Да, јас сум мајката чие дете вчера плачеше во паркот. А тој плачеше и пред седум дена додека шетавме. И пред еден месец во продавница за играчки.

Тоа сум јас! Нема причина да ме сожалувате. Да ми кажувате дека сѐ ќе биде во ред. Да бидете изненадени, како само вашите деца да се златни. Тајно да ме критикувате. Тој е дете. Тој е уште мал. Плачеше затоа што сакаше играчка што ја има друго дете. Некаде во мојата глава тоа е нормално. Му објаснивме сѐ. И ќе продолжиме да му повторуваме додека не го сфати тоа. Ако некој не ти даде нешто, не се лутиш, не врескаш, не се фрлаш…

Некаде прочитав дека тоа е дел од растењето. Уште една фаза. Која никогаш не можам да ја надминам. А детето успешно ќе ја помине. Секој негов крик ме погодува директно во некој дел од мозокот. И знам дека треба да останам смирена. Но, чувствувам огромна потреба да не бидам. Туку да се налутам.

Вчера кога се вративме дома по тоа врескање, ме обзеде некакво лудило. Викав, ох колку му викав на моето дете кое бесно се фрлаше на подот. Викав, но не требаше. Но, не можев да го смирам хаосот во мојата глава, кој вриеше од гласното врескање и фрлање. Го ставив детето на местото за т.н. казни, обидувајќи се да му објаснам. Залудно. Врескањето го победи разумот, гневот ги обзеде сите. Викав неколку минути. Конечно сфатив дека е залудно, му реков на сопругот, скршена, без трошка сила, уморна, засрамена, исцрпена: „Не можам повеќе да го слушам ова.“ И отидов во друга соба, ја ставив главата под перницата и плачев. Плачев долго време. Настана прекин. Некаква белина. Не размислував за ништо, дури и ништо не чувствував. Во одреден момент заспав, не се сеќавам. Се чувствував празно, како лушпа од орев, празна, виновна, што не останав доследна на себе и што прекршив нешто одамна ветено. Без викање, само убаво објаснување. Дали е тоа можно?

Додека лежев како кукла, детето доаѓало на секои десет минути. Не се сеќавам на тоа, ми кажа сопругот, моето момче ме бакнувало и ме галело и ми зборувало: „Не мама да плаче, ќе бидам добар.“ Не знам дали тоа однесување е нормално. Не знам, но се трудам и некако се борам. Не знам дали е можно секој атом од мојата сила и енергија да оди кај моето момче. Дали е потребно? Дали грешам? Каде грешам? Дали треба да бидам загрижена? Или треба да се срамам? Кога ќе дојдеме пак во парк, ќе рече ли некој ете ја таа мајка чие дете така плачеше?

Можам само да се плашам дека тоа ќе се повтори. Кога ќе се случи повторно? Да ги потсетам сите, да знаат однапред. Да, јас сум таа мајка чие дете вчера толку многу плачеше. Не знам дали и кога ќе биде повторно така. Да се ​​надеваме дека нема. Затоа што и јас и мојот сопруг му објаснивме. Ама уште е мал, па веројатно наскоро ќе разбере.

И веројатно ќе разберам дека нема поента од викање. Дека само ќе го исплашам детето. И ќе се исцрпам. И пак да бидам полумртва. Додека лежам и дишам, ништо не слушам и не чувствувам. Не, не го сакам тоа чувство повеќе… Никогаш…

Извор



912

X