Секогаш е корисно да разговарате со наставникот на вашето дете на родителските, а исто така може да биде одлична можност да дознаете повеќе за неговиот напредок. Овие состаноци се добра можност и за наставниците да дознаат повеќе за вас и вашиот однос со детето.

Наставничката Даниел Луон поминала девет години работејќи како професор по англиски јазик, предавајќи на сите возрасти од основно училиште, па до возрасни години. Оваа 38-годишна наставничка открила четири реченици кои родителите често ги кажуваат за своите деца, а кои би можеле да бидат предупредувачки знаци, а објаснила и зошто.

„Моето дете нема доволно самодоверба“

Ако родителот мисли дека неговото дете е срамежливо и несигурно, тоа може да биде од повеќе причини и важно е да се дојде до тоа што би можело да биде причина за таквата претпоставка. „Овој недостиг на самодоверба всушност може да биде затоа што ученикот не го разбира материјалот на часот и е премногу срамежлив да се вклучи. Може да има и инцидент во училиште што ќе му ја уништи самодовербата, па дури и може да биде знак на насилство затоа што не се чувствувал поддржан од своите врсници“, објаснува Даниел.

„Моето дете е понапредно од неговите врсници“

Во теорија, ова е добра работа – ако е вистина. Сепак, Даниел предупредува дека родителите го кажуваат тоа најчесто за децата на кои им е досадно на училиште. „Родителите би можеле да го кажат тоа ако нивното дете им каже дека му е досадно на училиште. Можеби решавањето на задачите му оди побрзо и полесно отколку на другите ученици. Понекогаш навистина станува збор за тоа дека ученикот е понапреден, но понекогаш учениците можат да го искористат тоа како изговор за мрзливост“, објаснува таа.

„Во некои случаи, ситуацијата може да биде сосема спротивна, а детето всушност се бори со материјалот. Затоа е важно родителите да соработуваат со наставникот на своето дете за да ја откријат вистинската причина“, додава таа.

„Моето дете претпочита самотија“

Родителите често сметаат дека ова е причина за загриженост, но обично не е ништо за грижење, вели Даниел. „Кога родителите му го споменуваат ова на наставникот, тоа често значи дека родителот е загрижен оти неговото дете не се поврзува со другите или не се дружи правилно со другите деца. Во реалноста нема ништо лошо во тоа да се природно интровертни бидејќи овие деца често имаат тенденција да развиваат високо ниво на креативност и имагинација. Сепак, на училиште, а и подоцна во животот, ќе мора да се навикнат на повремена работа во групи и затоа треба да работите со детето за да го извлечете максимумот од тоа“, објаснува таа.

„Моето дете не кажува како му оди на училиште“

„Доколку вашето дете не ви зборува за училиштето, тогаш постои можност да не ужива во тоа и да не се поврзува добро со одреден предмет или други ученици. Меѓутоа, ако детето штотуку тргнало на училиште, тоа би можело да биде сосема нормално и не е причина за посебна загриженост“, вели Даниел, објаснувајќи дека тоа е затоа што помалите деца често не можат да се сетат што правеле на училиште или имаат премногу работа. Искуства кои едноставно не сакаат да ги споделат со своите родители.

„Меѓутоа, ако се постари и сè уште не сакаат да кажат како им било на училиште или барем што правеле тој ден, можеби едноставно не уживаат во часовите или има некој друг, посериозен проблем. Во тој случај се обидуваме да откриеме за што точно се работи за да го решиме можниот проблем“, додава таа.

Извор



912

X