Мајката и блогер С. Ивон напишала отворено писмо со намера да го насочи вниманието кон проблемот со кој многу мајки се соочуваат.
Тоа што го направил нејзиниот маж по 20-минутен безуспешен обид да го смири бебето, ја разбесни, па му го напишала следново писмо.

„Драг мажу,
Те молам, помогни ми. Ми требаш. Синоќа ми беше многу тешко. Те замолив да го причуваш бебето за да си легнам порано. Бебето плачеше. Го слушав иако бев на вториот кат. Стомакот ми се врзуваше во јазол додека се прашував дали треба да слезам долу и да те ослободам или едноставно да ја затворам вратата за конечно малку да поспијам. Ја избрав вторава опција.
По 20 минути влегуваш во спалната соба со бебето, кое вреска. Го спушташ во колепката и нежно ја туркаш кон мојата страна од креветот, а тој гест значи дека си завршил со бебето.
Ми дојде да ти се развикам и да се искараме како никогаш претходно. По цел ден јас го чувам бебето. Јас станувам ноќе за да го нахранам. Дали навистина не можеш да одвоиш неколку часа една ноќ за јас да поспијам? Зарем навистина премногу барам?
Знам дека јас и ти сме пораснати во семејства полни со стереотипи за родителските улоги, каде што мајката го одгледува детето, а од таткото не се очекува да го храни, да му менува пелени и сл. Нашите мајки биле машини. Готвеле, переле, ги воспитувале децата и не очекувале помош од мажите.

Гледам дека и ти сакаш такво семејство. Од мене се очекува да готвам, да чистам, да перам, да ги одгледувам децата и сето тоа откако ќе се вратам од работа. Гледам дека и моите пријателки се обидуваат да го направат сето тоа.
Често се прашувам како нашите мајки го постигнуваа сето тоа, а јас не можам. Можеби мајките туркале ден по ден, а потоа го потиснале сето тоа патење. А можеби јас не сум доволно добра. Што и да е, факт е дека ми треба помош.
Некогаш, како жена, се чувствувам како губитник затоа што барам помош од мажот за домашните обврски. Но, јас сум човек, а сум мртва уморна.

Наутро ми треба да го причуваш нашиот двегодишник додека јас сум со бебето. Навечер ми треба еден час тишина. И мене ми треба пауза во викендите, па макар да одам до продавница или да се прошетам низ населба. Некогаш ми треба само да ме прашаш дали сакам помош?
И на крај, ми треба да слушнам дека цениш сè што работам. Сакам да забележиш дека куќата ни е уредна, а вечерата е поставена на масата. Сакам да забележиш дека на работа се измолзувам за да го надојам бебето, иако би ми било полесно да преминам на адаптирано млеко.
Знам дека нашите родители не правеа така и би сакала да можам да постигнам сè сама. Но не можам. Човек сум, а не машина. Ако продолжам со ова темпо, ќе се распаднам. А кога ќе се случи тоа, ќе бидете повредени и ти и децата.
Зашто, да се разбереме, и јас ти требам тебе!“

 



912

X