректни односи со неа. Децата што проживеале развод на родителите често доживуваат трауми, па со нив треба полека и внимателно, па на крајот навистина може да се воспостави еден прекрасен однос“, заклучува Ирена.