Едно ново истражување ќе ве натера двапати да размислите пред да почнете да му викате на својот сопруг пред бебето. Всушност, студиите потврдуваат дека бебињата знаат дали возрасниот човек е склон на лутина и можеби ќе се обиде да го промени однесувањето за да го смири тој човек. „Нашето истражување посочува дека бебињата ќе направат сè што можат за да избегнат да бидат мета на бес. Во оваа млада доба веќе развиле начин да останат безбедни. Тоа е паметен, приспособлив одговор“, објаснува водечкиот автор Бети Репачоли од Институтот за учење и науки за умот (Универзитет во Вашингтон).

Еве што забележале истражувачите откако во два одвоени експерименти следеле стотина деца на возраст од 15 месеци. За првиот, чии резултати се објавени во списанието „Развојна психологија“, целта била да се изложи бебето на гневот на непознато возрасно лице – некој што бебето не го познава, лице кое комуницира со другите и ќе види како бебето ќе реагира. Сè било едноставно: родителите го држеле бебето в скут, а спроти нив стоела непозната личност која играла со играчки. Тогаш непознатото лице би реагирало неутрално или би било огорчено или бесно. Кога истражувачите му дозволиле на бебето да се сврти кон играчката, забележале нешто интересно. Помалку веројатно е дека бебињата сакале да играат со играчката на која непознатата личност негативно реагирала и не го имитирале начинот на игра. Но, кога реакцијата била неутрална, бебињата играле со играчката онака како што било прикажано. Уште пофасцинантно: непознатото лице се вклучило и во вториот круг на играта и тоа со онаа играчка на која се налутило, но овој пат играло неутрално. Без разлика, бебињата и овој пат ја исклучиле таа играчка. „Тоа е како бебето да не верува дека непознатото лице сега е мирно. Еднаш кога бебињата ќе откријат дека некој е склон кон гнев, тешко им е да го отфрлат тоа. Тие го прифаќаат пристапот – подобро да се спречи отколку да се лечи – и нема да ризикуваат иако е очигледно дека ситуацијата се променила“, објаснува Репачоли.

Второто истражување, кое е објавено во списанието „Инфанси“, е надградување на првото. Овој пат експериментаторот направил многу примамливи играчки за бебињата и им било овозможено прво да играат со нив. По кратко време непознатото лице побарало малку да си поигра со таа играчка. И сега станува интересно: 69 отсто од бебињата што биле сведоци на лутината на непознатото лице ја превртиле играчката. Од друга страна, само 46 отсто од бебињата ја споделиле играчката со непознатото лице чиј пристап претходно бил неутрален. „Бев толку изненадена кога видов како бебето ја дава играчката – тоа беше случај како да им се допаѓа или како да прават компромис со возрасното лице. „Не сакаа да ризикуваат лутата личност од претходно повторно да се налути. Не постапија така со другото возрасно лице што не покажало бес“, вели Репачоли.

Заклучок: Мораме да бидеме свесни како реагираме пред своите бебиња. Како што вели Репачоли: „Нашите студии покажуваат дека бебињата се многу погодени од лутината на другите луѓе. За родителите е важно да бидат свесни колку е силна таквата емоција за бебињата“.

Автор: Мелиса Вилетс

Извор



912

X