И денес се сеќавам на моментот кога веќе како речиси 7-годишно дете ми беше соопштено дека ќе добијам помала сестра. Чувствував некој чуден спој на среќа, возбуда, но и малку љубомора. И не ни можев да помислам какви сè лекции ќе научам како постара сестра. 10 дена по прославата на мојот 7. роденден, кога истовремено ги впивав и своите први искуства како прваче во училишните клупи, на свет пристигна мојата сестра. Се сеќавам кога ноќта се јави мојата тетка, медицинска сестра во болница, и ја соопшти веста дека во родилиштето пристигнало бебе од 4,5 килограми. Некако тогаш ми стана појасно зошто тетка ми неколку дена претходно печеше роденденска торта во облик на зајак, а не мајка ми.
Иако е родена во март, во мојата глава не доаѓаше предвид сестра ми да се вика Мартина бидејќи си имав зацртано дека мора да се вика Тихана, според ќерката од мојата воспитувачка од градинка. И така Тихана пристигна дома, а да се биде постара сестра, тогаш стана и реалност. Во текот на 25 години потоа, тој однос ме научи на многу лекции, со многу подеми и падови. Ова се некои од нив.
Научив да делам
Кога сестра ми дојде дома, одеднаш веќе не бев во центарот на вниманието, но тоа не ми падна тешко. Она што ми беше потешко за поднесување е тоа што неколку месеци подоцна морав да ги делам своите играчки со таа мала смотанка. Одеднаш топката веќе не беше само моја, а моите кукли се најдоа во рацете на мало бебе кое ползи. И да бидеме искрени – ми требаше малку време да се навикнам на тоа, имаше и солзи и викање, но затоа денес не ми е ниту најмал проблем во текот на ручекот во ресторан со некого да разменам парче храна или да позајмам некому книга, а јадењето само една чоколада во пакувањето со 2 парчиња стана речиси рутинско.
Почнав да ги забележувам потребите на другите лица
Кога сестра ми имаше 2 години, се случи ситуација која и денес се прераскажува. Едно попладне кај мене дојде пријателка и баш бевме фокусирани на играта во мојата соба. Во еден момент од кујната се слушна викање и плачење. Сестра ми, седејќи во скутот на мајка ми, ги ставила прстите во врела шолја кафе. Настана хаос, другарката мораше да си оди дома, а јас со сестра ми и родителите во брза помош. Имаше лесни изгореници, но тоа беше доволно за некое време да не може да види никого во бел мантил. Во првиот момент бев толку лута што мојата игра беше прекината и не сфатив каква врска има тоа со мене. Сепак, кога се се смири, сфатив дека сè можело да биде и полошо, а понекогаш навистина треба да се ставите во втор план и да го решите она што во моментот е поитно.
Трпеливоста ми стана второ име
Со оглед на разликата од 7 години, дали воопшто треба да се напомене колку ми беа истенчени нервите во текот на тинејџерските години кога само сакав мир и самотија, а таа сакаше само да си игра и секогаш да биде до мене? Или колку делови од друштвените игри ми беа загубени, а облеката магично ми исчезнуваше? Или колку прашања ми беа поставувани? Но, баш тоа ме научи на трпеливост, а тоа се рефлектира и врз мојата подоцнежна работа со деца. Едноставно поради сестра ми и таа голема разлика во годините, некако подолго останав во тој детски свет, а токму тоа ми помогна и со знаење подоцна да се приближам кон светот на секое дете со кое работев.
Сфатив дека животот не е секогаш праведен
Да добивав паричка за секој пат кога ми беше речено: „Остави ја, таа е малечка“, сега ќе бев милионерка. Не сфаќав зошто некому би требало да му се попушти само затоа што е помлад, бидејќи тоа едноставно ни сега не ми е соодветно. Но, од денешна перспектива, тоа ми помогна полесно да се носам и со сите неправди на кои бев сведок во животот, но и да се тргнам кога ќе наидам на нив.
Научив да ги пренесувам своите знаења и вештини на другите
Како што сестра ми растеше и тргна на училиште, се покажа дека на неа можам и тоа како да ги вежбам своите, очигледно вродени, наставнички вештини. Ѝ помагав со пишувањето на првите домашни задачи, ја испрашував за материјалот, ги вежбавме странските јазици. Но, вредеше и обратното – кога веќе тргна во средно образование, а јас бев на факултет, ѝ давав скрипти според кои и таа мене ме испитуваше. Ги впиваше тие содржини како сунѓер и беше единствена во класот што знаеше одредени поими од книжевноста, јазиците, уметноста и културата, со што ги воодушевуваше наставниците.

Работата во тим ми стана секојдневие
Кога треба да се добие нешто од родителите, две глави се попаметни од една. Тоа добро го знаевме и ние, кои со години се усовршувавме во тоа кога требаше да се добие нешто од мама, без разлика дали било нова облека, одење на сладолед или удомување домашно милениче. И тоа ме научи како да работам во тим, како најдобро да ги искористам доблестите на другите лица во служба на постигнување заедничка цел и како меѓусебно да се надополнуваме.
Добив вистинска поддршка
Малку пред пандемијата доживеав една од моите најголеми лични трауми. Заздравувањето траеше со месеци и бараше и стручна помош. Иако со некои пријатели во неколку наврати разговарав за тоа, никој од нив никогаш не ги видел вистинските размери од таа состојба – неопислива тага, чувство на ништожност, рушење на светот каков што го познавав – освен мојата сестра. Таа ми ги бришеше солзите, со месеци ги слушаше моите лелекања и ми даваше совети како да се извлечам од состојбата. Одеднаш пред моите очи таа веќе не беше она малечко девојче кое ми ги уништуваше играчките, туку млада жена полна со емпатија, разбирање и поддршка. И покрај сите несогласувања што сме ги имале во текот на годините, во тој момент ја сфатив вистинската смисла на сестринскиот однос.