Една група е веќе петта година со нас. Децата пораснаа со нас и се вистински актери. Програмата е иста и откако почнавме онлајн, само малку изменета во задачите и реализацијата. Во суштина разликата е во тоа што не правиме претстави во живо, туку преку видеа раскажуваме одредена приказна. Децата сега имаат друг предизвик, да застанат пред камера и да ни го задржат вниманието како гледачи

– Значи дечки, дали сите се конектиравте? Не, не чекајте кај мене има „фејл”. Некој ме „кикна” од платформава, па сега пак ќе се „џојнам” на „кол”. Добро, ајде „одмјутнете“ се сите, па да почнеме со часот. Вака изгледа почетокот на еден час за време на пандемија кај Теа Беговска и Миа Кантарџиева во детското младинско драмско студио „Сцена”. Часовите веќе втор семестар се одржуваат исклучиво онлајн, инаку ова е петта година по ред како „Сцена” ги воведува децата во убавиот свет на драмската уметност.

Предизвиците во водењето драмско студио преку онлајн-платформа се големи. За Теа и Миа, крајниот резултат е тој што ги оправдува напорите. Чувството кога децата преку вештините стекнати на часовите ќе ја „истурат“ својата фантазијата на хартија, а подоцна и ќе ја одиграат на годишните претстави што ги приредува студиото, за нив две е непроценливо.

– Драмската уметност е жива уметност. Многу е тешко да не се гледа партнерот в очи, да не може да се допре, а притоа да се одигра некоја сцена со него. Децата речиси секој час прашуваат кога ќе почнеме со часови во живо. Гледаме онлајн-часовите да ни бидат динамични и постојано им задаваме задачи на децата со цел да се воспостави една атмосфера како да сме сите заедно физички во една просторија. Предност во онлајн-работењето е што можеме повеќе да се концентрираме на игра пред камера – вели Миа, која инаку е дипломиран актер.

– Голем е предизвикот да се биде креативен онлајн, а сепак да се задржи суштината на театарот. Пробуваме да работиме креативни задачи кои повеќе се за пред камера. Целта е децата да создадат нешто свое, снимајќи се и размислувајќи сами за поставеноста на камерата, за својот костим, за просторот итн. – се надоврза Теа, која потекнува од актерско семејство, а инаку е дипломирана режисерка и е редовно вработена во Драмскиот театар.

Пишаниот збор е во центарот на вниманието на часовите во „Сцена”. Миа и Теа постојано ги охрабруваат децата да читаат што е можно повеќе книги, особено тие што се тема на обработка на часовите. На тој начин децата полесно ги совладуваат зададените задачи, а понекогаш и сами ги пишуваат текстовите за годишните претстави на студиото. Од минатиот семестар, претставите се во вид на видеа, кои секој ученик посебно си ги креира и снима по дома. Целта е да се подигне нивото на креативност кај децата, особено во овие услови на онлајн-настава, која сама по себе е преседан, барем кога станува збор за изучувањето на драмската уметност.

– Еден од нашите методи на работа е децата сами да си ги пишуваат текстовите и да бидат креативни од секој аспект, да создадат нешто од деца за деца, и од деца за возрасни. Можам да кажам дека од децата учам многу мудрости што сум ги заборавила. Тие се толку искрени што секогаш отворено и директно си го кажуваат своето мислење. Часовите толку брзо ни поминуваат, што некогаш немаме време да стигнеме да завршиме сè. Иако се пред компјутер, на децата им даваме задачи со кои ќе бидат и физички активни. Да го користат просторот дома и предметите што им се на располагање. Некогаш ги активираме и родителите. На пример, да одат да ги прашаат нешто, да им кажат нешто. Нешто што би ни служело за темата на часот – вели Теа.

– Дел од нашата работа е да работиме на нивната дикција и литературното изразување, кое е неопходно во оваа професија. Од овој семестар работиме и со лектири. Сметаме дека ако децата си прават претстави од лектирите, полесно ќе им биде читањето книги понатаму. Имаме идеја во наредниот семестар да почнеме и со сценско движење, нешто што вообичаено се изучува во нормалните часови во живо. Тоа ќе се одвива со давање одредени вежби кои би им користеле во онлајн-претставите, но и во живо – додава Миа.

„Сцена” почна со настава во септември 2016 година. Студиото прима деца од 8 до 18-годишна возраст. Децата се поделени во три возрасни групи и се работи по методологијата што се изучува на факултетите за драмски уметности, приспособена според возраста на децата. Моментално се работи онлајн со 20 деца. На крајот од секој семестар се организираат претстави. Убав показател за досега вложениот труд на Миа и Теа се нивните поранешни ученици Петар и Ана. Тие беа дел од првата генерација на „Сцена”, а сега се на драмски студии надвор од државата.

– Еден убав ден во едно театарско бифе, правејќи си муабет за тоа колку сакаме да им пренесеме знаење на помладите, дојдовме до идејата да отвориме студио. Тука многу ни помогна Ирена Лозинска, која тогаш имаше свое балетско студио и ни отстапи простор, за потоа со Миа да дојдеме и до свој простор. Низ годиниве пораснавме во студио кое направи многу претстави, а особено сме горди на нашиот проект „Театарски речник од деца за деца“ и секако на нашите членови Петар и Ана, кои се запишаа на факултет за актерска игра – вели Теа.

– Читав општа психологија за деца и текстови за комуникација и пристап со деца од различна возраст. Разговарав со негувателки од градинки и професори од драмски факултет со цел да се подготвам пред да почнеме со „Сцена“. Со текот на работата само ни се потврди тоа дека секое дете во себе има еден уметник или актер, но за жал тоа со текот на времето знае да се изгуби. Наша задача е да се задржи таа детска невиност, фантазија и креативност кај нив. Тоа би им се нашло понатаму ако сакаат да станат и професионални актери – надополнува Миа.

Теа и Миа се едногласни дека колку што им имаат пренесено знаење на децата, толку и имаат научено од нив. Кај нив на час нема оценување и сите се другари. Целта кај двете е да се разбуди скриената актерска жичка што ја носат децата, кои со самото запишување во „Сцена“ веќе покажале љубов и интерес кон оваа уметност.

 



912

X