Повремено работам со семејства каде што училишниот успех се влошува, а родителите се изморени од борба и расправии со своето дете околу домашната задача. Често истите овие семејства се борат и со проблеми во однесувањето и едноставните дневни рутини, како будење на децата и воведување ред во денот. Промените што ги направија училиштата како одговор на пандемијата подобрија некои од проблемите за време на онлајн-следењето на наставата, но не целосно. Во многу семејства, другите домашни одговорности долго време се напуштени поради тешкото справување со негативните емоции и потрошената енергија. Во зависност од возраста на детето, оваа ситуација сега бара значителен напор за подобрување на негативниот аспект. Многу родители се прашуваат каде згрешиле и се збунети во однос на тоа што да направат следно. Не откажувајте се!
Учење на неодговорни постапки, кога не сме имале таква намера
Ако се фокусираме на дете кое сега има пропусти и бележи лоши резултати, крајниот исход би бил поразителен, па тоа може да предизвика негативни емоции. Сите се соочуваме со промени поради појавата на кризата. Но, самодисциплината е крајниот заштитник на иднината на вашето дете! Моменталната култура го поддржува гледиштето дека родителите треба да го охрабруваат детето да ги заврши задачите и дневните рутини. Мајката и таткото треба постојано да прават повеќе и повеќе додека детето прави помалку. Ова е трагична грешка бидејќи е спротивна од самодисциплина.
Само оваа недела слушнав коментари од типот: „Сè правам за него. Не сака да направи ништо што ќе побарам од него. Па зошто да не му се развикам, толку е неодговорен!“ Таквите ситуации се совршен пример за тоа што се случува кога ние како родители ги преземаме сите тешки обврски и одговорности на наш грб. Децата сфаќаат дека тие работи се ваша задача, па се потпираат на тоа. Затоа е залудно што ќе му кажеме на детето, бидејќи нашите дела го учат да биде неодговорно. Со самодисциплината доаѓа наградата – труд и резултати. Тогаш животот станува пријатен циклус кој дава сè повеќе позитивни резултати.
„Отровни“ модели
Многумина од нас се среќници. Нашите деца се паметни, талентирани и способни. Со тие особини доаѓаат и одредени тенденции кои ќе го поткопаат нивниот долгорочен успех. Тоа се отровни сегменти за развојот на самодисциплината. Ова се некои од моделите на кои мораме да обрнеме внимание:
– Малку вложен труд во домашната задача.
– Презир кон училиште или академици или домашни задачи или каква било одговорност.
– Одложување на домашните задачи или проекти, но сепак мајката го завршува тоа.
– Каде и да се свртиме, мајката или таткото работат повеќе за успехот на децата отколку самите тие.
– Давање изговори (во кои веруваме или им ги дозволуваме), но ние се засилуваме за да ги завршиме обврските.
– Ставање на спортот, играта, видеоигрите или ТВ пред домашната работа или одговорностите.
– Очекување децата да го направат тоа бидејќи тие рекле дека ќе го сторат тоа. Потоа само им викате.
– Верување дека работата на наставникот е да едуцира за дисциплината.
– Добрите оценки доаѓаат лесно, со малку труд.
– Спиење или чекање до последен момент за сè.
– Лаги во врска со домашните задачи.
– Одлични деца и одлични односи, но слабо вложување труд, а тоа од вас е прифатено.
Што можете да направите ако ги согледате овие модели?
Прво, мора да признаете дека самодисциплината мора да биде тешка. Потоа, можете да го научите детето на истата само ако сте му вие пример. Ако ги занемаруваме неодговорните навики на децата и само пристапуваме кон викање, притискање, па дури и ги завршуваме нивните обврски, тогаш креираме неизбежен систем кој е предодреден на неуспех. Тоа мора да се промени.
Второ, самодисциплината е предвидлива ако имаме јасен систем на родителството. Речиси е гарантирано дека нашите деца ќе станат спротивно од дисциплинирани ако ние ги преземаме нивните одговорности. Системот не мора да биде комплексен, но треба да биде во согласност со тоа како функционира реалниот свет. Со други зборови, системот треба да ја одразува реалноста. Големи предности се интелигенцијата, шармот, талентот во реалниот свет, но ќе вродат со плод само кога се комбинирани со одржливо вложување труд.
Затоа, системот што ќе го присвоиме не треба да подразбира награди за малку сработено или за воопшто сработено. Ако го правите тоа, ќе го посеете семето на мислата: Заслужувам сè иако дадов многу малку.
Започнете денес со креирање целосен систем и сфатете дека притисокот и викањето не се дел од родителските системи. Тие нешта се уништувачи на самодовербата и односите. Затоа земете го предвид досега напишаното и креирајте средина во која ќе има позитивни резултати, а следствено на тоа и зачувување на односите со децата, како и подобрување на нивната самодоверба.
Автор: Д-р Ренди Кејл