Според учебникот за хигиена на авторот Џорџ Хенри Рохи од 1890 година, сите дигестивни тегоби кај децата се јавувале поради консумирање јаткасти плодови, бонбони, пити, овошни колачи и кисели краставички. Авторот ги советувал родителите да избегнуваат да им даваат кајсии, праски, сливи, грозје, цреши. Се заговарала „хранливата храна“ како каша, леб и компир, но таа храна не смееле да ја послужуваат претопла или премногу студена. Храната требало да се послужува само млака. Меѓуоброците не биле препорака, но ако баш било потребно, на детето му се дозволувало да грицка парче сув леб.
Избегнувајте што било зелено
Значајна тема меѓу старинските совети за родителите било избегнувањето зелена храна. Линда Мариа Чајлдс во својот водич „Книга за мајките“ од 1831 година пишувала дека додека на детето му растат заби, тоа не смее да грицка ништо зелено. Пај Хенри Чавас тврдел дека детето никогаш не би смеело да јаде нешто што содржи „жолти или зелени пигменти“ или да пие зелен чај. Велел дека зелениот чај ги прави луѓето нервозни, а младите не би требало да знаат што е тоа нервоза. Ги советувале родителите добро да внимаваат и на тоа децата да не ставаат в уста што било со зелена боја, а тоа тогаш било всушност добар совет. Имено, во 19 век арсенот се користел за боење различни предмети во зелена боја. Боите што во себе содржеле арсен, обојувале сè во зелено, од тапети и фустани до лажни цветови.
Децата ги смирувале со опиум и морфиум
Посебен сируп за смирување често им давале на децата на кои им растеле заби, па биле немирни. Утврдено е дека двете главни состојки биле морфиум и алкохол во сирупот „Госпоѓа Винслоу“. Овој производ бил пуштен на пазарот како средство за ублажување на болката и проливот, а во 1868 година се објавени податоци дека годишно се продавале дури 1,5 милион шишиња.
Живата, исто така, во тоа време често се користела како домашен лек. Вилијам Хорнер во својот прирачник „Домашна книга за здравје и медицина“, од 1834 година, ја споменува живата како лек за која било болест, но сепак ги советувал читателите да ја користат внимателно. Живата била честа состојка во многу патентирани лекови од 19 век, а најчесто се користела во кремовите против дамки. И опиумот често се употребувал како вид „чудотворен лек“ кој можел да ја излекува која било болест. Опиумот се продавал како средство против болки, но родителите им го давале и на своите бебиња, како и на мали деца кога сакале малку тишина или кога биле настинати.

Внимавајте да не читаат многу
Според советите за родителите од 19 век, читањето никако не било добра забава за децата и не би требало така да го поминуваат времето. Младите девојки и момчиња биле советувани да бидат внимателни во текот на читањето белетристика, бидејќи се сметало дека премногу се стимулира нивниот неразвиен мозок. Овој совет првенствено бил насочен кон девојчињата, бидејќи се верувало дека романите, забавата и операта би можеле прерано да ги воведат во пубертет. Британскиот лекар Едвард Џ. Тилт во својот Водич за зачувување на здравјето на жените во критични животни периоди пишувал дека читањето „романтични измислици премногу ги стимулира младите девојки“, па се грижел дека поради тоа ќе бараат романтика во реалниот живот. И на момчињата им се советувало да ја ограничат количината на белетристика што ја читаат, иако било поприфатливо тие да читаат во споредба со девојчињата. Дури и на учителите им било советувано да внимаваат кога е во прашање белетристиката, со објаснение: „Тоа е корен на слабост на човечкиот ум“. Исто така, им се советувало на родителите да не им купуваат играчки на децата, туку дека децата би требало самите да ги изработат за да го исполнат слободното време. Всушност, тоа е совет со кој многу модерни родители би се согласиле бидејќи во денешно време децата се толку пренатрупани со играчки што често не знаат самите да се заиграат. Некои од старинските идеи за играње биле и изработка на колачи од кал и сечење хартија во облик на кукли или некои детали од природата.
Што кога децата не биле послушни?
Се разбира, ако децата не ги слушаат родителите, би требало да бидат казнети. Поголемиот дел од литературата за родителски совети од 19 век промовирала телесно казнување. Во книгата „Неколку предлози за мајките за управување со нивните деца“ од 1884 година им се кажувало на мајките дека „доброто, старомодно бичување со тенка, мека, стара кожа или папуча и понатаму е најдобар начин за казнување – само внимавајте да не ги удрите по ушите“, стоело во книгата.
Меѓутоа, ако некои родители не биле наклонети кон физичко казнување од тој тип, им се советувало децата да ги врзат за стол ако лошо се однесуваат или да ги полијат со студена вода – бокал вода истурен на нивната глава би бил доволен да ги покори – пренесува „Винтиџ њуз“.
Автор: Маделин Хилц