Пред одредено време беше објавено дека во соседна Србија пристигнале родово неутрални кукли. „Родово неутралните играчки“, како што ги нарекуваат, предизвикале голема полемика во јавноста, поради грижата како овие играчки ќе влијаат врз развојот на децата. Поединци велат дека тие ги рушат стереотипите, а во медиумите се споменува тезата дека детето е слободно суштество, но дека има една апсолутна слобода и право самостојно да се определи на кој род ќе припаѓа, независно од тоа како е биолошки одредено со полот.

И тогаш, кога ќе дојде до проблеми во развојот и однесувањето на децата, родителите бараат помош од експертите. Затоа за оваа тема говори и професорот д-р Светомир Бојанин, детски психијатар, и неговиот долгогодишен соработник д-р Стеван Несторов, дефектолог.

– Играчките се за возрасните, децата не ги познаваат играчките. Децата сакаат да живеат и да го запознаат животот. Со својот допир, слух, поглед, детето ги прима впечатоците од светот. Сите тие впечатоци секој ден се сѐ покомплексни, детето ги вкрстува и создава облици кои постојат во животот. Детето се радува на тие облици. На децата треба да им се дадат вистински облици, облици од животот и не треба да се лажат од првиот ден. Важно е тоа што детето го има во рацете да личи на реалните работи од животот и да ги отсликува – смета Бојанин и објаснува зошто детето не може да согледа сѐ како што тоа го прават возрасните, па затоа е важно играчките да бидат јасни и разбирливи.

– Ние мислиме дека детето само игра, но тоа постојано проучува сѐ околу себе и се радува за тоа. Детето на возраст од една до четири години се воспитува под влијание на семејството и имитирањето на родителите. На тој начин детето се воспитува, а не со зборови, предавања и восхитување колку е убаво и паметно. Вистина е – детето сака да биде убаво, но повеќе сака да биде способно нешто да направи и да разбере – објаснува д-р Бојанин.

Д-р Стеван Несторов вели дека во ординацијата секој ден има по некој пример на погрешно воспитување и недоразбирање помеѓу родителите и децата и тоа го отежнува решавањето на примарниот проблем поради кој родителите го довеле детето.

– Мислам дека на родителите, кога ќе добијат дете, веднаш би требало да им се даде некое упатство за воспитување деца. Ние мислиме дека сето тоа се подразбира, но родителите прават неверојатни работи кои негативно се одразуваат врз развојот на децата. Кога детето нешто разбира, тоа го разбира на свој начин, а не на начинот на возрасните. Возрасните тешко го прифаќаат тоа. Возрасните треба да разберат дека детето не е човек во мало тело. Пред само неколку години му реков на професор Бојанин дека би било добро да напише некоја книга, упатство за родителите, а тој ми рече дека нема потреба и дека родителот треба само да биде нормален и тогаш детето ќе биде во ред, во таа смисла на воспитувањето. И потоа, кога професорот виде какви сѐ проблеми има во практиката, сепак, одлучи да напише една книга за родителите. Тоа е книгата – Пријателски разговори на детскиот психијатар со родителите и воспитувачите, која настана врз основа на долгогодишното искуство на проф. д-р Светомир Бојанин“.

Секоја лага е опасна

– Преку играчките детето учи да нѐ сака нас и светот во кој живее. Сѐ што детето ќе допре првпат, му е пријатно. Сето тоа околу себе детето го гледа како облик кој го потсетува на мајката или на некој од неговиот свет. На играчките им даваме наш лик на нашата култура во која живееме и тогаш детето ја сака таа наша култура како што нѐ сака и нас – објаснува Бојанин. Секоја лага е опасна. Машко-женска играчка е лага. Не може да биде тоа и истовремено да не биде. Животот ни дал подарок да бидеме радосни што сме машко или женско. Животот не направил забуна, подвлекува професор Бојанин.

Проблемот е што некои луѓе погрешно го толкуваат она што го гледаат, погрешно го разбираат и тоа им го пренесуваат на своите деца како модел на животот и начин на размислување, смета д-р Несторов.

– Децата ги впиваат родителите и затоа најважна задача на родителите е преку занимавање со детето, преку игра, да му помогнат да разјасни некои нејасни животни појави, да му помогнат да расудува, да ги проценува другите и неговите постапки. Сето тоа треба да биде на ниво на интересирањето на детето и можностите за разбирање, истакнува д-р Несторов, но во практика гледаме дека родителите им објаснуваат некои работи кои децата не можат и не треба да ги разберат, но мора да го послушаат родителот и тоа да го извршат. Еден од примерите е спречување на малото дете да ја допира струјата. Тука објаснување на може да помогне. Исто така, неодамна во ординација имаше родители кои донесоа дете кое беше облечено како да е најтопол летен ден, а надвор беше студено. Родителите беа по зимски јакни. Велат – детето не сакало да се облече. Таквиот однос кон децата е сигурен пат кон проблеми во подоцнежниот развој. Ние тоа го гледаме во практика – вели д-р Несторов.

Поважно од игри со играчки е децата нешто да прават и да помагаат по дома

Играчката е модел на животот, а детето се стреми сѐ да употреби преку игра. Гледаме дека се случуваат сериозни работи кои негативно влијаат врз развојот на децата. „Имавме пример на родители кои не им давале на децата воени играчки бидејќи сакале да станат добри луѓе. А потоа нивните деца, додека седат на маса, почнаа да прават мали бомби од леб и да се гаѓаат – истакнува д-р Несторов.

Професор Бојанин, пак, вели дека секое дете е желно за вистинското. Кога го сакаме и бакнуваме, ние мислиме дека тоа е љубов. Не мораме секогаш нешто да му купиме на детето. Не мора постојано да добива играчки. Не е неопходно да има многу различни играчки. Детето мора да разбере што се празници или посебни денови во семејството, денови кога едни на други си даваме подароци. Подароците можеме да му ги даваме на детето во тие посебни денови и на посебни свечености. Не секогаш.

Поважно од играта со играчки е децата нешто да прават. Според мислењето на д-р Бојанин, децата треба да работат нешто барем 5 минути дневно. За нив и тоа е игра. Како што растат, треба да работат и 10 минути. Па како што ќе растат натаму, сѐ повеќе ќе сакаат нешто да работат, ако на тоа ги навикнеме. Тоа за почеток се наједноставните домашни работи, да помогнат околу поставување на масата, собирање на сопствените работи, бришење прашина во домот… Детето едвај чека да го работи она што го прават и возрасните. Така детето се учи на животот, а за тоа служат детството и играта. Дури околу шестата година децата почнуваат да ја препознаваат врската причина-последица, почнуваат да ги откриваат животните закони и сами да донесуваат заклучоци. Дотогаш на сѐ ги учиме: што е големо и мало, опасно и пријатно, добро, лошо, убаво, грдо.

На крајот, проф. д-р Светомир Бојанин порачува: „Бидејќи возрасните се одговорни за воспитување на децата и нивниот непречен развој, мора да престанеме со глупостите и потребите на другиот да му ја наметнуваме својата искривеност на вистината, своите заблуди и својата реалност. На децата им треба мирен живот и добар пример кој ќе ги научи како се сака животот“.

Извор



912

X