„Мамо, тато и јас правиме заедничка забава со преспивање. Поканета си, но можеби ќе треба да го понесеш и својот компјутер за да можеш да работиш“.

Леле.

Не го земам при срце сето она што моето 6-годишно дете го кажува. Како оној пат кога ми рече: „Добрите мајки не ги тераат децата да јадат грашок“ или кога ми рече дека моите веѓи изгледаат чудно. Ова последното сепак содржеше толку вистина во себе, што моето срце потона во лаптопот кој ми беше в скут. Помислив дека ќе добијам 5+ за балансирање на работата, родителството и сето помеѓу, но моето дете ми даде поразителна оцена.

Ме болеше срцето. Ја преведов реченицата на мојот син во „Мамо, за никаде си“. Се обидував да го направам нашиот живот во карантин добар, да изгледа дека ништо не е мачно, со сите тие обврски и чудни нови распореди. Сметав дека добивам добри оцени сè додека коментарот на моето дете не ми даде увид во неговата перцепција оти всушност и не правам толку добра работа. Како не видов дека ќе се случи ова?

Дел од мојата работа како родител е да ги предвидам сите резултати со цел детето да биде безбедно и среќно. Мојот ум е како магичната 8 топка. Дали ќе биде во ред ако го оставам да јаде сладолед од таа кутија голема колку неговата глава? Мојот одговор е – не, кога ќе помислам дека вечерта ќе му биде мачно од толку многу шеќер. Со сите тие предвидувања што се дел од секоја одлука што ја носам, како го пропуштив разочарувањето на мојот син од мене?

Неговото разочарување доведе до поголемо разочарување кај мене од самата себе. Мојата цел секогаш била да му покажам на син ми дека сум мултитаскинг мајка која може да постигне сè – и уште подобро, да ме види дека ефикасно ги завршувам работите. Инстаграм-мајките печат колачи и домашен леб, додека помагаат во онлајн-наставата на децата и цртаат уметнички дела. Јас направив полн погодок што купував леб. Што ако всушност се вртев во круг? Сакав само да креирам „ново нормално“ кое ќе изгледа нормално.

А потоа мојот син ми направи „проверка на реалноста“. Бев толку фокусирана на поставување совршено ново нормално, што заборавив да бидам совршениот нормален родител кој му е потребен. Не сакав мојот син да ме знае како мајчинска фигура која се бори да му покаже лажна слика на совршеност. Тоа што се обидував да бидам совршена мајка за моето семејство ги оттргнува виталните аспекти од моите добри родителски вештини: забава, спонтаност и креативност – сите исчезнуваат поради она што се обидувам да го постигнам. На мојот син му недостигаат тие делови од мене и искрено, и мене ми недостигаат.

Затоа ќе станам најдобрата мајка со маани што можам да бидам. Сакам мојот син да сведочи на моите несовршености и да ме гледа како самата ги прифаќам, за да може да научи и самиот да ги прифаќа. Се надевам дека ќе поставам подобар пример бидејќи мааните и несовршеностите се тука да бидат прифатени, а не отфрлени.

Моето дете беше во право. Кога се обидувам да ја поставам сликата за мајка која може сè да постигне, јас сум за никаде. Па затоа ова лето правам пауза од совршеноста и оставам моите несовршености да излезат на површина. Тоа значи дека помалку време ќе поминувам во мултитаскинг, а повеќе со моето дете. Се надевам дека моето дете секогаш ќе чувствува колку прекрасно совршена е мојата љубов кон него, а ова мое предвидување повеќе е насочено кон позитивната страна –дека така и ќе биде.

Автор: Тонилин Хорнунг

Извор



912

X